Македонија
Координативна средба за името
Претседателот Бранко Црвенковски и премиерот Никола Груевски денеска попладне ќе се сретнат во претседателскиот кабинет на координација на ставовите околу последниот предлог на медијаторот Метју Нимиц во спорот за името
На средбата најверојатно ќе бидат присутни и преговарачите Никола Димитров и Мартин Протуѓер. На неа, според плановите, државниот врв треба да излезе со решение и одговор на последниот пакет на Нимиц според кој се предлага широка меѓународна употреба на името Северна Македонија и се задира во националниот идентитет на Македонците. Иако двајцата највисоки државни функционери, и покрај претходните различни позиции, се изјаснија дека се неприфатливи последните решенија и предлози на Нимиц, сепак тие минатата недела не договорија одговор за медијаторот. Македонската страна тактизираше со оглед на тоа дека и официјална Атина не даде одговор, а Нимиц заминал на одмор. На средбата за два дена Црвенковски и Груевски ќе треба да одлучат дали предлогот целосно ќе се одбие или, пак, ќе се дадат крупни забелешки. Дипломатски извори тврдат дека и оваа координација може да биде неуспешна поради тоа што Груевски цврсто инсистира на двојната формула што би значело целосно одбивање на предлогот, додека пак Црвенковски би одел на крупни забелешки на предлогот “со цел македонската страна да покаже конструктивност“. Министерот Милошоски, вчера по повод празникот 23 Октомври, оптимист за успехот на денешната средба. „За последниот предлог на Нимиц ќе има координативна средба помеѓу Премиерот и Претседателот и тогаш ќе се изгради стави по однос на овие предлози“, најави Милошоски. Прашањето за името, освен од државниот врв, ќе биде разгледувана за прв пат и од страна на пратениците. После несогласувања и координации помеѓу партиите на власта и опозицијата, претседателот на Собранието Трајко Велјановски објави дека Резолуцијата за името поднесена од НСДП и СДСМ ќе биде последна точка на 27 седница која е во тек и дека за неа ќе се расправа во текот на наредната недела.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) СДСМ бега од темата Груби и од борбата против корупцијата, рече Петрушевски
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција оцени дека Социјалдемократскиот сојуз, како што рече, бега од темата Груби, и наместо да го поздрави справувањето со криминалот, нуди приказни за театар и циркус.
„Времето покажува дека на СДС – безрбетна најдобро ѝ оди кога нешто треба да се продава, распродава и да се мести. И тоа е така без разлика дали тоа е местење на тендери или продавање на државата“, изјави Петрушевски.
Тој рече дека партијата наместо да поздрави, како што наведе, „чин на справување со незаконити дејствија, криминал, фаќање на лица кои бегаат или бегале од правдата“, се занимава со други теми.
„Очигледно е зошто го прават тоа, веројатно затоа што во конкретниот случај со Артан Груби не можат ни да се сетат во што се биле заедно вмешани, во какви зделки, коруптивни активности или криминал. Поточно во што се шурувале“, изјави Петрушевски.
Тој додаде дека актуелното раководство на СДСМ, меѓу кои ги спомена Венко Филипче, Оливер Спасовски, Јованка Тренчевска и Јон Фрчкоски, „кажуваат секојдневно некакви приказни“, но дека суштината, според него, е борбата против корупцијата.
„Професионална, координирана активност на надлежните служби за да се фати бегалец од правдата покажува на дело дека сега борбата со корупцијата и криминалот е решителна“, изјави Петрушевски.
Тој нагласи дека за ВМРО-ДПМНЕ клучна е борбата со корупцијата и криминалот и, како што рече, „поставувањето на здрави темели на начелото на владеење на правото“.
Македонија
Кардиологија и Кардиохирургија стануваат еден центар: заштедите од спојувањето ќе одат во опрема и едукација, најави Алиу
Владата на последната седница, која се одржа минатиот вторник(24.02.2026), на предлог на Министерството за здравство, донесе одлука за спојување на Клиниката за кардиологија и Државната клиника за кардиохирургија, со цел обезбедување повисок степен на интегрираност, координација и ефикасност во третманот на пациентите со кардиоваскуларни заболувања, преку рационално искористување на постојните човечки, просторни и технолошки ресурси на двете установи.
„Со донесената одлука за спојување на двете клиники формираме единствен центар на терциерно ниво за кардиоваскуларна медицина, кој овозможува континуитет на дијагностичко-терапевтскиот процес, од превенција и дијагностика, до интервентен и хируршки третман. Преку укинување на административните дупликати и оптимизација на организациската структура, создаваме предуслови за заштеда на средства кои ќе се реинвестираат во унапредување на квалитетот на услугите, модернизација на медицинската опрема и професионална едукација на кадарот“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
На овој начин ќе се овозможи подобра искористеност на капацитетите, односно зголемен број интервенции со интеграција на лабораториските, стерилизациските и операционите служби. Пациентите ќе добиваат комплетна кардиолошка и кардиохируршка грижа во рамки на единствена установа, без административни пречки и чекање трансфер, што значи поголема достапност и континуитет на здравствените услуги.
Воедно, спојувањето на клиниките ќе придонесува кон развој во сегментот на едукација и истражување, со креирање обединет академски центар со повеќе можности за обука на специјализанти, супспецијализанти и развој на научни програми.
Македонија
Исчистен просторот кај СЦ „Борис Трајковски“, подигнати 3.500 м³ отпад за 100 дена
Општина Карпош спроведе сериозни активности за уредување на јавните површини. Дивите депонии на повеќе локации се расчистени, а просторот околу Спортскиот центар „Борис Трајковски“ е целосно исчистен. На потегот кај „Скупи 5“ и кон Бардовци се подигнати над 3.500 кубни метри отпад, информираат од општината.
Покрај тоа, од општината велат дека се реализирани повеќе од 50 интервенции на јавното осветлување, спроведена е редовна дератизација и одржување на противпожарната инфраструктура во училиштата и градинките. Исто така, објавен е повик за стерилизација на улични мачки, а во училиштата започнаа активности за производство на компост и намалување на аерозагадувањето.

