Македонија
Коперникански пресврт

Сега Атина ќе се однесува многу “лежерно” во преговорите, врз основа на концептот дека времето работи за нив!
Дојдовме до точка која може да се означи како коперникански пресврт во преговорите, целосно по наша вина, зашто систематски ја упропастувавме нашата меѓународна позиција, а политичкиот примитивизам и насилство на изборите беа само поклопка и дополнителен адут, во и онака силната грчка рака.Минатата недела во Њујорк, по ветото на Грција на Самитот на НАТО во Букурешт и предвремените избори во Македонија, продолжија средбите на медијатарот Метју Нимиц со амбасадорите Никола Димитров и Адамантиос Василакис за изнаоѓање на заеднички прифатливо име. Преговорите за името по ветото во Букурешт се во нова фаза, за жал, многу понеповолна за македонските позиции. Грција го издржа притисокот на американската администрација и сепак го блокира приемот на Македонија во НАТО, иако со тоа директно го загрози стратегискиот проект на Американците за проширување на јужното крило на Балканот. Откако оваа грчка блокада помина, притоа собирајќи зад својата позиција многубројни моќни европски сојузници, пред сè Французите, чиј претседател Саркози станува дегутантен и смешен со начинот на поддршката за Грција, владата на Караманлис, нема сомнение, планира да го блокираат и влезот на Македонија во Европската унија. Таму, според последниот испад на министерката за надворешни работи на Грција, Дора Бакојани, јасно е дека Грците ќе го блокираат и добивањето датум за преговори, со што целосно сакаат да ги заглават македонските евроатлантски аспирации. Нашиот пријател, словенечкиот министер за надворешни работи, Димитриј Рупел, на состанокот на ЕУ во понеделникот, се обиде да издејствува Македонија да биде спомената во документот на ЕУ како земја која во 2008 година треба да добие датум за преговори, но г-ѓа Бакојани, веднаш остро се спротивставила на тој предлог, на што Рупел рекол дека не треба да се отвора “Дорината кутија” – отворено алудирајќи на Пандорината кутија на злото, што ја отвора неговата колешка од Грција со односот кон Македонија. Можеби е шармантно како Рупел го исмеа грчкиот ултрашовинизам, но тоа ни е слаба утеха, зашто нашиот јужен сосед бескрупулозно и ефикасно ги реализира своите надворешно политички приоритети во однос на Македонија и во НАТО и во ЕУ. Македонија сега го брка терминот 9-ти јули, кој е последен рок за да фати приклучок со Хрватска и Албанија и заедно со нив да влезе во НАТО, ако претходно успее да постигне компромис со Грција. Но, таа цел, во овој момент е речиси невозможна. Ако досега бевме скептични околу поканата за Македонија во НАТО поради крајно несмасната македонска надворешна политика која резултираше со фијаско, сега Грција е таа која докрај ќе ја искористи променетата состојба во однос на името. ГРЧКАТА ТАКТИКА Атина сигурно не брза да постигне договор со Македонија за нашата земја што побрзо да влезе во НАТО. Напротив. И уште повеќе, Атина има причина да одолжува и тактизира, одбегнувајќи брзо решение, чекајќи го исходот од претседателските избори во Америка и евентуалната промена на администрацијата – која би имала поголемо разбирање за грчките ставови. Грчките дипломати едвај чекаат да се ослободат од “филоскопјаните”, како што ги нарекуваат Даниел Фрид и Розмари ди Карло, луѓето што заедно со претседателот Буш ì го донесоа на Македонија признавањето на нејзиното уставно име од страна на Вашингтон. Дан Фрид беше човекот што ја нарече Грција “тигар од хартија” и кој тврдеше дека вревата од Атина не треба да вознемирува никого откако Вашингтон ја признае Македонија со уставното име. Грците сметаат дека дури и ако победи републиканецот Мек Кејн, секако во американскиот Стејт департмент ќе дојде нов тим од луѓе, кои допрва ќе треба да ги учат сите аспекти на спорот, што ќе одземе доволно време. За Грците сето тоа ќе биде добредојдено, а ако победат демократите Грција ќе слави, зашто Барак Обама во повеќе наврати најави поголемо разбирање за грчките позиции, односно отворена поддршка за Грција. Откако Атина успеа со ветото во Букурешт и дузината ситни блокади на Македонија на разни нивоа во ЕУ, јасно е дека ќе ја применува тактиката на континуирано вето, сè додека противникот сосем не отстапи. Ако до тоа не дојде, Атина не губи ништо, зашто Македонија е таа која ќе бара прием во евроатлантските интеграции. Така, сега Атина ќе се однесува многу “лежерно” во преговорите, врз основа на концептот дека времето работи за неа ! Дојдовме до точка која може да се означи како “коперникански” пресврт во преговорите, целосно по наша вина, зашто систематски ја упропастувавме нашата меѓународна позиција, а политичкиот примитивизам и насилство на изборите беа само поклопка и дополнителен адут, во и онака силната грчка рака. БАРАЊЕ КОМПРОМИС Всушност, Грција сега ќе го прави она што го правеше Македонија во изминатите 15 години. Ние водевме разговори за разликите околу името, без желба за компромис, сметајќи на тоа дека “времето работи за нас”, а во меѓувреме, се обидувавме да ги бајпасираме преговорите со десетици унилатерални признавања на уставното име. Стигнавме до бројката од 120, со уставно име нè признаа и трите водечки светски сили САД, Русија и Кина, а епилогот на таа тактика е блокада на Македонија во НАТО и ЕУ. Претседателот Црвенковски најави потреба од промена на стратегијата во преговорите со името, а ексминистерот Фрчкоски вели дека всушност уште пред Букурешт, де факто има таква промена во македонската надворешна политика. Но, сега позициите се тотално променети. Компромисни формули што ни беа нудени од Метју Нимиц, како, на пример, поволниот предлог Република Македонија–Скопје, со целосно зачувување на македонскиот идентитет, во 2005-та година грчката влада го прифати, но владата на Владо Бучковски го отфрли. Никола Груевски, тогаш во опозиција, не сакаше да слушне за овој предлог, кој го сметаше за многу лош. Да го добие сега, се разбира дека Груевски ќе го прифати со обете раце, но се плашам дека сега во преговорите ќе водиме борба за зачувување на македонскиот идентитет, околу што Грците веќе отворија полемика во европскиот парламент. Со други зборови, кога Нимиц нудеше за Грција чесен пораз, а за нас убедлива победа со минимална концесија, ние одбивме и успеавме залудно да го потрошиме огромниот капитал на американското признавање на Македонија. Откако станува јасно дека не може да извадиме ниту реми, најверојатно е дека спорот ќе се влечка уште многу време, на наша штета. Но, тука нема да може ништо да промениме, веќе не зависи од нас, зашто македонскиот идентитет е навистина црвена линија што не смееме да ја преминеме. Што се однесува до последните детали од преговорите, она што е новост е дека македонскиот тим е “засилен” со генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Протоѓер. Со оглед на фактот што човекот нема ниту минимално дипломатско искуство, јасно е дека беше испратен во Њујорк да го “варди” Никола Димитров, по неговиот последен конфликт со премиерот Груевски и да му послужи како опомена. Евентуално, присуството на Протоѓер може да се разбере и како манифестација на волја на македонскиот премиер за суштински разговори и брзо решавање на спорот. Но, доцна е. Веќе не сме во игра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Мицкоски е скапо платен спроведувач на интересите на држави кои не ѝ мислат добро на Македонија

За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план, станавме држава заложник на туѓи интереси, кажа претседателот на Социјалдемокртаскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на вечерашната трибина „Мугра на Слободата“, во Крушево.
Тој рече дека Владата на ВМРО ДПМНЕ од држава со јасна иднина напред, ја направи држава заложник на туѓи интереси.
„За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план. Од држава со јасна иднина напред, станавме држава заложник на туѓи интереси кои што ја раководат оваа власт преку финансиско заложништво. Мицкоски е скапо платен спроведувач на политики на држави кои не и мислат добро на Македонија, туку ја гледаат само како поле за своите геостратешки интереси“, рече Филипче.
Тој обвини дека Мицкоски со новите задолжувања направил вистинско предавство на интересите на државата.
„Долговите од 7 милијарди евра ќе бидат камен околу вратот за секој млад човек и за развојот на државата во следните 10 години. Ова е вистинско предавство на националните интереси, вистинско предавство на државата“, рече Филипче.
Во обраќањето пред присутните граѓани во Крушево, Филипче рече дека премиерот Мицкоски ја турка Македонија во амбисот на криминалот, корупцијата, самоволието, киднапирајќи ја европската иднина за државата.
Македонија
(Видео) Филипче: Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон

На вечерашната граѓанска трибина „Мугра на слободата“ која се одржа во Крушево, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во своето обраќање рече дека кумановскиот градоначалник Миксим Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон.
„Максим Димитриевски конечно се потврди за што е влезен во коалиција со Мицкоски и која беше неговата цел. Не била само поделбата на СДСМ. Негова цел била да се спаси од правен прогон. Скандалозно е и преседан е во судството на само еден ден од носење на пресуда обвинението против него да се повлекува. И ова е јасен знак дека тој е политички заштитен од Христијан Мицкоски и дека е сега негов вечен должник. Јасно е зошто тројанскиот коњ Димитриевски беше задолжен да го дели СДСМ. Сега повеќе никој не му верува“, рече Филипче.
Оценувајќи ги меѓупартиските релации, тој во своето обраќање партиите ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ги нарече колаборациоалисти.
„ВМРО-ДПМНЕ и нивниот привезок ЗНАМ се колаборационисти. Со години лажат и шират хистерија дека тие ќе се „бореле со Бугарите“, а впрочем тие се тоа. Нема кој нема бугарски пасош од нив и не е проблем да имаш бугарски пасош, од било која причина – економска, социјална или лична – но лицемерно е да се правиш патриот дека ќе се бориш против „бугарски диктат“ а да имаш фирми во Бугарија, државјанства, и разни други интереси. За нив може ЕУ, за другите не може“, рече Филипче.
Македонија
Мицкоски: Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок

Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок, најави премиерот и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната трибина во Струмица насловена „Една година ги градиме темелите на македонското земјоделство и храна“.
„Свесен сум дека мора да направиме и многу други работи. И работиме на тоа. Мора да се знае дека граѓаните ќе бидат на прво место. Затоа предвидуваме гаранција за услуга, во рок од 5 дена во сите општини и институции. Тоа нема да биде желба , туку закон. Секој граѓанин ќе добие одговор. Навреме, точно и без чекање. Ќе воведеме нова услуга каде администрацијата, за првпат, ќе биде таа што ќе го бара граѓанинот, а не спротивно. Ставаме крај на молкот, одложувањата и бирократската ароганција. Ќе обезбедиме гарантиран максимум на чекање во институциите. Ќе постојат јасни граници и секое прекршување ќе се казнува. Почит за времето на граѓанинот ќе биде основна вредност на новата јавна администрација. Ќе воведеме Јавна листа со времиња на чекање по сите здравствени установи. Транспарентноста ќе стане стандард, пациентите ќе знаат каде ќе добијат најбрза услуга“, кажа Мицкоски.
Тој истакна дека во образованието ќе се воведе предмет за изучување на вештачката интелигенција.
„Воведување предмет за изучување на вештачка интелигенција во образованието. Нема повеќе да учиме само за минатото, ќе ги подготвиме генерациите за иднината, за новата економија, за дигиталната ера што веќе тропа на вратата. Ова е визијата што ја градиме“, посочи Мицкоски.