Македонија
Генерално чистење во спортскиот центар во Шуто Оризари
Акцијата „Заедно за чисто и зелено Скопје“ денеска продолжи во општината Шуто Оризари со големо чистење на Спортскиот центар кој се наоѓа во близина на општинските бараки
Почетокот на акцијата за чистење го означија скопскиот градоначалник Коце Трајановски и градоначалникот на општината Шуто Оризари, Елвис Бајрам.„Акцијата за почисто Скопје во наредните три дена продолжува во општината Шуто Оризари. Со градоначалникот Бајрам се договоривме општината да обезбеди бунари за техничка вода за овој простор постојано да биде зелен, а Градот Скопје ќе донира клупи и корпи за отпадоци. Во овој центар граѓаните на Шуто Оризари ќе може да се рекреираат и да се одмораат во летните горештини. Во акцијата за чистење се вклучени сите јавни претпријатија, ќе се крпат ударните дупки, ќе се средува зеленилото и ќе се расчистуваат дивите депонии кои во оваа општина, за жал, ги има во поголем број. Се надевам дека во соработка со општината и со јавните претпријатија општината Шуто Оризари ќе ја направиме да биде пристојно место за живеење. Моја порака до граѓаните на Скопје е секој да придонесе за почисто и зелено Скопје. Чисто Скопје е обврска на секој жител на нашиот град. Со овие акции сакаме да дадеме порака дека сериозно ќе се зафатиме со решавање на овој проблем. На Координативното тело на градоначалници се договоривме да вработиме што поголем број комунални редари кои ќе ги казнуваат сите граѓани кои нема да се придржуваат кон Одлуката за комунален ред. Само така ќе успееме Скопје да го направиме зелено и чисто“, рече на стартот на денешната акција градоначалникот Коце Трајановски.Градоначалникот на општината Шуто Оризари, Елвис Бајрам, смета дека за три дена не може комплетно да се исчисти општината, но се надева дека со дополнителните вработувања кои ќе се остварат преку Агенцијата за вработување оваа општина ќе стане чиста и зелена. Акцијата за чисто и зелено Скопје од наредната недела продолжува во Општината Сарај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Првиот човек на НАТО доаѓа во посета на Македонија, Сиљановска-Давкова ќе го пречека со највисоки државни и воени почести
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре – 3 март 2026 година, вторник, ќе го пречека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој ќе престојува во официјална посета.
Генералниот секретар ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба и пленарен состанок на македонската и на делегацијата на НАТО.
Во рамки на програмата, предвидена е и заедничка прес-конференција со претседателката Давкова.
Ова е прва посета на Руте на земјата, откако ја извршува функцијата прв човек на Алијансата.
Фото: Depositphotos
Македонија
Ахмети со поддршка на САД: Нападите и дестабилизирачките акти на Иран не служат никому
Во овие времиња на предизвици за меѓународниот поредок и безбедност, нашата позиција е јасна и непоколеблива: целосна солидарност со Соединетите Американски Држави и со секој напор за заштита на глобалниот мир, стабилност и безбедност, вели лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во врска со последните случувања на Блискиот Исток.
„Алијансата со САД не е само дипломатска ориентација. Тоа е стратешка и вредносно заснована определба. Наш избор е да бидеме на страната на демократијата, основните слободи, владеењето на правото и меѓународната одговорност. Нашата земја, а особено албанскиот народ, добро знаат што значи американската поддршка во одлучувачки моменти од нашата историја, поради што дури и денес стоиме покрај нашиот најголем стратешки партнер. Нападите и дестабилизирачките акти на Иран што ја поткопуваат безбедноста на земјите од Заливот и ја загрозуваат кревката архитектура на мирот на Блискиот Исток не служат никому. Тие не служат на развојот, не служат на коегзистенцијата, ниту на легитимните аспирации на народите за просперитет“, вели Ахмети.
Тој додава дека секој режим што избира конфронтација наместо соработка и извезува кризи наместо дијалог се става во спротивност со духот на нашето време.
„Веруваме дека безбедноста во Персискиот Залив и Блискиот Исток е глобален интерес. Слободата на движење, енергетската стабилност, борбата против тероризмот и заштитата на меѓународниот поредок се споделени одговорности. Во овој контекст, улогата на Соединетите Американски Држави останува незаменлива како гарант на рамнотежата и фактор на стабилност. Албанците недвосмислено го избраа западниот пат. Ние сме дел од сојуз на вредности, дел од евроатлантската заедница и активни придонесувачи за колективниот мир и безбедност. Нашата поддршка за Соединетите Американски Држави е поддршка за побезбеден, поправеден и послободен свет“, вели Ахмети.
Македонија
Мицкоски во разговор со претседателот на ОАЕ: Нашите институции се целосно мобилизирани за навремена помош на македонските државјани
Институциите на државата се целосно мобилизирани и внимателно ја следат состојбата, со подготвеност за навремена помош, поддршка и евентуална асистенција доколку тоа биде потребно, рекол премиерот, Христијан Мицкоски, во телефонски разговор со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.
Тој изразил искрена солидарност со народот на ОАЕ и најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите од нападите.
„Нападите врз суверени држави и заканите кон цивилното население претставуваат грубо нарушување на меѓународното право и сериозна закана за регионалната и глобалната стабилност. Македонија, како членка на НАТО и стратешки партнер на САД, останува цврсто посветена на принципите на суверенитет и територијален интегритет. Во време на растечка неизвесност, неопходни се одговорност, координација со сојузниците и јасна определба за спречување на понатамошна ескалација. Во разговорот ја нагласив и потребата од засилена грижа и координација за безбедноста на македонските граѓани кои се наоѓаат во регионот. Информирав дека институциите на државата се целосно мобилизирани и внимателно ја следат состојбата, со подготвеност за навремена помош, поддршка и евентуална асистенција доколку тоа биде потребно“, вели Мицкоски.
Тој додава дека Македонија, во контекст на своите стратешки интереси и сојузништва, ќе продолжи да дејствува принципиелно, внимателно и одговорно, во интерес на стабилноста и безбедноста.

