Македонија
Ограбени 15 илјади евра од „ Уни банка“ во Мавровка
Продолжуваат ограбувањата на скопските банки во строгиот центар на главниот град. Овојпат на удар на ограбувачите утринава беше експозитурата на „Уни банка“ во ТЦ Мавровка
Двајца маскирани и вооружени разбојници утринава ограбиле експозитура на Уни банка во Скопје, однесувајќи околу 15 илјади евра.Според првичните полициски информации, разбојниците ја ограбиле експозитурата на Уни банка во трговскиот центар Мавровка околу 9.30 часот.Разбојниците вооружени со пиштоли им се заканиле на службениците и одзеле денари и девизи во вкупна вредност од околу 15 илјади евра, соопштија од Министерството за внатрешни работи.
Полициската истрага е интензивна и е во тек, а засилена е контролата на приодите во градот, изјави портпаролот на МВР, Иво Котевски.
“Од извршените разговори со вработените и со лицата кои биле во банката утврдено е дека напаѓачите не примениле сила и не пукале. Дел од лицата со кои што веќе е разговарано во исказите пред полиција велат дека не виделе оружје, односно не ги виделе пиштолите, бидејќи според некои од исказите, напаѓачите пиштолите ги држеле под јакните што ги носеле. Откако ги зеле парите, според досегашните информации, напаѓачите го преминале булеварот и се упатиле кон Универзитетската библиотека, каде во просторот зад Универзитетската библиотека ги чекало трето лице со автомобил и потоа заминале во непознат правец“, изјави Котевски.Очевидци се сведоци на настанот, а освен снимките од безбедносните камери на банката, полицијата ќе ги проверува и камерите на Универзитетската библиотека, бидејќи се верува дека разбојниците кога го преминале булеварот ги извадиле маскираните капи.Со ова продолжува серијата дркси грабежи на банките во строгото централно подрачје на главниот град. Околу 50 илјади евра беа украдени во спектакуларниот грабеж на ПроКредит банка, од пред два месеца, а во минатонеделниот ноќен грабеж на Инко штедилница беа украдени околу 200 илјади евра. Полицијата има приведени осомничени лица и за двата случаја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Жерновски: Не техничка пауза, туку предупредување е одлуката на САД за суспендирање на визите за македонските граѓани
Одлуката на Соединетите Американски Држави да ја суспендираат обработката на визи за македонските граѓани претставува политички сигнал и предупредување, а не техничка пауза, порача СДСМ на денешната прес-конференција.
Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски, изјави дека оваа одлука е аларм кој покажува дека политиките на изолација скапо ја чинат државата. Тој посочи дека премиерот Христијан Мицкоски изминатите 24 часа не дал одговор зошто Македонија се нашла на листата на САД.
„Во недостиг на неговото присуство, што би рекле од неговата партија, за уши го извади министерот за надворешни работи, Муцунски. Се случи уште една грешка, уште еден трагикомичен настап на политичар којшто многу зборува а ништо не кажува, персонификација на денешната киндер дипломатија. Мицкоски фактички го надмина својот претходник Груевски, кој заврши на црната листа, Мицкоски за жал ја стави целата држава на црната листа. Одлуката на САД да ја суспендираат обработката на визи за македонските граѓани не е техничка пауза, како што вели министерот Муцунски, туку политички сигнал, предупредување“, рече Жерновски.
Според Жерновски, одлуката на САД не треба да се релативизира, бидејќи, како што рече, станува збор за јасен дипломатски и политички сигнал дека Вашингтон внимателно ја следи состојбата во земјата и дека гледа проблеми во функционирањето на институциите.
Тој оцени дека, наместо најавуваните „одлични и специјални односи“ со САД, Македонија завршила, како што рече, во „периметарот на Сомалија“ и во категорија „трет свет“, што, според него, ја зголемува недовербата на граѓаните и ја влошува економската перспектива, особено за младите.
Жерновски наведе дека САД испраќаат порака дека не се задоволни од капацитетот на државата, дека постои недоверба во институциите, особено во безбедноста и документацијата, како и дека се очекуваат реформи кои не се спроведуваат.
Во продолжение, тој оцени дека надворешната политика на Владата е сведена на активности на најблиските соработници на премиерот, посочувајќи го Иван Стоилковиќ, за кого рече дека има врски со структури блиски до Русија.
СДСМ обвини дека паралелно се води и анти-ЕУ кампања, при што, наместо реформи, намерно се отвораат судири со соседите Грција и Бугарија и повторно се отвораат затворени прашања, со цел да се оправда изолацијата на државата.
Според партијата, мерката на САД е дипломатски сигнал и политички аларм кој укажува каде реално се наоѓа Македонија на меѓународната мапа. Во тој контекст беше спомнат и најавениот Закон за Западен Балкан, насочен кон борбата против криминалот и корупцијата.
Од СДСМ порачаа дека ќе продолжат, како што рекоа, јасно и гласно да ја разоткриваат, според нив, опасната агенда на Владата и политиките кои ја носат државата во изолација и го загрозуваат стратешкото партнерство со САД.
Македонија
Запленети пиштоли, едно лице е во притвор, спречен обид за сериозен меѓународен криминал, соопшти Царинската управа
Царинската управа соопшти дека е спречен обид за сериозен меѓународен криминал, при што биле запленети девет пиштоли од кои пет со голема пробивна моќ, а едно лице, македонски државјанин, е лишено од слобода и се наоѓа во притвор.
„Делото е откриено во вторникот вечерта од страна на царински службеници на граничниот премин Богородица, на излез од државата, при детален претрес на возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин при што во кровот, помеѓу лимот и тапацирот, се пронајдени пиштоли од марката „Црвена Застава“.
Случајот е предаден на Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, кое го лиши од слобода лицето, и по преземање предистражни дејствија против него е поднесена кривична пријава до ОЈО Гевгелија за сторено кривично дело „неовластено држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“, казниво согласно Кривичниот законик. По наредба на јавен обвинител, лицето се наоѓа во притвор, а истрагата е во тек“.
Македонија
Земјотрес од Албанија почувствуван во Охрид и Струга
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија денеска во 11 часот и 28 минути регистрира земјотрес со епицентар во соседна Република Албанија, на околу 155 километри југозападно од Скопје.
Како што информира Сеизмолошка опсерваторија при Природно-математички факултет, земјотресот имал локална Рихтерова магнитуда од ML 3,8.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, потресот бил почувствуван во Охрид, Струга и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Од Сеизмолошката опсерваторија апелираат граѓаните кои го почувствувале земјотресот, за потребите на сеизмолошките истражувања, да го пополнат прашалникот за почувствуваност на официјалната интернет-страница на опсерваторијата или да се јават на бројот 112.

