Македонија
Или ќе биде по мое или никако поинаку!
Стевче Јакимовски, градоначалник на Карпош
Советот на Општина Карпош, а сигурно и ниту една друга општина во Република Македонија досега не била сведок на еден ваков настан и едно такво самобендисано и арогантно однесување на еден градоначалник, како што тоа го направи г-динот Јакимовски на последната петта седница на Советот на Општина Карпош одржана на 13.07.2009 година.Имено, после разгледувањето на предлог-дневниот ред составен од 13 точки за расправа за оваа седница, неколку советници дадоа предлози, шест од точките да се тргнат од дневниот ред и нивното разгледување да се одложи за наредна седница на Советот која ќе се одржи после годишните одмори во месец август. Предлозите беа од страна на советниците од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а како причини беа наведени: немањето целосни информации и потребата од дополнителни информации за да се расправаат за точките од дневниот ред, како и неодржувањето на седници на соодветните комисиите задолжени претходно да ги разгледаат материјалите и да дадат мислење по истите. После ваквите предлози, на сцена настапи г-динот Јакимовски. Во еден доста агресивен настап, тој ги убедуваше советниците зошто било потребно, токму сега и токму на таа седница, да се разгледуваат и да се одлучува по сите предлог-точки на дневниот ред. Неговиот настап испровоцира серија дискусии помеѓу советниците и градоначалникот и евидентно ја наелектризира атмосферата на самата седница. Притоа, стана јасно дека не само советничката група предводена од ВМРО-ДПМНЕ, туку и групата на независни советници е со став дека на оваа седница не треба да се расправа по однос на дел од спорните точки. По гласањето, пет од тринаесетте точки беа повлечени од дневниот ред за седницата. И кога советниците требаше да гласаат за предложениот дневен ред и да пристапат кон разгледување на преостанатите точки, г-динот Стевче Јакимовски, крајно непотребно и избрзано, излезе на говорница и кажа: “ГИ ПОВЛЕКУВАМ И СИТЕ ОСТАНАТИ ТОЧКИ ОД ДНЕВНИОТ РЕД“. Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ побара градоначалникот да не носи таква избрзана одлука и предложи пауза од половина час, после која би продолжила седницата, но Јакимовски категорично одби да ја повлече својата одлука и седницата беше прекината.И ШТО СЕГА Г-ДИНЕ ЈАКИМОВСКИ?ИЛИ ЌЕ БИДЕ ПО МОЕ – ИЛИ НИКАКО ПОИНАКУ! – Тоа ли е пораката која сакате да ја испратите до граѓаните и советниците во Општина Карпош? Дали беше повредена Вашата суета или, пак, имавте само лош ден. Ваквото нервозно и агресивно однесување не доликува на еден градоначалник.Вие мора да разберете дека покрај Вас, во Општината функционира и Совет со советници кои можат да имаат и друго и различно мислење од Вашето.Нашата советничка група не сака и нема да ја подели одговорноста со Вас, за несоодветни и избрзани решенија. Решенија за кои не сме целосно убедени дека се во интерес на граѓаните. Со пораката “Или ќе биде по мое – или никако поинаку!“, не придонесувате за соработка со советниците и ја “ставате под залог“ општината и интересите на граѓаните. Со почит,Советничка група на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕво Советот на Општина Карпош
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Полицајци, наставничка и пожарникар земале пари од граѓани за да им средат побрзо да извадат лични документи
Двајца полицајци, наставничка и пожарникар се осомничени за примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание односно за пари овозможувале граѓаните побрзо да извадат пасош, лична карта и возачка дозвола.
Полицијата поднесе кривична пријава против М.С., на работно место полицаец во Одделението за безбедност на патниот сообраќај во СВР Скопје, во моментот на сторување на делото со наредба распореден во Одделението за управни работи Скопје, П.П., на работно место полицаец во Единицата за интервентна полиција во СВР Скопје, В.Р., вработена како наставник во средно училиште во Скопје и А.С., вработен како пожарникар во Град Скопје.
„Пријавените во период од февруари до април 2024 година, заеднички, по претходен договор воспоставиле шема, на начин што организирале и спроведувале постапки за издавање на лични документи (лична карта, пасош и возачка дозвола), а со цел стекнување противправна имотна корист, така што трето и четврто пријавените наоѓале заинтересирани граѓани кои имале потреба од изготвување на лични документи, кои им ги доставувале нивните лични податоци во форма на фотографии на трето и четврто пријавените, а овие фотографиите ги испраќале на второпријавениот П.П.“, соопшти МВР.
Второпријавениот посредувал и интервенирал заинтересираните граѓани да ја започнат процедурата за издавање на лични документи, на начин што го поттикнувал првопријавениот М.С., кој како службено лице вршел дејствија на фотографирање и прием на барања, како негови редовни работни обврски.
„Наведените дејствија биле вршени врз претходен договор за одреден паричен надомест со точно утврдена цена, време и начин на извршување со јасно распределени улоги, создавајќи паралелен неформален начин на постапување со кој за паричен надомест овозможувале побрзо остварување на правото за јавна услуга, со намера да се стекнат со противправна имотна корист, нарушувајќи го принципот на еднаков пристап на граѓаните до јавните услуги“, соопштиа МВР.
Македонија
(Видео) Петрушевски: СДСМ со двојни аршини – против возење без дозвола, а гласаа против „Безбеден град“
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на прес-конференција изјави дека СДСМ и Венко Филипче применуваат двојни аршини во однос на прашањето за безбедноста во сообраќајот.
„Од една страна велат дека секој оној кој сака да вози без возачка дозвола треба да е санкциониран, а од друга страна гласаа против системот ‘Безбеден град’“, рече Петрушевски.
Петрушевски потсети дека СДСМ и Филипче гласале против проектот „Безбеден град“ во Собранието, додавајќи дека координаторот на нивната пратеничка група, Оливер Спасовски, кој е поранешен министер за внатрешни работи, не направил ништо поврзано со ова прашање за да ја зголеми безбедноста на граѓаните во сообраќајот.
Според него, во време на претходната власт не бил имплементиран ниту еден системски проект што ќе обезбеди дигитална контрола над сообраќајот, транспарентно санкционирање и реално намалување на сообраќајните прекршоци. Додаде дека проектот „Безбеден град“ не е партиска агенда, туку решение за заштита на животите на граѓаните.
Македонија
Воени возила и дронови во Охрид и Радожда, од утре обука на специјалците од војската на Белгија
Од 07 до 20 февруари 2026 година, на подрачјето на Охрид и струшкото село Радожда, ќе се реализираат активности за обука на специјалната единица на Армијата на Кралството Белгија, информира СВР Охрид.
Во рамките на вежбовните активности, предвидена е употреба и користење на артифиции, воени моторни возила, дронови, пловни и други средства.
Планираната обука на специјалната единица на Армијата на Кралството Белгија на подрачјето на Охрид и Струга, е во состав на вежбата „BEL-SOF Exercise 26” што ќе биде спроведена и на други подрачја во земјава.
„Апелираме до граѓаните на Охрид и Струга, да ги почитуваат насоките на полициските и армиските службеници кои, ќе се грижат за безбедноста на целокупното подрачје“, велат од СВР Охрид.
фото/Depositphotos

