Македонија
Законот за внатрешни, уште еден автогол пред Извештајот на ЕК?
По донесувањето на Законот за внатрешни работи, на вчерашната собраниска седница, опозицијата и понатаму тврди дека тој и овозможува на ВМРО-ДПМНЕ тајна полиција, а на ДУИ, партиски вработувања
Иако од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека немало никаков договор со ДУИ за да се натераат нивните пратеници да го гласаат вчера донесениот Закон, сепак за опозицијата ова е јасна порака дека во Македонија не функционираат законите, туку само коалиционите договори. “Вчера стана јасно дека ВМРО-ДПМНЕ не важи ниту Устав ниту закон ниту владеењето на правото, ниту па за нив е важно исполнувањето на европската агенда и носењето на што поквалитетни Закони во Република Македонија, за нив единствено важат политичките пазари со коалиционите партнери. Вчера, донесувањето на Законт за внатрешни работи значи за ВМРО-ДПМНЕ добивање тајна полиција, којашто ќе се користи во партиски цели и ќе нема никаква контрола, а за ДУИ нови партиски вработувања“, изјави денеска во Собранието, потрпаролот на СДСМ, Емилијан Станковиќ.Според него, како што ќе паѓа рејтингот на македонскиот премиер, така цената на ваквите пазари ќе стнува повисока и ќе оди на директна штета на граѓаните и на државата. Законот за внатрешни работи, кој пред еден месец беше повлечен од собраниска процедура, претрпе измени во делот за напредување во кариерата, но не и во делот за Управата за безбедност и контраразузнавање, што го бара опозицијата. Од власта тврдат, дека во изминатиов период имале многу средби со колегите пратеници од опозициските партии и дека вчера изгласаниот Закон е донесен консензуално, а дека за измени во делот на УБК потребно е повеќе време. “Сосема е јасно зошто беше повлечен Законот за внатрешни работи, всушност бил повлечен за да се договорат партиските вработувања помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. За жал во Република Македонија е фактот дека не функционираат законите во нашата држава туку функционираат договорите и тоа тајните договори меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ“, изјави Андреј Жерновски од ЛДП.Според него, ваквата постапка е уште еден автогол и тоа пред крајот на натпреварот, алудирајќи на кусото време преостаното за добивање на Извештајот од Европската Комисија, што треба да стигне во средината на октомври. “Овој закон беше посочен како закон којшто треба да не доближи до Европската Унија, којшто треба да ни овозможи позитивен Извештај и се разбира да ни овозможи добивање датум за преговори. Напротив ќе потсетам на шестата одредница од осумте односно деветте коишто ги имаше Република Македонија, каде што вели: Да се обезбеди вработувањето и напредокот на кариерата на државните службеници, да не бидат предмет на политичка вмешаност. Сосема спротивно на шестата одредница којашто беше услов, денеска слушнавме дека имаме вработување типично по партиска припадност“, рече Жерновски. Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ вели дека веќе подолго време се обидуваат во Собранието на да постигнат консензус со опозиоцијата околу Законот за внатрешни работи, укажувајќи дека делот кој го бара Европската Комисија е усогласување на критериумите за напредок во кариерата. “Во овој момент се бараше од нас од ЕК усогласување во делот за напредок во кариера и тоа се обидувавме во многуте средби коишто ги имавме со опозицијата да им укажеме, се со една единствена цел да можеме Законот да го донесеме заеднички со консензус, бидејќи немаше расположение од нивна страна, се бараше да се направат реформи во Управата за безбедност и контраразузнавање, а тоа не е можно да се направи брзо и временскиот период кој е потребен за извештајот на Европската Комисија, отидовме само на промени во тој дел со обврска во иднина да продолжи системот на реформа во внатрешнните работи, во другите работи од Законот“, изјави денеска Силвана Бонева.Според нејзе, Законот за МВР и реформите кои се бараат во УБК се многу опсежни и за нив е потребно подолг временски период, а за нив не треба да одлучува само Министерството за внатрешни работи, туку се работи за концепт на реформа на безбедносниот систем во која се вклучени и другите две Агенции. Бонева вели дека вчера побарала да се тргне Законот од дневен ред на вчерашната седница за да дојде министерката за внатрешни работи и заедно во еден неформален амбиент на заедничката координација со опозицијата сите да се информираат.“Од страна на министерката беше објаснето дека во проментие на законот токму во тој дел учествувал и претставник од страна на Европската комисија и дека тоа е тоа што го бара во менмтов Брисел од нас, но тоа не значи дека реформите и понатаму нема да продолжат во делот којшто ги интересира опозицијата а тоа е интерес и на другите пратеници во Собранието“, додаде Бонева.Таа не сакаше да одговара на прашања за тоа колку службеници напредувале во МВР, и колку од високите функции припаѓаат на лица од етничките малцинства. “Јас не можам да ви дадам одговор што се случува во министерството за внатрешни работи, колкав е процентот на раководни лица, коишто ги иаат претставниците на ДУИ, но знам едно дека сите ние треба да ги почлитуваме европските критериуми, и критериумите за напредок во кариерата кои се базираат на компетентност и на стурчност. Кај нас овој процес се усложни заради принципот на правична и етничка застапеност“, рече Бонева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

