Македонија
Следната зима без парно!?
Тендерот за снабдување со топлинска енергија пропадна, но РКЕ, најверојатно, ќе и’ наложи на “Топлификација” да продолжи со снабдување на граѓаните со топлина
Меѓународниот тендер што го распиша Регулаторната комисија за енергетика за да ги снабдува граѓаните на Скопје со топлинска енергија остана без одглас, односно никој не се јави во предвидениот рок до 10.јуни. Тендерот беше распишан затоа што „Топлификација” лани ја врати лиценцата за снадбудање, затоа што од таа дејност бележеше загуби поради, како што тие тврдеа, лошата методологијата за пресметка на цената.Forum.com.mk вчера ја посети Регулаторната комисија за енергетика. Претседателот Димитар Петров и комесарот Бранко Брајковски ни’ потврдија дека не размислуваат за распишување нов тендер за ова јавна дејност, туку дека водат интензивни контакти со Министерството за економија и градските власти, со среиозна намера до крајот на овој месец да и’ наложат на „Топлификација” и понатаму да го снабдува градот со топлинска енергија, согласно чен 51 од Законот за енергетика. “Топлификација” вчера ги доставила пресметките за снабдување до Регулаторната комисија, која треба да донесе конечна одлука откако ќе ги разгледа.”Не знаеме како ќе постапиме се’ додека не се обработат сите податоци. Бидејќи се работи за компанија што врши јавна дејност, „Топлификација” треба да продолжи со снабдување се’ додека некој друг не се пријави за лиценцата. Разврската ќе се знае до крајот на август, но работиме на тоа граѓаните зимава да не останат без парно греење” – вели Димитар Петров, претседател на РКЕ.Forum.com.mk денеска не успеа да стапи во директен контакт со Топлификација за да биде пренесен и нивниот став, иако се свесни дека Регулаторната комисија има мандат за да им нареди да продолжат со снабдување на топлинска енергија.”Но тогаш, тој што издал таква наредба ќе мора да ни ги покрие загубите. Ако беше едноставно да се работи, ние се’ уште ќе го снабдувавме градот со топлинска енергија. Кога никој не се пријавува на јавен повик, кој е отворен и за странци, тоа значи дека пропишаните услови се лоши. Неколку години предупредуваме дека методологијата е неисправна, но никој не обрнуваше внимание. Ќе се пријавиме на јавниот повик само ако се сменат условите пропишани во него” – беше вчерашното објаснување од „Топлификација”до јавноста. Според пресметките на компанијата, со новиот начин на наплата на испорачаната топлинска енергија собрале 3,5 милиони евра помалку отколку кога наплаќале паушално. Незаинтересираноста за снабдувањето со топлинска енергија, според познавачите, се должи на загубите во наплатата, како и на фактот што новата фирма-снабдувач ќе треба да плаќа и за користењето на топлификациската мрежа, што е во државна сопственост. Истовремено, новиот снабдувач ќе треба да инвестира и во поставување на мерачите, а парите подоцна да си ги врати преку наплатата на сметките.Освен од лиценцата за снабдување, „Топлификација” се откажа и од лиценцата за дистрибуција на топлинска енергија. Со тоа, во новата грејна сезона единствено ќе има лиценца за производство на топлинска енергија. Се очекува есенва Регулаторната комисија да распише јавен повик и за нов дистрибутер на топлинска енергија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
По информациите за енормно загадување на водата за пиење во Струга, обвинителството оформи предмет
Во врска со информациите за енормно загадување на водата за пиење и за основни животни потреби на подрачјето на градот Струга, Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет за да се испитаат причините и евентуално сторени кривични дела против животната средина и природата.
Во координација со МВР – ОВР Струга, издадена e наредба за правосудната полиција да изврши увид на локација во селото Шум, каде се сместени изворите од кои подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење.
При увидот треба да бидат присутни и надлежни инспекциски служби од областа на животната средина, од Агенцијата за храна и ветеринарство, како и од Центарот за јавно здравје.
Ќе бидат преземени и други дејствија на проверки, соопшти обвинителството.
Македонија
Советник на Мицкоски за нов уставен судија – толку од независноста на судството, велат од СДСМ
Гоце Наумовски, кој е надворешен советник на премиерот Мицкоски за правни работи, е предлог за нов уставен судија кој се очекува да биде изгласан наскоро, истакнуваат од СДСМ.
„Кадровско решение од кабинетот на премиерот во највисоката судска инстанца во државата.
Дополнително, Гоце Наумовски е брат на поранешниот вицепремиер за евроинтеграции од ВМРО, Васко Наумовски, со што политичките релации и влијанија се уште еднаш потврдени.
Власта ги зема под целосна своја контрола судството и обвинителството.
Го сменија јавниот обвинител и планираниот избор на обвинител под своја контрола. Сопруга на градоначалник на ВМРО назначија за член на Судски совет. Сега советник на Мицкоски во Уставниот суд“.
Според СДСМ, додека Мицкоски од собраниска говорница им дели задачи и им кажува што и како да работат, носат закони за правосудатво кои се спротивни на препораките на ЕУ.
„Тотална партизација на државата, партиски контролирано судство, судии и обвинители од тефтерчињата. Исто како во времето на Никола Груевски.
Следува целосно погребување на правдата и правната држава“.
Македонија
Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ
Во 2023 година, Владата предводена од СДС извршила измени на Правилникот за одгледување канабис за медицински цели, кои се косат со важечкиот закон што ја регулира оваа област, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Со измените во член 2 од Правилникот е предвидено канабисот да може да се одгледува и на отворен простор (површина или земјиште), иако во законот и во претходната верзија на правилникот беше утврдено дека одгледувањето за медицински цели се врши исклучиво во затворен простор.
СДС и Заев со ваквиот подзаконски акт овозможиле производство на канабис на нива, што отвора сериозни дилеми во однос на исполнувањето на ГМП стандардите. Доколку не се исполнети овие норми, финалниот производ, маслото од канабис не би можел да биде соодветно лиценциран ниту пласиран во промет за потребите на пациентите.
Владата на СДС на чело со Заев и Филипче свесно и намерно го сменила правилникот.
Во 2020 СДС на чело со Заев и Филипче имаа иницијатива за поширока легализација на марихуаната, како и на значителното зголемување на бројот на издадени лиценци за медицински канабис, особено во струмичкиот регион“.
Според владејачката партија, сомнежите и индициите за злоупотреба на производството на канабис и криминалот со дрогата дополнително се зголемија по заплената на голема количина марихуана од компанија во Ново Село, поврзувана со лице блиски на СДС и Заеви.
Прашуваат, зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на Закон, кои им биле мотивите и колку профитирале.
„Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Потребни се ред, одговорност и темелна институционална истрага. Надлежните органи треба целосно да ги испитаат сите наводи и сомнежи“.

