Македонија
Почнува проширувањето на булеварот „Србија“
Градежните работи за проширување на булеварот Србија започнува денеска
Булеварот Србија ќе се проширува во делот од крстосницата со булеварите „Јане Сандански“ и „Видое Смилевски-Бато“ до улицата „Првомајска“.Почетокот на градежните работи ќе го означи градоначалникот Коце Трајановски, а најавено е присуство и на премиерот Никола Груевски и градоначалникот на општината Аеродром, Ивица Коневски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Владата и СЗО потпишаа петгодишна стратегија за соработка во областа на здравството
Министерот за здравство, Азир Алиу, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и Аким Али, шеф на Канцеларијата на СЗО во нашата држава, денес потпиша петгодишна стратегија за соработка меѓу Владата и СЗО 2026 – 2030 година. На настанот со онлајн-вклучување се обрати и директорот на Светската здравствена организација за Европа, Ханс Клуге.
„Денешниот ден отвора ново поглавје во соработката со Светската здравствена организација, заеднички ја потпишавме нашата прва петгодишна стратегија за соработка – документ создаден заедно со сите институции и партнери, кој ќе ги насочи реформите во здравството до 2030 година. Стратегијата се фокусира на модернизација на примарната здравствена заштита, целосна дигитална трансформација, унапредување на здравствената заштита на мајките и децата, еколошкото здравје и климатската отпорност, и тоа во согласност со зелената агенда на Владата. Исто така, со оваа стратегија се опфатени и заштитата на ранливите групи, планирањето на човечките ресурси во здравството, јавното здравје, здравствената безбедност и подобра подготвеност при кризни состојби. Стратегијата ни овозможува јасен план, партнерство и поддршка за заедничко реализирање на клучните реформи“, посочи министерот Алиу по потпишувањето.
Тој ги истакна одличната меѓусекторска соработка и поддршката од другите сектори. Оваа стратегија го обединува целиот владин систем околу целите за здравје и благосостојба на населението.
„Особено сакам да им се заблагодарам на СЗО и на сите министерства и партнери за нивниот придонес. Со оваа стратегија го поставуваме темелот за посилно, помодерно и поправедно здравство за сите граѓани. Сето ова е симболична потврда на силната политичка волја, националната посветеност и партнерството меѓу Владата и СЗО за спроведување на клучните здравствени реформи“, истакна Алиу.
Македонија
Перински: Охрид и Крушево го отвораат новиот циклус на ИПА III-проекти за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денес во Охрид го означи почетокот на реализацијата на два нови проекти одобрени во рамките на првиот повик на ИПА III Програмата за прекугранична соработка со Република Албанија.
Настанот започна со воведни обраќања на Перински, Михалис Рокас, амбасадор на Европската Унија, Еридана Чано, генерален директор на Државната агенција за стратешко програмирање и координација на помош во Република Албанија, како и градоначалниците на Општина Охрид и Крушево, Кирил Пецаков и Нико Чонески.
Во рамките на настанот беа потпишани два договори за национално кофинансирање меѓу Министерството за локална самоуправа и носителите на проектите, како и Договорот за партнерство за техничката помош на Програмата за прекугранична соработка со Албанија, во висина од 500.000 евра.
„Овие две нови инвестиции во вкупна вредност од повеќе од 1.6 милиони евра ќе придонесат за создавање одржлив туристички производ, кој ја спојува природата, културата и автентичноста на целиот регион.“, истакна Перински.
Проектот „Волонтери во акција за безбедност на луѓето и заштита на природата“ е во рамките на тематски приоритет 1 – Заштита на животната средина и подигнување на отпорноста на регионот, додека пак проектот „Крушево и Елбасан – патување низ природата и авантурата“ е во рамките на тематски приоритет 2 – Развој на одржлив туризам и заштита на природното и културното наследство.
„Министерството за локална самоуправа, како институција надлежна за спроведување на прекуграничните програми со сите соседни земји, продолжува активно да работи на отворање нови можности за искористување на финансиската поддршка што Европската Унија ја става на располагање за регионален развој, интеграција и соработка“.
Македонија
Николоски – Тигањ: Фокус на Владата се инфраструктурните проекти, регионот може да напредува преку економската соработка
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска оствари работна средба со амбасадорката на Хрватска, Нивес Тигањ.
На средбата Николоски ја потенцираше можноста за интензивирање на економската и трговска соработка меѓу Македонија и Хрватска во интерес на двете земји.
Тој ги презентираше инвестициските планови на Владата за изградба и модернизација на патните и железнички Коридори 8 и 10, како дел од европските транспортни мрежи.
Посебен фокус на средбата се стави на изградба на брзата пруга на Коридор 10, како предуслов за брз и ефикасен транспорт на добра кон Централна и Источна Европа, нагасувајќи ја можноста за учество на специјализирани компании од Хрватска во реализација на овој проект.
Двајцата говорници разменија и мислења околу актуелните политички прашања во земјава и регионот, евроинтегративниот процес и стабилноста на Западен Балкан.
Вицепремиерот Николоски и амбасадорката Тигањ ги потврдија одличните односи меѓу Македонија и Хрватска и се согласија истите да продолжат да се оддржуваат на високо ниво во интерес на меѓусебната соработка и пријателство меѓу двете земји.

