Македонија
Модерни воени студии на Воената академија
Офицери со пошироко образование кои покрај воено ќе имаат и цивилно знаење ќе се школуваат во новоформираната Воена академија во Скопје, што стартува од оваа учебна година
Со одлука на Владата, а по предлог на министерот за образование, од октомври годинава во Воената академија во Скопје ќе се школуваат 35 питомци и по пет студенти за управување со кризи и пет за заштита и спасување, соопшти министерот за одбрана Зоран Коњановски, по средбата со комисијата за формирање на Академијата.„Во текот на вчерашниот ден добивме и дозвола од страна на Министерството за образование, веќе на некој начин сме впишани во регистерот како високообразовна установа во Република Македонија. Во текот на идната недела ќе имаме конституирање на наставно-научниот совет, избор на декан и конкурсот за запишување студенти и питомци“, рече министерот Коњановски.До сега се избрани 16 наставници од потребните триесет и двајца и 25 асистенти, а остатокот од наставниот кадар ќе се бира дополнително, а оставен е и простор за гостување на професори и специјалисти од странските воени академии. „Педесет отсто од наставничкиот кадар што ќе предава тука се веќе избрани и тие ќе ја отпочнат работата на Воената академија и тие се луѓе со големо искуство вработени во Министерството за одбрана и АРМ. Понатаму ќе ги искористиме нашите можности да воспоставиме контакт со универзитети поединечно со професори од познатите воени академии насекаде од нашите пријателски земји да дојдат и да имаме заеднички активности на Воената академија“, рече министерот Коњановски. „При основање високообразона установа каква што е Воената академија се врши избор само за првите две учебни години, значи за првите четири семестри. Според минимумот што законот го предвидува е неопходно да се изврши избор на 50 отсто од вкупниот број на наставниците, за да може да се исполни условот за почеток на работата. Ние избравме 16 наставници и избравме 25 соработници асистенти“, рече професорот Владо Поповски.Целта е да се направи квалитетна образовна установа што ќе ја продолжи традицијата од квалитетни кадри.„Имплементацијата на програми од интерактивна настава во којашто офицерите ќе бидат образовани и ќе имаат и цивилни звања е планирана и за Воената академија. Секако, искуствата коишто ги стекнавме во мировните мисии ќе бидат имплементирани во предметите и во предавањата на Воената академија“, рече професорот Методија Хаџијанев, доктор на правни науки и командант на првата мировна мисија во Ирак.Според законот, сите питомци и студенти, кои успешно ќе го завршат академското образование ќе почнат со работа веднаш по завршувањето во установите за кои се школувале, потврди министерот Коњановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.

