Македонија
Четирите новородени близначки ги посети министерот Бaјрами

Четирите женски новородени близнаци, што завчера на свет ги донесе родилката Сибела Цамовиќ беа причина министерот за труд и социјална политика Џељаљ Бајрами денеска да ги посети во Гинеколошко-акушерската болница Чаир
Минисерот Бајрами на мајката и врачи еднократна парична помош во износ од 15.000 денари. „Сите девојчиња за среќа се живи и здрави и се во добра здравствена состојба, исто како и мајката“, изјави по посетата министерот Бајрами. Според Законот за заштита на децата, во наредните 15 години родителите на четворката ќе добиваат 70 проценти од просечно исплатената плата во државата на крајот на минатата година, ги информираше минисерот Бајрами. „Бидејќи се работи за многу редок случај, односно многу ретко се раѓаат четворки, ги известив родителите дека потребната документација за родителскиот додаток и потребното решение ќе ги изготват службите на Министерството за труд и социјална политика“, рече Бајрами.Министерот за труд информира и дека поголемиот дел од тие што аплицирале за родителски додаток согласно Законот за заштита на децата веќе користат таков додаток. Законот предвидува да се аплицира во рок од три месеци по раѓање на децата и за помалку од недела им се остварува тоа право, тврди Бајрами. Добрата здравствена состојба на новородените четири бебиња ја потврди и примариус д-р Весна Веловска – Стојкова – началник на одделението за новородени во Гинекологијата Чаир.„Сите недоносени новородени четири бебиња се во сосема добра општа состојба. Презадоволни сме и пресреќни. Успех беше што за цело време бременоста беше водена во Гинекологијата Чаир од еден од помладите специјалисти. Најголем успех ќе биде кога ќе ги испишеме дома сите здрави и среќни“, изјави Веловска – Стојкова. Таа истакна дека во Гинекологијата Чаир ова е прва четворка зачната по природен пат, а во целата држава е втора или трета. Според Веловска Стојкова, четворка се раѓа еднаш во 731 илјада породувања. Четирите девојчиња, родени во четвртокот напладне со царски рез, се први деца на 24-годишната Цамовиќ, која работи како медицинска сестра на детското одделение во болницата Чаир.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.