Македонија
СДСМ застанува на чело на отпорот против власта
„СДСМ како најголема опозициона партија, има должност јавно да ја разобличи оваа штетна политика на власта“ рече на денешната прес-конференција Бранко Црвенковски, лидерот на СДСМ, оценувајќи ја тригодишното работење на Владата на Никола Груевски
„СДСМ има обврска да го победи стравот што владее Македонија, да ги охрабри и поттикне граѓаните да се спротивстават на притисоците и заканите и да застане на чело на отпорот против оваа недемократска власт“, рече денеска Бранко Црвенковски, појаснувајќи дека не се социјалдемократите тие што ќе организираат протести, туку како што нагласи – доколку народот е незадоволен ќе најде начин да го покаже тоа. СДСМ на 12 септември треба да одржи Конгрес на кој ќе ја прифатат новата програма, со која ќе понуди и сериозна кадровка и програмска поквалитетна алтернатива со која ќе ја заслужи поддршката и довербата на граѓаните, и која на следните парламентарни избори ќе ги порази и Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, најави лидерот Црвенковски.„Апсолутно не зависи од СДСМ дали Груевски ќе владее до крајот на мандатот, до 2012 година или ќе мора да си замине побрзо. Тоа пред се зависи од раположението на граѓаните во Република Македонија“, рече Црвенковски. Во трите години од доаѓањето на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ на власт во Република Македонија, според Црвенковски на економско-социјален план, состојбите се повеќе се влошуваат, невработенота и сиромаштијата се зголемуваат, а инвестициите целосно запреле.„Во овие три години дојде до влошување на меѓуетничките односи во Македонија. Станува сосема јасно дека не се работи за случајност туку за правило, секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт меѓусебната недоверба и сомневања растат, тензиите се зголемуваат а инцидентите зачестуваат. Демократијата во Македонија е уназадена, а човековите права и слободи загрозени“, рече Црвенковски. Според него, ова се три целосно изгубени години за евроатланските интеграции на Република Македонија, од кога во 2006 г. Груевски презеде држава која се наоѓаше пред самите врати на НАТО и со кандидатски статус за членство во ЕУ. Константните лаги, манипулации и лажни ветувања се дел од методологијата на Груевски кои ја донесоа државата на ниво на невидена, режимска медиумска кампања платена со пари на граѓаните, а во корист на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ.„Сведоци сме на повеќекратни напади на секуларниот карактер на државата, на промовирање на идејата за забрана на абортусот, стигматизација на хомосексуалците во Македонија“, вели Црвенковски.
За соработката со претседателот Ѓорге Иванов, Црвенковски вели дека не постои, не само со неговата партија туку со ниедна друга, освен со ВМРО-ДПМНЕ, што тој го оценува како разочарувачки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Обвинителство: Забрана за две правни лица од Велешта да вршат ископ во близина на изворите за вода за пиење во Шум
Преземајќи истражни дејствија по наредба на Основното јавно обвинителство Струга за испитување на причините за загадувањето на водата од извориштето во селото Шум, истражните органи затекнаа работни машини на две правни лица од Велешта кои вршеле кршење, ископ и транспорт на карпи во поголем обем во непосредна близина на изворите, информираат од Обвинителството.
Како што се наведува во соопштението, поради сомненија за кривични дела – Незаконита експлоатација на минерални суровини од член 225-а и Загадување на водата за пиење од член 219 од Кривичниот законик, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка веднаш достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрани на правните лица да ги посетуваат парцелите каде вршеле ископ и забрана да преземаат какви било работни активности на подрачјето.
Основното јавно обвинителство Струга продолжува да презема дејствија за обезбедување докази и испитување на евентуална кривична одговорност во однос на енормното загадување на изворите во Шум од каде подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење, стои во соопштението.
Македонија
Времето денеска променливо облачно со сончеви периоди, од утре затоплување
Денеска времето во земјава ќе биде променливо облачно, со повремени сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец, кој долж Повардарието повремено ќе биде засилен.
Утринските температури ќе се движат од минус еден до шест степени, а дневните ќе достигнат меѓу четири и 12 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со сончеви интервали и умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до четири степени, додека максималната ќе достигне до десет степени.
Од утре се најавува стабилизација на времето и постепен пораст на дневните температури.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.

