Македонија
Јанкуловска: Во полицијата и во институциите не постојат јасни критериуми

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во интервју за Радио Слободна Европа вели дека последната полициска акција „Бумеранг“ практично ги потврди одредените впечатоци оти е деструктивно кога во полицијата и во институциите воопшто не постојат јасни критериуми
„Критериуми врз база на кои се регрутираат вработените, како ни критериуми врз база на кои може да се напредува, односно евентуално би дошло до казна“, вели Јанкуловска. „Неодамна донесениот Закон за внатрешни работи, каде што фокусот беше токму врз системот на кариера, само ја потврдува нашата определба – во полицијата да се промовираат вистинските вредности, односно таму каде што Законот е прекршен, без разлика од која страна доаѓаат прекршувањата, тие мора да се санкционираат“, вели Јанкулоска.Таа додава дека системот на кариера значи воспоставување строги и јасни критериуми кои на некој начин не само што ќе го ограничат, туку и ќе го оневозможат секој кој се наоѓа на раководна функција, да употребува дискрециски права, што би значело селекција надвор од воспоставените критериуми.Министерката Јакуловска истакнува во интервјуто дека по настаните во Нерези, полицијата, поаѓајќи од нивната сензитивност, не само што ја зголемила будноста, туку и физичкото присуство таму, а и активно контактира со населението. „Со низа мерки и активности, вели таа, сакавме да се увериме дека состојбата навистина е стабилизирана и животот продолжува онака како што било во минатото, бидејќи не постои ниту една причина тоа да не биде така“.На прашањето како ги коментира шпекулациите дека таа е можен нов министер за правда и дали таа функција претставува предизвик за неа, Јанкуловска рече дека во принцип не коментира шпекулации. „Јас како министер за внатрешни работи максимално професионално и совесно ја вршам својата работа. Задоволна сум од она што го работам овде, има многу проекти на кои сум максимално посветена и ангажирана. Не би коментирала шпекулации, посебно кога се однесуваат на тема која не е од доменот на моите надлежности“, изјави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска во интервјуто за Радио Слободна Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.