Македонија
Херцог: Македонија сака и треба да биде член на Европската Унија

Македонија не ги заборава своите пријатели, рече претседателот Иванов при денешната прошетка со поранешниот германски претседател Роман Херцог, кому вечерва во Охрид ќе му го додели одликувањето за заслуги орденот „8-ми Септември“
„Секако дека за Македонија има уште многу големи предизвици. Таа сака и треба да биде член на Европската Унија. За разлика од она што можев да го видам пред 12-13 години и она што го гледам сега навистина таа се развива на многу добар пат“, рече поранешниот германски претседател Роман Херцог, компарирајќи ги неколкуте периоди во кои се остваруваат неговите посети на Република Македонија.Тој денеска ќе иде одликуван од македонскиот претседател Ѓорге Иванов за придонесот во периодот на осамостојувањето на државата. „18 години во животот на човекот претставуваат полнолетство. Но како што јас веќе реков, нашето полнолетство се оствари во 1991 г. Таа независност мина низ еден период на своевиден тест за тоа дали државата е подготвена да биде независна и суверена. Бадентеровата комисија беше таа што врз основа на Уставот на новата држава донесе одлука. Г-дин Херцог како член на Бадентеровата комисија придонесе Македонија освен Словенија да биде препорачана како држава која по отцепување од СФРЈ ги исполнува сите и заслужува да биде суверена држава. Ние никогаш не ги забораваме нашите пријатели, така што оваа година по 18 години е вистинскиот момент да му одадеме заслуженото признание на г-дин Херцог за она што го направи за Република Македонија, и тој беше првиот државник што ја посети Република Македонија, со тој чин укажувајќи дека заслужуваме да бидеме суверена држава во редот на другите демократски држави во светот. Одговарајќи на новинарско прашање, претседателот Иванов најави дека за два дена ќе замине во официјална посета на Германија.„Таму ќе се видам со актуелниот германски претседател и ќе ги продлабочиме врски што постојат меѓу Македонија и Германија“, рече Иванов додавајќи дека со оваа посета ќе се укаже дека Македонија има вистински пријатели во светот кои ја ценат и ја почитуваат.„Македонија заслужува да биде почитувана. Она што ни следи, што го очекуваме, позитивниот извештај од Европската комисија да дојде во вистинскиот момент, бидејќи ние, Македонија, вложи и направи се’ што беше побарано од неа за да докаже дека му припаѓа на заедничкиот простор“, додаде претседателот Иванов објаснувајќи ја целта на неговата посета на Германија и потенцирајќи дека очекува позитивен извештај од европската комисија за препорака за отпочнување на преговорите за полноправно членство на Република Македонија во Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски за „Еуроњуз“: Нема аргументи за прифаќање на бугарските барања, жал ми е што корумпирани политичари за да останат на власт прифаќаа се и сешто

Премиерот, Христијан Мицкоски во интервју за „Директно со Миња Милетиќ“ на „Еуроњуз Србија“ истакна дека нема аргументи за прифаќање на бугарските барања, и изрази жалење што корумпирани политичари претходно за да останат на власт прифаќаа се и сешто.
„Ако ние го прошириме ние нашиот Устав со повеќе делови од народи, бидејќи таму се наоѓаат и албанскиот, српскиот, турскиот, ромскиот, бошњачкиот и така натаму, тогаш се поставува прашањето што со Македонците од другата страна на границата кои живеат во западна Бугарија? Ако вие од една страна барате да бидете конститутивен народ поради некаков предлог којшто корумпирани политичари во минатото го прифатиле мислејќи дека на тој начин ќе останат во владата, дека ќе им се простат сите криминални скандали кои ги правеле, а од друга страна имате 14 пресуди на Судот за човекови права кој вели дека таму постои македонска заедница која има свои права да организира во клубови во организации и вие не ја почитувате Резолуцијата која што сте ја потпишале за заштита на човековите права, таква Резолуција има потпишано Бугарија, тогаш се поставува прашањето кој е аргументот контра“, вели премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски посочи дека лицемерие и двојни стандарди е да се излезе и да се рече дека мора тоа да се направи бидејќи тие се таму каде што сакаме ние да бидеме, а тие да не мора тоа да го направат.
„Ако се прашање човековите права тогаш сакам да ги информирам и вашите гледачи дека единствена институција во Европа којашто оценува дали нечии човекови права се нарушени или ограничени е Судот за човекови права во Стразбур и таму има 14 пресуди коишто се однесуваат на нарушување или ограничување на човековите права на Македонците во Бугарија и нула за бугарската заедница во Македонија. Сега ако имате вакви аргументи како можете да излезете пред граѓаните и да дадете логични аргументи имајќи претстава дека претходно сте го промениле знамето, сте го користеле она времено име, сте го промениле уставното име, во неколку наврати сте го менувале Уставот и секогаш некој од Брисел ви велел „уште само ова и тоа е тоа“, потенцираше премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски нагласи дека ветил дека ќе се бори и аргументите кои ги имаме ќе се обиде да ги пренесе секаде во светот.
„Да се научиме да победуваме и во Вашингтон и во Лондон, Брисел, Берлин Рим, Париз и насекаде во светот, не само дома. Само на тој начин може да ја убедите светската јавност во исправноста на вашите аргументи. Ова се историски процеси“, истакна премиерот Мицкоски.
Македонија
Нема причина за вознемиреност по хаваријата во Пинтија, вели градоначалникот кој го повика Град Скопје да преземе мерки

Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓоргиевски вели дека граѓаните немаат причина за вознемиреност по хавријата во Пинтија, бидејќи од нивна страна биле преземени сите мерки за заштита.
Инспекторите од Кисела Вода на терен констатирале протекување на хемикалии од вентил при дефект, во објект за производството на стиропор во Пинтија. Ѓоргиевски вели дека елаборатот за заштита на животната средина бил издаден и одобрен од страна на Градот Скопје на 31.12.2021 година со број 08-10300/4.
„Од наша страна, иако не е во рамки на нашите надлежности, а во соработка со екипите на Противпожарната бригада од Скопје, обезбедивме пилевина и песок како најдобра солуција против пролизгување во вакви случаи на хаварија“, вели Ѓоргиевски кој апелира до Град Скопје кој го издал елаборатот за работа и до сите надлежни институции да преземат мерки согласно Законот, во рамки на своите надлежности.
За хаваријата со протекувањето на хемикалии претходно се огласија и од Град Скопје. Оттука пак, велат, дека објектот е под надлежност на општина Кисела Вода, и апелираат до општината да постапи во рамки на своите надлежности, како и ресорното Министерство со цел санкционирање на правното лице кое ја предизвика хаваријата.
Македонија
Хемикалии се излеаа од објект во Пинтија, надлежните на терен

Во текот на денешниот ден во населбата Пинтија во Кисела Вода од резервоар на објект на приватна компанија за производство на стиропор изграден во внатрешноста на населеното место, се излеале хемикалии користени во производствениот процес на компанијата.
Град Скопје соопшти дека на лице место се екипи на ТППЕ Скопје со цел изолирање на инцидентот како и инспекторите од град Скопје кои составија записник за хаваријата.
„За ваков тип на хаварија покрај паричната казна за сторителот од 45.000 евра, следи и затворање на погонот, како и налог за санирање на штетите предизвикани од инцидентот. Со инспекциски извештај за извршен технички преглед на опрема под притисок каде со заклучок е нотирано дека на вентилот има знаци на протекување, правното лице Екопор не превземало мерки да го спречи настанувањето на хаваријата на која сме сведоци денес“, велат од Град Скопје.
Се додава дека за овој објект кој е под надлежност на општина Кисела Вода, апелираат до општината да постапи во рамки на своите надлежности, како и ресорното Министерство со цел санкционирање на правното лице кое ја предизвика хаваријата.
Претходно од МВР информираа дека било пријавено дека на булеварот Борис Трајковски во близина населбата Пинтија истекува непозната црна течност од атмосферската канализација и истата се излева по булеварот. Полициски службеници од СВР Скопје се излезени на лице место. Сообраќајот се пренасочува и се преземаат мерки за утврдување на причините и за расчистување на случајот.