Македонија
Жителите на Кисела Вода задоволни од работата на сезонските работници
Вистински куриозитет се случи со проектот на општина Кисела Вода, „Да ја разубавиме општината”, каде привремено беа ангажирани сто невработени лица на период од шест месеци за вршење на работи од јавен карактер
Имено, во книгите за евиденција, во кои лицата кои главно се задолжени за одржување на хигиената на општината ги заведуваа извршените активности, жителите на Кисела Вода, самоиницијативно започнаа да оставаат потписи и коментари за успешноста на оваа акција. Ваквата иницијатива беше побарана од жителка на населбата Кисела Вода, која е задоволна од работата и степенот на хигиената на општината по вработувањето на овие лица. Притоа, од 21 август од кога е ставен и првиот потпис од граѓаните кои се задоволни од досега завршените работни задачи, досега има вкупно 127 лица кои дале поддршка на овој проект. Во книгата за давање критики и пофалби, постојат графи за граѓани кои се задоволни од работата и граѓани кои не се задоволни од работата, но истовремено се оставени и простори за коментари. Сите 127 лица кои досега се потпишале, се задоволни од завршените работни задачи на стоте лица ангажирани во проектот.„Изјавувам дека одржувањето на паркот кај киното „Кисела Вода“ кое се одржува од страна на вработените од општина Кисела Вода е во најдобар ред. Оваа акција е за поздравување и треба да продолжи во иднина”, вели Васил Костов, од ул. „ Сава Ковачевиќ”. „Многу сум задоволен од акцијата што се остварува во населба Припор и во иднина да продолжат со ова темпо на работа”, изјавува жител од населба Припор. „Браво, браво, браво”, е коментарот на Аца Делова, од Кисела Вода.Сите коментари се со знаци на задоволство, а во одредени изјави има и извесна доза на самокритичност во однос на нивото на еколошката свест кај самите граѓани.„Работниците се прекрасни и одлично ја вршат работата, ама ние луѓето не чиниме и правиме ѓубре повторно и повторно. Мора да се делува на подигнување на еколошката свест кај граѓаните. Само тоа е спасот”, напишала анонимна жителка на Кисела Вода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Една година затвор за обид да прегази полицаец кој сакал да го легитимира
Четириесет и шестгодишен кавадарчанец е осуден на една година затвор затоа што со автомобил удрил во полициски службеник кој сакал да го легитимира.
На 21 декември по полноќ, со возило „фолксваген“ обвинетиот не запрел на даден знак од полициските службеници, а кога на една од крстосниците во градот бил опколен од две полициски возила за да го запрат, сакал да прегази полициски службеник.
Полицаецот излегол од службениот автомобил за да го легитимира и во тој момент осомничениот се залетал кон него со возилото со голема брзина, го удрил во стомакот и левата нога, а потоа удрил и во полициската кола, по што продолжил да вози. Полицаецот од ударот се здобил со неколку телесни повреди.
Осомничениот бил приведен на 25 декември и следниот ден бил изведен пред судија каде го признал делото. Судот во Кавадарци изрече пресуда со која го огласи за виновен и го осуди на казна затвор од една година, а до правосилност на пресудата одлучи обвинетиот да биде обезбеден со мерка притвор поради опасност од бегство и можноста да го повтори делото.
Македонија
Сончево време со мала облачност и ветер
Времето во Македонија денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност и дневни температури од 3 до 10 Целзиусови степени. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието засилен ветер од северен правец (над 60 km/h).
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен повремен засилен ветер од северен правец.
Утре времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност и дневни температури од 3 до 11 степени. Ќе дува засилен до силен ветер од северен правец (над 60 km/h).
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска:
· Поради изведување на водоводен приклучк на водоводна мрежа со пречник од ф-200мм на улицата Радишанска, крак – 4 (Бел Камен), од 09:00 часот до завршување со работните активности, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица и населба Кучевишка Бара, општина Бутел.

