Македонија
Вторачињата учеа за безбедноста во сообраќајот
На учениците во вторите одделенија во основните училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Блаже Конески“ во Општина Аеродром, деновиве стручни и обучени лица од сообраќајната полиција им држеа предавања за зголемување на безбедноста во сообраќајот
Полицајците им објаснуваа на учениците како треба да ги поминуваат улиците, што е зебра, на која боја на семафорот да ја преминат улицата, на која страна да гледаат кога доаѓаат возила и како да се заштитат во сообраќајот. Целта на овие предавања е да се зголеми безбедноста во сообраќајот, а пред се, едукативно да се влијае не само врз децата, туку и врз возачите, како и на сите учесници во сообраќајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Секој има право да поднесе иницијатива до Собранието, но разрешувањето на Судскиот совет е предвидено единствено со закон, вели Камбовски
Претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски претпладнево рече дека не е известен за инцијативата за разрешување на членовите на Судскиот совет која премиерот Христијан Мицкоски најави дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ утре ќе ја поднесат во Собранието. Камбовски слушна за иницијативата од новинарите и рече дека очекува и Владата и Собранието да постапуваат законски.
„Во повеќе наврати сум дал изјави, сум дал мислења во поглед на постапка за разрешување на членови на Советот. Единствено место каде тоа е предвидено е во Законот за Судски совет. Иницијативи може да се поднесуваат до Собранието, секој има право да поднесува иницијативи. Сите во оваа држава работиме согласно закон и Устав. Немам причина да се сомневам дека и Собранието и Владата работат согласно тие принципи“, рече претседателот на Судскиот совет, Камбовски.
Се додека е на сила актуелниот Закон за Судски совет, Камбовски смета дека треба да се почитува, а за наоѓање излез од сегашната состојба вели дека е подготвен за соработка со претставници на двете останати власти во земјава, законодавната и извршната.
„Очигледно постои некое незадоволство спрема членовите на Судскиот совет, меѓутоа во оваа држава сите власти мора да делуваме согласно закон и Устав“, вели Камбовски.
Утрово премиерот Христијан Мицкоски прво преку социјалните мрежи, а потоа и одговарајќи на новинарски прашања по посетата на обновениот Клуб на пратеници кажа дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива за разрешување на членовите на Судски совет. Доколку пратениците изгласаат недоверба, премиерот Мицкоски очекува членовите на Судскиот совет да бидат доблесни и сами да се повлечат, оти законски во моментов Собранието не може да ги разреши.
Македонија
Џафери: Застапеноста на Албанците во Армијата е на историски најниско ниво
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изразува длабока загриженост за сериозното влошување на состојбата со застапеноста на Албанците во Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија.
Поранешниот министер за одбрана и експретседател на Собранието, Талат Џафери обвини дека последните месеци се спроведува дискриминаторска политика при што Албанците се целосно исклучени од клучните позиции, а забележан е и процес на деградирање на искусните офицери.
„Од 10 директори во новата систематизација, ниту еден не е Албанец. Од 12 советници во Министерството за одбрана, само 1 е Албанец. Од 29 раководители на сектори во министерството, ниту еден не е Албанец. Од 13 раководители на сектори во Генералштабот на Армијата, ниту еден не е Албанец. Од 30 команданти на баталјони, само 5 се Албанци. Албанските офицери со високи чинови и професионални квалификации се деградирани или отстранети од клучните позиции“, изјави Џафери.
Дополнително, според него, ситуацијата се влошила со запирање на унапредувањата на албанските офицери и подофицери, иако ги исполнуваат критериумите, систематско исклучување на Албанците од програмите за воена едукација во странство, зголемување на говорот на омраза и националистичката реторика, како што боч случајот со Културно-уметничкото друштво „Бајрам Шабани“ во касарната во Куманово.
Објви и дека ДУИ бара прекин на систематската дискриминација и враќање на правичната застапеност на Албанците на сите нивоа, деполитизација на Армијата и Министерството за одбрана, со стопирање на партиските назначувања, гарантирање на правата и достоинството на албанските воени лица, вклучувајќи еднакви можности за едукација и унапредување.
Според опозициската партија, актуелната состојба е неприфатлива и спротивна на принципите на еднаквост и евроатлантска интеграција на земјата.
Македонија
Здружението на судиите: Јавната осуда на судија не смее да биде поткрепена со непотврдени шпекулации
Здружението на судиите е загрижено за фактот што одделни судии се дискредитираат во јавноста, без притоа, како што велат, да се почитуваат принципите на правна сигурност и пресумпцијата на невиност.
Здружението, кое во дописот изрази и искрено жалење за загубата на млад човечки живот, во целост се согласува и ја поддржува подружницата на ЗСРСМ, колегите од Основниот кривичен суд Скопје, во нивното барање за разумност и рационален пристап во согледување на евентуалните пропусти кај институциите, како и поддршка на граѓаните во нивното барање, исклучиво за системски промени и зголемување на безбедноста на граѓаните, но и доследно почитување на Уставот и законите.
„Јавната осуда на судија не смее да биде иницирана и поткрепена од непотврдени шпекулации, односно без претходно да биде утврдена личната и професионална одговорност на судијата во конкретен случај. Повикуваме на внимателен и одговорен пристап од сите општествени гласноговорници во носењето вакви одлуки со цел да се зачува независноста на судската власт и да се избегнат непотребни политички или јавни притисоци врз носителите на правосудните функции“, велат од Здружението.
Се додава дека вината за системските проблеми во сообраќајот не може да му се припише на судството бидејќи сообраќајните несреќи се комплексен општествен проблем поврзан со инфраструктурата, превенцијата и свеста на учесниците во сообраќајот.