Македонија
Еднодневна акција за крпење дупки по улиците во Скопје

Во сите скопски општини, утре се организира еднодневна акција за крпење дупки на коловозите од градските улици за што се ангажирани повеќе градежни фирми. Од Градот апелираат сите учесници во сообраќајот да се придржуваат кон привремениот сообраќаен режим
Почетокот на акцијата ќе го означи градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.Екипите на фирмата Изолација в недела ќе работат на улиците Лазар Личеновски и Самоилова, како и на булеварот Илинден, од Зоолошката градина до улицата Никола Парапунов, на булеварот Никола Карев, од улицата Скупи до излезот на Скопје кај Хиподром и на булеварот 8 Септември.Работниците на фирмата Бауер ќе пополнуваат ударни дупки на булеварите Џон Кенеди и Македонско-косовска бригада и на улиците Лазо Трповски и Шуто Оризари.Градежната фирма Пелагонија – Гостивар ќе работи на улиците Ѓорче Петров, 4 Јули и на Социјалистичка зора.Екипите на ЈП Улици и патишта ќе асфалтираат ударни дупки на булеварот Партизански одреди, од Соборната црква до крстосницата со булеварот 8 Септември, на улиците Маџари, Мариовска, Атанас Митрев и на Инџиковски пат, како и на булеварот Свети Климент Охридски.Во големата еднодневна акција на Градот Скопје за крпење дупки на коловозите на градските улици ќе бидат вградени околу 130 тони асфалт и закрпени околу 1.000 квадратни метри коловоз. За крпење на ударните дупки во оваа акција Градот Скопје ќе потроши шест милиони денари.Големата акција за асфалтирање на ударните дупки на коловозите се спроведува во недела заради намалениот обем на сообраќај во градот. На улиците на кои што ќе се асфалтира ќе се воведува привремен режим на одвивање на сообраќајот. Градот Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да се придржуваат кон привремениот сообраќаен режим и да ја почитуваат поставената патна сигнализација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Градинките во Аеродром добија прочистувачи за воздух

Општина Аеродром направи значаен чекор кон побезбедна и поздрава средина за децата во детските градинки на нејзината територија, поставувајќи прочистувачи на воздух со највисоки стандарди.
Станува збор за висококвалитетни прочистувачи кои користат Х14 ХЕПА филтри што задржуваат над 99.995% од вирусите, бактериите и други микроорганизми, обезбедувајќи квалитет на воздух споредлив со стерилни простории, поставени во градинките „Срничка“, „Калинка“, „Црвенкапа“, „Лале“, „Чекорче“, „Бамби“, „Буба Мара“, „Сонце“, „Пчелка 1 и 2“ и „Лавче“.
Дополнително, прочистувачите имаат и префилтер со активен јаглен кој ја намалува непријатната миризба, а ја редуцира и концентрацијата на озон, азотни оксиди (NO₂) и летливи органски соединенија (VOCs). Прочистувачите имаат капацитет за проток на воздух од 2500 кубни метри на час, овозможувајќи петкратна размена на воздух во просториите на час.
Овој проект е резултат на договорот што неодамна го потпиша в. д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, со Владата, со цел значително да се намалат негативните влијанија од аерозагадувањето, проблем кој за жал ги засега многу општини во Македонија, особено во зимскиот период.
„Здравјето и безбедноста на нашите најмали се врвен приоритет за Општина Аеродром. Со овие современи прочистувачи на воздух обезбедуваме чист и свеж воздух во сите детски градинки и создаваме побезбедна средина за децата да можат да растат и да се развиваат здраво“, изјави Митески, потенцирајќи дека е тоа дел од долгорочната посветеност за подобрување на квалитетот на животот и заштита од сите видови загадувачи што влијаат врз здравјето.
Македонија
(Видео) По десет дена борба, дождот го изгасна пожарот кај Јасен

Дождот кој заврна пред 7.00 часот утрово и врнеше нешто повеќе од два часа на подрачјето на ловиштето Јасен, помогна пожарот кој трае повеќе од десетина дена, да биде изгаснат, извести директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Но, додава тој, и покрај поголемата количина на заврнат дожд, на некои места од пожарната линија се уште може да се забележи чадење поради што по кревањето на маглата и чадот ќе продолжи пешадиско дејствување врз жешките точки кои покажуваат знаци на горење. Овој терен ќе биде пребаран и со дронови со термални камери.
Екипи на ЈП Јасен продолжуваат со патролирање се додека не се потврди дека пожарот е целосно изгаснат.
Дожд заврна претежно во северните и северозападните делови на државата додека во источните, југоисточните, централните и југозападните делови досега немаше врнежи.
Според прогнозите на УХМР денес се очекува силен ветар до 60 км на час кој значително ќе го зголеми ризикот од појава на пожари на отворен простор и нивно брзо ширење поради што апелирам до граѓаните да бидат исклучително внимателни за да не предизивикаат пожар но и да го лријават секое сомнително однесување.
Ангелов апелира доколку граѓаните забележат електрични жици кои се допираат или искрат веднаш да пријават во ЕВН или на бројот 112.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Струга е поетска република што гради мостови и го менува светот

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчеравечер го прогласи за отворено 64. издание на Струшките вечери на поезијата и во рамки на свеченото отворање на фестивалот го проследи Меѓународното поетско читање – „Поетски меридијани“.
Во своето обраќање, таа ја нагласи историската важност на фестивалот и потсети на 1961 година, кога група македонски поети се собрале за да ја одбележат 100-годишнината од објавувањето на Зборникот на браќата Миладиновци, втемелувачите на „Струшките вечери на поезијата“, коишто од Струга направија културна, поетска република.
Сиљановска-Давкова оцени дека најважните белези на струшкиот поетски републиканизам се: универзалноста, отвореноста, инклузивноста, рамноправноста, талентираноста, компетитивноста, слободољубивоста. Таа укажа дека Струга како поетска република ги обединува поетите од различни континенти, држави и култури, без разлика на политичките, или идеолошките поделби.
Претседателката постави важни прашања за релевантноста на поезијата во современиот свет, во време на дигитална зависност, сензационализам и забрзана технологија. Предупредувајќи на предизвиците што ги носи вештачката интелигенција нагласи дека неможното за вештачката интелигенција е можно за поетите, коишто се единствените господари на чувствата и волшебници на зборот.
Потсетувајќи на судбината на АБЕЦЕДАРОТ, забранетите книги, како и на делата на браќата Миладиновци, Сиљановска-Давкова констатираше дека живиот збор е делотворно оружје што може да ја разбуди совеста, да поттикне активност и да ја промени реалноста.
„Ова е вашата поетска република. Од тука, од Струга, вие сте го менувале и сѐ уште можете да го менувате светот, градејќи вечни поетски мостови од неуништливи материјали: мислата и зборот, проткаени со ум и чувства“, им порача на поетите.
Сиљановска-Давкова го поздрави враќањето на најважните белези на фестивалот: читањата кај споменикот на Свети Климент во Охрид, поетското пловење до Свети Наум и поетското матине во „Св. Богородица Перивлепта“.