Македонија
Продлабочување на економската соработка со Хрватска
Хрватска и понатаму ќе ја поддржува Македонија на патот на евроинтеграциите со што ќе градиме заедничка иднина, потврди хрватската премиерка Јадранка Косор, при денешната официјална посета на Скопје
За отвореното прашање на евроинтеграциите, за споделување на искуствата, за економска соработка, како и за прашањето на малцинствата во Хрватска и во Македонија, разговарале денеска премиерите на двете земји, Никола Груевски и Јадранка Косор.
„На разговоерите освен што беше отворено прашањето за нашите евроатлански интеграции и поддршката во тој правец, разговаравме и за можноста во иднина кога тоа ќе биде потребно, за споделување на искуствата со Хрватска во однос на одредени нивни искуства коишто ги имаат стекнато во овој период кога го изодуваат патот кон Европа“, рече премиерот Никола Груевски на денешната прес-конференција, по средбата со хрватската колешка Косор.
Билатералната соработка на економски план е одлично оценета од двајцата премиери, но ја оставаат отворена можноста за продлабочување на соработката.
„Хрватските бизнисмени се добредојдени во Македонија, некои од нив веќе најавуваат скорешно влегување на пазарот во Македонија, некои влегоа со купување акции во наши компании и тие на нашиот пазар се пречекани како домашни и имаат многу добар прием. Политичките односи помеѓу Македонија и и Хрватска позитивно се одразуваат и на економските односи“, рече Груевски.
Некои фирми од двете земји имаат мали потешкотии во водење на бизнисот, а за таа цел премиерите Косор и Груевски договориле да формираат техничка екипа, којашто ќе се обиде да им помогне да ги разрешат тие помали проблеми.
Хрватска како членка на НАТО и на чекор пред влез во Европската Унија, ќе ја поддржи Македонија на евроатланскиот пат, потврди хрватската премиерка Косор.
„Неодамна се деблокирани хрватските преговори за влез во Европската Унија, за продолжување на преговорите и за конечно нивно завршување. Јас и тогаш реков и денеска ќе го повторам тоа овде во Скопје, дека деблокадата на тие преговори е одличен знак, знак на охрабрување, поддршка за целиот југоисточен регион на Европа, на сите земји кои тежнеат кон евроатланскиот пат“, рече Косор.
Јадранка Косор ги покани македонските граѓани во сезоната 2010 година, повторно да ја одберат Хрватска како дестинација за летување, затоа што годинава, иако беше кризна година, сепак, Хрватите забележале пораст на македонски туристи од 3 отсто.
Попладнево, хрватскиот и македонскиот премиер ќе присуствуваат на средба со бизнисмените и со стопанските комори, на што гледаат како на шанса повеќе за склучување на нови партнерства, договори, зголемување на трговијата и инвестициите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Македонија и Египет ќе соработуваат во високото образование и науката
Македонија ќе добие поддршка во напорите за унапредување на високото образование од страна на Египет, земја чии универзитет забрзано се искачуваат на глобалните ранг листи, а ќе се продлабочува и билатералната соработка во областа на науката и истражувањата. Ова беше потврдено на состанокот помеѓу министерката за образование и наука Весна Јаневска и египетскиот министер за високо образование и научни истражувања, Мохамед Ајман Ашур, што се одржа денес во Каиро.
Работно тело составено од претставници што ќе ги номинираат ресорните министерства на двете држави ќе дефинира конкретни активности што ќе ја продлабочат соработката, а ќе се разгледаат и можностите за креирање на заеднички студиски програми со двојни дипломи. Во фокус ќе бидат високообразовните установи во областа на медицината и техничките науки, со особен акцент на компјутерското инженерство и земјоделството.
Министерката Јаневска ги претстави промените кои се започнати во областа на високото образование во Македонија, нагласувајќи дека во моментот се изработува и ново законско решение, а ефектите од планот за реформи се очекуваат на среден рок од 5 години. Се осврна и на значително зголемениот буџет за наука и финансирањето на зголемен број научно – истражувачки проекти од интерес за државата и јавноста, усвојувањето и спроведувањето на Стратегијата за паметна специјализација на државата, а нагласи и дека министерството иницираше постапка за основање на првиот државен научно – технолошки парк кој ќе биде под надлежност на државата.
Министерот Ашур ги претстави силните страни на египетскиот високообразовен систем и политиките кои помагаат за забрзано напредување на државните универзитети на меѓународните рангирања. Изрази подготвеност во текот на овој месец да се формира работното тело меѓу двете држави, а веќе во следниот да се одржи непосредна средба на ректорите на шесте македонски државни универзитети и ректорите на најистакнатите египетски, како Универзитетот во Каиро. Го сподели националното искуство со основањето на научно – технолошки паркови и центри за извонредност, што ќе биде од голема корист за Македонија да ја оствари истата цел.
Јаневска од вчера е во Каиро каде се одржува Глобалниот конгрес за население, здравство и развој на човечки капитал. Ќе учествува на повеќе панел дискусии, а ќе биде воведен говорник на сесија посветена на неформалното образование како концепт на доживотно учење. Во текот на утрешниот ден ќе се сретне и со египетскиот министер за основно и средно образование, Мохамед Абдел Латиф.
Македонија
Да ја негуваме историјата, да ја практикуваме традицијата и да го пренесуваме културното наследство, порача Лукровски на денот на ослободувањето на Скопје
Делегација од Општина Карпош предводена од градоначалникот Сотир Лукровски и советниците Христо Саракинов (ВМРО – ДПМНЕ) и Татјана Стојановска (Независни за Карпош) , денеска положија свежо цвеќе пред споменикот на борците од Првиот Скопски партизански одред.
На тој начин, претставниците од локалната самоуправа одадоа почит по повод одбележување на 81 годишнината од ослободувањето на главниот град. Во рамки на свеченоста која ја организираше Сојузот на борци на Македонија, пред споменикот на борците од Првиот Скопски партизански одред се поклонија и бројни делегации и претставници од граѓански здруженија.
Пред присутните се обрати и првиот човек на Општината, Сотир Лукровски, кој во оваа пригода ја истакна важноста од чествување на празниците, кои се темел на македонската национална свест.
„Со жалење ќе констатирам дека бројот на живите сведоци од НОБ е навистина мал. Затоа апелирам, ние помладите да ја негуваме историјата, да ја практикуваме традицијата и да го пренесуваме културното наследство, бидејќи сите тие елементи се дел од нашата колективна историја“ – констатираше Лукровски.
Македонија
Утре со студено утро, преку денот сончево
Времето утре, наутро ведро и студено, а во текот на денот претежно сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 15 до 20 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Утре и во деновите од викендот времето ќе биде стабилно, суво и тивко.
Во утринските часови ќе има појава на магла во одредени котлини. Во понеделник облачноста ќе се зголеми, а од вторник ќе има локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер претежно од јужен правец.

