Македонија
Јолевски: Македонија е подготвена за интензивни разговори
Македонија е посветена активно, конструктивно и интензивно да разговара со цел да се најде заемно прифатливо решение кое треба да го зачува идентитетот, дигнитетот и интегритетот на македонските граѓани
Ова му го соопштил македонскиот преговарач, амбасадорот Зоран Јолевски на посредникот на Обединетите нации за прашањето за името, Метју Нимиц во рамки на нивната денешна средба.Амбасадорот Јолевски за Макфакс изјави дека на средбата го запознал медијаторот Нимиц со ставовите на македонската страна по неговиот последен предлог на модифицирани идеи од 7. јули, годинава.Според Јолевски, Македонија е подготвена за изнаоѓање решение околу прашањето за името кое што ќе се базира врз принципите на меѓународното право и евроатлантските вредности.На средбата исто така го пренесов и очекувањето на Македонија дека Грција ќе ја почитува времената спогодба од 1995 година во делот што се однесува на интеграцијата на нашата држава во евроатлантските структури, рече Јолевски. Тој додаде дека почитувањето на преземените обврски од времената спогодба ќе придонесе за создавање поволна атмосфера за решавање на ова прашање.Медијаторот Нимиц го информирал Јолевски за позицијата на Грција по однос на прашањето за името, и ќе останат во постојан контакт.Грчкиот преговарач за прашањето за името амбасадорот Адамантиос Василакис на одвоената средба со Нимиц му пренел дека решението за спорот со Скопје е сложено име со географска одредница за севкупна употреба, а без затворање на ова прашање не е можен почеток на преговорите на Македонија за полноправно членство во ЕУ, јави денеска грчката агенција АНА МПА.„Овие позиции јасно ги соопштуваме за да нема изненадување и недоразбирања“, изјави Василакис, додавајќи дека Атина останува ангажирана во разговорите што се водат со посредство на Светската организација.Василакис ги негираше информациите дека Грција е подготвена на отстапки за да се затвори прашањето за името.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на булеварот Св.Климент Охридски (спроти Соборен Храм), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од крстосницата со Партизански Одреди до паркинг ЈАТ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Исто така денеска поради реконструкција на водоводна цевка Ф 300мм. на улица Бањалучка 10 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Бањалучка, Осло, Будимпештанска, Урош Ѓурович, Љубица Георгиева дел од улица Женевска и Васил Чакаларов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.

