Македонија
Бугарија ќе продолжи со поддршката на Македонија за евроатланските интеграции
Македонија и Бугарија се соседни и пријателски држави. Ние сакаме и натаму да градиме добри односи со Бугарија, да ги зацврствуваме политичките, билатералните, но и економските и трговските односи, изјави македонскиот премиер Груевски во Софија по средбата со бугарскиот колега Борисов
„Создадени се одлични предуслови, потпишани се речиси сите договори за добра комуникација помеѓу стопанските субјекти и, генерално, меѓу двете држави. Во иднина можеме да ги интензивираме и односите помеѓу стопанските комори, размена на бизнис-делегации и овозможување подобра трговска и стопанска размена“, додаде Груевски. Тој потсети дека македонските граѓани од 19 декември ќе патуваат без визи во земјите од шенген зоната. „Очекуваме дека нашиот сосед Република Бугарија ќе продолжи да не поддржува во однос на евроатлантските интеграции и ние како држава сме отворени со Република Бугарија да разговараме за секое прашање кое повремено би се јавило како проблем“, рече премиерот Груевски.Бугарскиот премиер Бојко Борисов изјави дека Бугарија и Македонија се братски народи кои треба да си помагаат во секоја ситуација. – Македонија добива и ќе продолжи да ја добива поддршката на Бугарија во евроатланските интеграции, изјави Борисов. Бугарската страна, додаде тој, настојува да не се толерираат групи во Бугарија, кои создаваат проблеми, да не се создаваат конфликти, да се почитува добриот тон и да се избегне јазикот на омразата. „Бугарија и Македонија треба да си помагаат, кога тоа е неопходно, затоа ние категорично го поддржуваме паѓањето на визите за Македонија и на 19 декември тоа ќе биде факт“, рече Борисов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пролетен неделен ден во зима со температури до 16 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 5, а максималната ќе достигне од 12 до 16 Целзиусови степени, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Во Скопје, исто така се очекува сончево време со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура се очекува да се спушти до 0, а максималната да достигне до 15 Целзиусови степени.
Според синоптичарите, до среда ќе се задржи стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени со појава на слаба магла по одделни котлини. Во четврток и петок ќе има услови за слаби локални врнежи од дожд.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

