Македонија
Три возила за инвалиди во скопскиот јавен превоз

Скопскиот градоначалник Коце Трајановски, по повод Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, во употреба пушти три специјално адаптирани возила за потребите на лицата со потешка инвалидност
Трите возила се опремени со специјално автоматски управувана рампа за подигнување на инвалидската количка и друга опрема што ја обезбедува безбедноста на корисниците. Возилата се сопственост на Град Скопје и заедно со сета вградена дополнителна опрема чинат околу шест милиони денари. Возилата се дадени на користење на Јавното сообраќајно претпријатие „ЈСП – Скопје“, коешто ќе го обезбеди превозот и во соработка со здруженијата на граѓани од оваа област организирани на територијата на градот, ќе го спроведува дневниот ред на возење.Право на користење на организираниот превоз со посебно адаптирани возила ќе имаат исклучиво лицата со потешка телесна инвалидност на коишто, заради движење, им е потребна инвалидска количка и лица со тешки моторни пречки како и лице коешто го придружува корисникот.„Овие возила ќе овозможат подобрување на квалитетот на живеење на лицата со потешка инвалидност, нивна поголема мобилност и вклученост во општествените текови. Лицата со телефонско јавување, ќе можат да го закажат својот превоз. Правилата за организација за вршење на превозот од денес ќе бидат достапни за здруженијата на граѓани, корисниците, медиумите и пошироката јавност“, рече градоначалникот Трајановски при свеченото пуштање во сообраќај на возилата. На настанот организиран по повод пуштањето во употреба на возилата, на градоначалникот Коце Трајановски му беше доделена благодарница од страна на Здружението на телесно инвалидизирани лица на град Скопје, за неговите залагања за оваа категорија на лица.На презентацијата на возилата присуствуваа и Претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, како и директорот на Јавното сообраќајно претпријатија, Мишо Николов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МВР со детали: Поткопан е темелот на куќата на Владо Малески, против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава

Се огласи полицијата по случајот со уривањето на дел од спомен-куќата на Владо Малески, авторот на текстот на македонската химна.
„На 15.10.2025 во 11:00 часот во ОВР Струга е пријавено дека Н.К. од струшкото село Велешта, при изведување градежни работи на улицата „Браќа Миладиновци “ во Струга со работна машина го поткопал темелот од јужниот ѕид на спомен куќата-музеј на Владо Малески, која претставува споменик заштитен како значајно културно наследство“, велат од МВР.
На местото извршиле увид претставници на Завод и музеј – Охрид, заедно со полициски екипи. По целосното расчистување на случајот, против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава за „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство“, согласно член 264 од Кривичниот законик.
Македонија
За 30 дена ќе ставам крај на депониите во Гази Баба, рече кандидатот на СДСМ за градоначалник, Митовски

Кандидатот за градоначалник на Гази Баба од СДСМ, Влатко Митовски, најави дека во првите 30 дена од преземањето на функцијата ќе го реши проблемот со сметот и дивите депонии во општината.
„Нема повеќе да има диви депонии зад контејнерите, ниту општината ќе создава сопствени депонии. Отпадот ќе биде одложуван на пропишани и контролирани локации, а комуналното претпријатие повторно ќе стане функционално,“ порача Митовски.
Тој го обвини актуелното раководство дека четири години не успеало да воспостави систем за редовно собирање на отпадот, поради што комуналните служби се во целосен колапс.
Македонија
(Видео) Коњановски: Хотелот „Битола“ ќе се адаптира во Дом за стари лица – проект по иницијатива на граѓаните

Кандидатот за градоначалник на општина Битола, Тони Коњановски, порача дека секој голем проект започнува од гласот на граѓаните и дека заедничкото размислување, пишување и работа се клучот за подобро секојдневие.
„Една од најзначајните иницијативи што ја предложија граѓаните е адаптацијата на хотелот ‘Битола’ во Дом за стари лица – место кое ќе овозможи достоинствен живот, грижа и внимание за највозрасните сограѓани“, изјави Коњановски.
Меѓу останатите приоритетни предлози се: бесплатен оброк за сите ученици од 1 до 3 одделение, обезбедување униформи за децата од 1 до 5 одделение, организација на летни кампови за деца од социјално загрозени семејства, зголемување на капацитетите на градинките, како и продолжување на акцијата за отстранување на дивоградбите и гаражите, особено во Нова Битола.
„Вистински избор се проектите создадени од граѓаните, за граѓаните. Вистински избор е заедничкиот труд – кога гласот на граѓаните станува проект што го менува секојдневието“, нагласи Коњановски.