Македонија
Починатата родилка од Прилеп не била болна од свински грип

Родилката којашто во неделата почина во Прилеп била негативна на новиот вирус А(H1N1). Ова во понеделник го потврди министерот за здравство Бујар Османи
„Прелиминарните податоци покажуваат дека лекарите направиле се’ што е во нивна можност да го спасат животот на младата жена и на детето, меѓутоа жената со тешки здравствени проблеми се јавила доцна на лекар“, изјави министерот Бујар Османи. Тој додаде дека треба да се направат дополнителни консултации со матичниот лекар дали имало некој пропуст, но апелираше „ризичните групи каде што влегуваат бремените жени во овој период независно дали е поврзано со грипот или не, да се јават навремено на лекар“.Осумнаесетгодишната Ѓулумсер Камберова од село Канатларци вчера беше хоспитализирана во прилепската болница во тешка здравствена состојба. Камберова која била бремена во деветти месец, почина синоќа и покрај обидите на лекарите за нејзина реанимација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пожарот зафати само надворешен дел од дворот на Психијатриската болница Бардовци, нема причина за загриженост, велат од МЗ

По пожарот што вчера зафати дел од тревна површина во дворот на ЈЗУ Психијатриска болница „Скопје“, Министерството за здравство ја информира јавноста дека ситуацијата е целосно ставена под контрола и нема причина за загриженост.
Од безбедносни причини, во краток временски период беше спроведена превентивна евакуација на дел од пациентите и вработените. Навремената и координирана интервенција на надлежните служби спречи проширување на пожарот кон болничките објекти. Не е причинета никаква материјална штета врз објектите и не се регистрирани повредени меѓу пациентите и персоналот.
Пожарот зафати само надворешен дел од дворот, обраснат со сува трева и истиот е успешно локализиран.
Во објектите на болницата има присутен дежурен медицински и административен персонал и активно ќе ја следат состојбата.
Македонија
(Видео) Во седум налети хеликоптерот на МВР исфрли 10 тони вода

Вчера полициски службеници од Хеликоптерската единица за полициски намени при МВР, а по претходно добиено барање од ЦУК за преземање активности во врска со гаснење на пожар во реонот на Блаце, се упатија со хеликоптерот Бел 412 за извршување на задачата.
Во седум налети хеликоптерот исфрли 10 тони вода, а потоа поради ноќните услови се врати во базата, извести МВР.
Македонија
Нормализиран патниот сообраќај до граничниот премин Блаце

Ноќеска е нормализиран патниот сообраќај до граничниот премин Блаце. Укината е забраната и за товарните моторни возила и за автобусите.
Претходно поради настанатиот пожар над магистралниот пат А4 Скопје – Блаце кај тунелот кој се прошири над магистралниот пат, сообраќајот беше пренасочен за патничките возила, а во прекин беше за товарните моторни возила.
МВР воспостави посебен режим на движење на возила од Граничен премин Блаце кон Скопје.
Сообраќајот за патнички моторни возила беше пренасочен кон село горно Блаце по стариот пат кон село Бањани, Глуво и Скопје.
Воспоставен беше посебен режим на движење на возила и во правец од Скопје кон Граничен премин Блаце.
Сообраќајот од Скопје кон граничниот премин беше пренасочен по регионален пат Р 22 39 кон село Бразда, Село Глуво Горно Блаце.