Македонија
Жерновски: Официјален Мадрид ќе се фокусира на Србија, не на Македонија

Дали Македонија може да очекува напредок во евроинтеграциските процеси во наредните шест месеци додека на чело на ЕУ е Шпанија или возот го испушти за време на шведското претседателство
„Македонија никогаш до сега не била во приоритетите на Шпанија ниту тоа може да се очекува сега. Јасни се пораките што ги добивме од официјален Мадрид, мислам дека тие ќе се фокусираат повеќе на Србија и дека сметаат оти таа треба да биде локомотива на регионот и дека ако влеземе ќе влеземе заедно со Србија“, вели Андреј Жерновски од ЛДП.Според него Македонија ги испуштила роковите иако прва го потпиша договорт за стабилизација и асоцијација во целиот регион. „Затоа сметам дека требаше да ги искористиме претходните шест месеци кога го имавме Карл Билт којшто исклучително добро го познаваше овој регион и навиваше Македонија да добие датум за преговори меѓутоа ние не успеавме поради познатиот став на македонскиот врв“, вели Жерновски. За владејачката ВМРО-ДПМНЕ ништо драстично нема да се смени, затоа што некоја земја е председавач со Европската Унија, без разлика дали е Шпанија или некоја друга, но специфично е што тоа ќе биде прв пат по Лисабонскиот договор, кога надлежностите се поинаку поделени. „Како што знаете во заклучоците коишто се донесоа во декември стои дека во наредните 5-6 месеци, односно во текот на шпанското претседателство Европскиот совет потворно ќе се наврати на прашањето на Република Македонија. Завршувањето на прашањето не зависи ниту од шпанското претседателство, ниту од кое било друго претседателство, затоа што ЕУ гласа со консензус, такашто во моментот зависи од Грција и од она што се вика политика на Грција“, рече пратеникот Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ. Тој потврди дека Македонија се обидува да најде заеднички прифатливо решение, но дека во моментов за жал нема клима за тоа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пожарот зафати само надворешен дел од дворот на Психијатриската болница Бардовци, нема причина за загриженост, велат од МЗ

По пожарот што вчера зафати дел од тревна површина во дворот на ЈЗУ Психијатриска болница „Скопје“, Министерството за здравство ја информира јавноста дека ситуацијата е целосно ставена под контрола и нема причина за загриженост.
Од безбедносни причини, во краток временски период беше спроведена превентивна евакуација на дел од пациентите и вработените. Навремената и координирана интервенција на надлежните служби спречи проширување на пожарот кон болничките објекти. Не е причинета никаква материјална штета врз објектите и не се регистрирани повредени меѓу пациентите и персоналот.
Пожарот зафати само надворешен дел од дворот, обраснат со сува трева и истиот е успешно локализиран.
Во објектите на болницата има присутен дежурен медицински и административен персонал и активно ќе ја следат состојбата.
Македонија
(Видео) Во седум налети хеликоптерот на МВР исфрли 10 тони вода

Вчера полициски службеници од Хеликоптерската единица за полициски намени при МВР, а по претходно добиено барање од ЦУК за преземање активности во врска со гаснење на пожар во реонот на Блаце, се упатија со хеликоптерот Бел 412 за извршување на задачата.
Во седум налети хеликоптерот исфрли 10 тони вода, а потоа поради ноќните услови се врати во базата, извести МВР.
Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.