Македонија
20.000 посетители на струмичкиот карневал

Традиционалниот струмички карневал со околу 2.000 маски на македонски и на странски учесници, започна вечерва, а вкупниот број посетители изнесува речиси 20.000
Огномети, труби, тапани, маски од секаков вид животни, растенија, храна па дури и отпушоци, го одбележуваат ова издание на струмичкиот карневал. Започна околу 19 часот, иако беше предвидено веќе во 18 часот да се парадира низ центарот на Струмица. Кралот на карневалот придружуван од кралицата од платото на Домот на културата го прогласи за отворен карневалот. Меѓу присутните можеа да се забележат и познати личности од политичкиот и културниот живот во Македонија, од градоначалници, пратеници, па дури и амбасадори.По завршувањето на карневалскиот хепенинг, посетителите и учесниците традиционално ја продолжуваат вечерта во кафулињата и дискотеките се до раните утрински часови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мисајловски и генералот Лафчиски со вработените во Министерството и припадниците на Генералштабот по повод 18. Август – Денот на Армијата

Денеска (15 август) пред платото на Министерството за одбрана и Генералштабот, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски по повод Денот на Армијата се обратија пред вработените при што ја истакнаа нивната професионалност и посветеност на службата.
Министерот Мисајловски изрази почит и благодарност до сите жени и мажи во Министерството за одбрана и Армијата кои, како што рече, посветено работат за државата, нејзината безбедност и сигурност.
„Пожртвуваноста на припадниците на Армијата при справувањето со секојдневните предизвици за заштита на македонските граѓани е јасна и препознаена од македонските граѓани. Тие имаат силна доверба во вас и ви оддаваат почит и признание – за вашата храброст и посветеност. Вредностите кои секој припадник на Армијата ги покажува секојдневно, се вредности кои ги негувате и вие – офицерите и подофицерите во Генералштабот и вработените во Министерството за одбрана кои со посветеноста, професионалноста и интегритетот кој го имате го градите имиџот и на Министерството и на Армијата“, рече тој.
Министерот истакна дека „изминатиов период се започнати многу проекти, голем број проекти завршивме, како инфраструктурни, така и проекти за опремување и модернизација на македонската Армија“ и додаде дека следниот период особено внимание ќе се посвети на подобрување на условите на работа за секој вработен, затоа што „одбраната на државата зависи од секој еден од вас.“
Генералот Лафчиски порача дека „18. Август е денот кој ги обединува сите денови на командите и единиците кои ги славиме во Армијата, тоа е празникот кој го празнуваат сите сегашни и сите поранешни припадници кои што во изминатите 33 години придонесоа во изградбата на модерната Македонска Армија.“
За време на свеченоста, делегација од Министерството и Генералштабот предводена од министерот Мисајловски и делегација од семејствата на загинатите бранители, положија свежо цвеќе пред спомен-обележјето на загинатите бранители пред зградата на Министерството, оддавајќи им почит и благодарност за нивната пожртвуваност и храброст.
Претходно, делегации од Министерството за одбрана и Генералштабот, како и претставници од кабинетот на Претседателката, Собранието, Владата и Организацијата на резервни воени старешини положија венци со свежо цвеќе на Партизанските гробишта, на гробот на загинатиот претседател Борис Трајковски, на гробот на поранешниот претседател Киро Глигоров и на гробот на генерал Михаило Апостолски.
На свечениот собир на вработените Министерството за одбрана и Генералштабот присуствуваа и заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, државниот секретар Елизабета Чуповска Ристова, директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев, вработени во Министерството и Генералштабот и останати гости.
Централната свеченост по повод Денот на Армијата ќе се реализира на 18 август во касарната „Јане Сандански“ во Штип.
Македонија
МВР: Не се води никаква постапка против Билјана Ивановска

Во врска со случајот со Билјана Ивановска поранешна претседателка на Антикорупциската комисија, Министерството за внатрешни работи известува дека против неа МВР не води никаква постапка.
„За сите пријави и постапки кои што ги води Обвинителството, тоа е единствено надлежно за одговори во врска со истите“, велат од МВР.
„11 часа по објавувањето на мојата кандидатура за градоначалничка на општина Центар, полицајци затропаа на мојата врата“, објави поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и актуелна независна кандидатка за градоначалник на општина Центар.
Во врска со пријавата против Ивановска, Обвинителството соопшти:
„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје постапува по приватна кривична пријава поднесена на 18.2.2025 година и презема дејства за да ги провери наводите. Како едно од дејствата е испитување на наведеното лице, кое во периодот на кој се однесува пријавата била претседателка на ДКСК. Поканата за испитување од Обвинителството е испратена на 25.7.2025 година и на ниеден начин не може да се доведе во релација со политичките активности на поканетата“.
Македонија
Поради пожар целосно прекинат сообраќајот кон ГП Јажинце и преминот на границата во двата правци

Министерството за внатрешни работи известува дека поради пожар во близина на Јажинце, прекинат е сообраќајот на патниот правец Тетово – ГП Јажинце кај село Рогачево, во двата правци, а затворен е и граничниот премин Јажинце.
Министерството за внатрешни работи во координација со другите надлежни институции презема мерки за гасење на пожарот.
„Апелираме до граѓаните да не тргнуваат кон ГП Јажинце до гасењето на пожарот и нормализирање на сообраќајот, за што соодветно ќе ја информираме јавноста“, велат од МВР.