Македонија
Анѓелов ќе преминува кај Љубе Бошковски
Стојанче Анѓелов, претседател на Здружението на припадниците на безбедносните сили „Достоинство“ планира да одземе поголем дел од членовите на здружението и со нив да премине во партијата на Обединети за Македонија на Љубе Бошковски, обвинуваат членови на „Достоинство“.
Според нив, Анѓелов ваквиот план ќе го најавел на редовното годишно Генерално собрание на кое учествуваат најголем дел од членовите на Здружението, а кое е закажано за во недела на пладне.Тврдат дека најголемото здружение кое се бори за правата на припадниците на безбедносните сили е пред распад. Откриваат дека целото членство е поделено во два табора. Едниот табор го предводел Анѓелов кој барал да се премине во партијата на Бошковски, додека другите се незадоволни од ваквиот потег.Анѓелов, пак за forum.com.mk изјави дека врската со Љубе Бошковски е само приватна од времето кога Бошковски беше министер за внатрешни работи, а тој генерал за време на конфликтот во 2001 г. Демантира дека ќе има преминување на членови на „Достоинство“ во Обединети за Македонија.„Немам такви аспирации. Избори ќе нема уште најмалку 2,5 години зошто да добивам политички ангажмани уште сега. Не доаѓа пред вид. Ако тоа го сторам тогаш би бил предавник на членовите, а јас мојот авторитет го црпам од нив“, вели Анѓелов.„Навистина имавме чесни намери да ги оствари своите права како сегашни и поранешни припадници на безбедносните сили и тоа како здружение, а не како членови на партии“, велат незадоволните членови.Тие обвинуваат дека Анѓелов го користи здружението само за лична промоција.Од Обденети за Македонија неофицијално потврдуваат дека имаат контакти со Анѓелов, но дека се уште немаат дефинирано дали тој ќе премине во партијата и ќе добие политички ангажман.Здружението „Достоинство“ брои над 2.000 припадници на безбедносните сили. Здружението беше едно од најгласните против одлуки на Врховниот суд со кои на припадниците на безбедносните сили кои беа повредени за време на конфликтот од 2001 г. и земаа отштета за тоа, истата да ја вратат на државата. Здружението неколку пати, преку поддршка од политички партии и по пат на граѓанска инцијатива се обиде да се донесе и закон за посебни права на припадниците на безбедносните сили.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Зошто СДС се во паника и хистерија, имаат ли страв од исказот на Груби
ВМРО-ДПМНЕ апсолутно го разбира и оправдува револтот на граѓаните по одлуката на правосудните органи за куќен притвор на криминалецот Артан Груби.
Ги поздравувавме и Владините институции кои си ја завршија работата и го доведоа пред лицето на правдата, криминалецот Груби кој избега пред година дена, откако се отвори постапка за негова вина во случајот со Државната Лотарија за проневера на државни пари во вредност од над 8 милиони евра, вели Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Очекуваме, додава тој, одлуката на судот да биде во заштита на правдата, а не соучесник во неправдата.
„Но, она коешто е уште поважно е дека СДС, партијата која соработуваше и молчеше кога Груби правеше криминал, се исплаши до срж, затоа што не знаат што се Груби може да каже. Дали имаат страв дека неговиот исказ ќе оди до поранешен претседател на СДС и премиер на Македонија? Затоа ли вртеа по телефони интересирајќи се за исказот на Груби? Кого може Груби да повлече со него, дали со него ќе ги повлече и неговите ортаци по криминал Заев, Филипче, Спасовски, Зечевиќ и други“.
Вистината е една и единствена, вели тој и додава дека Артан е ортак во криминалите на Заев, Филипче, Спасовски и сите, како што истакнува, заедно ќе се соочат со правдата и ќе одговараат.
„Затоа е и паниката и нервозата во редовите на СДС, стравот од одговорност им влегол длабоко во коски.
Судскиот процес за Груби, екс вицепремиерот и министер во владата на СДС, почнува допрва, по судските клупи друштво ќе му прават и сите негови криминогени ортаци. Правда ќе има“.
Македонија
Кривична за прилепчанец поради сомнеж дека фалсификувал свидетелство за да полага за возачка
Полицијата поднесе кривична пријава против Н.А. (49) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување на исправа“, информираат од МВР.
Според билтенот, во септември 2025 година пријавениот изработил лажна исправа – свидетелство на негово име, наводно издадено од основно училиште за завршено осмо одделение.
Како што наведуваат од МВР, тој имал намера документот да го употреби за пријавување во авто школа за полагање на возачки испит, иако имал завршено четврто одделение.
Македонија
Перински во посета на Општина Куманово во рамки на караванот „Каде што срцето е дома“
Во рамки на караванот „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа Златко Перински денес ја посети Општина Куманово, при што оствари работна средба со градоначалникот Максим Димитриевски и членовите на Советот.
На средбата се разговараше за повеќе прашања од значење за граѓаните и за понатамошниот развој на општината, со посебен акцент на конкретни решенија, подобра координација и поефикасно искористување на расположливите механизми за поддршка.
Перински ги информираше присутните и за динамиката на активностите на Министерството во наредниот период, при што беше нагласен јасниот фокус на институцијата – зајакнување на локалните капацитети, поддршка на развојни проекти, создавање на услови за поттикнување на меѓуопштинска соработка и подобрување на услугите за граѓаните.
Во рамки на посетата беше посочено дека од минатата недела се активни двата јавни повика на министерството, наменети за проекти што придонесуваат кон рамномерниот регионален развој — преку Програмата за намалување на диспаритетите и Програмата за рамномерен регионален развој. За оваа намена се издвоени вкупно 223.423.000 денари. „Ги охрабрувам сите општини активно да ги искористат овие повици и да аплицираат со квалитетни предлог-проекти“, порача Перински.
При посета на општината се изврши и увид во проектот „Урбано зеленило за здраво дишење“, кој се реализира во рамки на првиот повик од ИПА III Програмата за прекугранична соработка Interreg (VI-A) со Бугарија, во рамки на Приоритет 1: Позелен пограничен регион.
Проектот е насочен кон унапредување на квалитетот на животот и здравјето на граѓаните во прекуграничниот регион Ќустендил – Куманово преку развој на зелена инфраструктура.
„Да ги зголемиме зелените површини во градов, со цел почиста животна средина, со акцент на подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух, со примена на една од долгорочните мерки за намалување на загадувањето, а тоа е оззеленување и пошумување со квалитетни садници.“, нагласи градоначалникот Димитриевски.
Вкупната вредност на проектот за Куманово изнесува 343.090 евра, од кои 15% се кофинансирање од Министерството за локална самоуправа. Проектот опфаќа засадување на 510 дрвја и уредување на мали урбани градини на три кружни текови како и активности насочени кон подготовка на стратешки и „меки“ мерки за развој на зелената инфраструктура и зајакнување на капацитетите на партнерите.

