Македонија
Правда го „пегла“ избирачкиот список
Министерството за правда деновиве почна да работи на подготвување на предвремени избори што би се одржале во септември или најдоцна до средината на ноември, дознава магазинот „Форум” од извори во ова Министерство
Пред петнаесетина дена Министерството за внатрешни работи побарало од Министерството за правда да изврши проверка, и тоа само во Скопје, на околу 30 илјади граѓани за кои има сомневања дека не престојуваат во државата и дека не живеат на адресите кои им се наведени во личните карти или патните исправи. Станува збор за голема бројка граѓани кои се заведени во избирачките списоци и која може сериозно да влијае врз резултатите од гласањето на изборите. „Форум” дојде до наредбата потпишана од министерот Михајло Маневски, а со која тој бара од вработените на направат проверка на лицата од списоците доставени од МВР. Во наредбата потпишана од министерот Маневски, од вработените се бара за секое лице од списоците на МВР да се обезбеди точен податок и да се наведе изворот на информацијата за тој податок. Целта на оваа акција на Министерството за правда, според нашите извори, е да се провери дали лицата од списоците живеат на адресите на кои се пријавени или не, и ако не, колку време веќе не живеат таму. Досега се проверени неколку илјади граѓани што биле наведени на списоците од МВР и за најголем дел од нив се утврди дека во моментов не се во државата. Изворите на “Форум” од ова Министерство наведуваат дека тие немаат законско право да прават вакви проверки и дека единствено МВР е надлежно да бара идентификација од граѓаните и да врши проверка на нивните лични документи. Од Министерството за правда изјавија дека станува збор за вообичаена постапка која се спроведува пред секои избори. Од МВР, пак, немаа коментар за информациите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

