Македонија
Промивирна програмата на Советот за превенција на малолетничко престапништво

Државниот совет за превенција на малолетничко престапништво денеска ја промовираше Програмата за работа на Советот
Како најприоритетни задачи содржани во Програмата за работа, кои Советот треба да започне да ги имплементира се: истражување и анализа на состојбите со малолетничкото престапништво во Р.Македонија, одржување на информативно-едукативни регионални работилници со градоначалниците од општините во државата, одржување на работни средби со ресорните министерства за: труд и социјална политика, образование и наука, внатрешни работи, правда итн.Советот, чиј претседател е проф. д-р Владимир Ортаковски, е предвиден како самостојно и независно тело во вршењето на работите определени со Законот за малолетничка правда.„Обврската да дадеме отчет како Државен Совет ја имаме кон органите на Р. Македонија,“ вели Ортаковски.Годишните извештаи за својата работа и за состојбите во областа на правата на детето и малолетничкото престапништво, Советот ги доставува до Собранието и Владата на Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мрежата за заштита од дискриминација: Противуствен е предлог-законот за верски училишта

Мрежата за заштита од дискриминација остро реагира против Предлог-законот за верски училишта објавен на Единствениот национален електронски регистар (ЕНЕР), сметајќи го за противуставен, правно неусогласен и опасен обид за поткопување на секуларниот карактер на државата и за институционализација на верското образование во системот на формално образование.
Предлогот, како што се вели во реакцијата, е спротивен на Уставот и на Законот за средно образование.
„Предлог-законот е во колизија со Уставот на Република Северна Македонија. Слободата на верските заедници да основаат верски училишта е загарантирана со чл. 19 од Уставот, но овие училишта можат да бидат исклучиво од верски карактер, а не од редовен гимназиски, стручен или уметнички тип. Дополнително, чл. 22 од Законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група дозволува основање верски образовни установи од сите степени освен основното образование, исклучиво за школување на свештени лица и верски службеници. Овој закон претставува lex specialis и не може да биде дерогиран со нов закон. Оттаму, не може верските училишта да се третираат како редовни средни училишта со право за упис на секој факултет.
Одлуката на Уставниот суд У.бр. 182/2021 објавена на 29 мај 2024 година потврдува дека системот на верско образование мора да биде целосно одвоен од граѓанското образование и дека секој обид за нивно мешање претставува повреда на уставниот принцип на секуларност и одвоеност на државата и верата. Одлуката е достапна на следниот линк: https://ustavensud.mk/archives/33087.
Законот за средно образование (чл. 7) изречно забранува верско организирање и дејствување, организирање на верско образование, како и истакнување верски обележја во средните училишта. Законодавецот направил јасна разлика помеѓу редовни и специјализирани училишта, каде што вторите се наменети исклучиво за задоволување на внатрешни потреби на верските заедници.
Предлог-законот не содржи механизми за надзор, санкции или контрола. Не е утврдено кој ќе биде надлежен за негово спроведување, кој ќе следи дали се почитуваат предвидените одредби и кој ќе изрекува мерки во случаи на прекршувања. Дополнително, се отвора можност верските училишта да добиваат средства од државниот буџет, додека контролата на трошењето да ја имаат самите верски заедници.
Членот 4 од предлог-законот предвидува верските училишта сами да издаваат јавни исправи врз основа на свој статут, што е спротивно на постојните правила каде формата и содржината на свидетелствата се утврдени од Министерството за образование и наука. Прашањето за еквиваленција на таквите дипломи останува нерешено.
Законскиот текст се повикува на засебност и автономија на верските училишта, но паралелно бара нивно изедначување со државните училишта во однос на правата на учениците. Ваквиот пристап е контрадикторен и правно неизводлив.
Членот 6 став 2 не утврдува јасни критериуми за наставен кадар, туку остава правна празнина во однос на тоа кој може да предава религиозни содржини. Исто така, постои правна неусогласеност меѓу член 7 став 8 и став 11, што создава недефинирани односи помеѓу основачот и Министерството во однос на верификација на наставниот план. Членот 11 е особено спорен бидејќи овозможува државна матура како услов за упис на секој факултет, додека во исто време дозволува и запишување на верски факултети без положување на матура. Оваа двојна регулација отвора простор за злоупотреби, нерамноправност и институционална дискриминација“, велат од Мрежата за заштита од дискриминација.
Бараат итно повлекување на Предлог-законот и ја повикуваат Владата да се придржува до уставниот принцип на секуларност. Усвојување на ваков закон, според нив, претставува сериозно отстапување од демократските и граѓански вредности и директна закана за правата на учениците и интегритетот на образовниот систем.
Македонија
Не сакам да бидам маша во сценарио за изборен пораз – Костадинов нема да се кандидира како независен за Струмица

Актуелниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов нема да се кандидира како независен кандидат за Струмица. Ова тој го објави и на социјалните мрежи.
Некогаш, за да си ги видиш луѓето околу себе, не треба повеќе од една реченица. Толку е доволно да го прочиташ пулсот. Да видиш кој што мисли, кој мисли како тебе, кој не мисли воопшто.
Да видиш која е вистинската состојба на партијата – има ли таму уште искрени луѓе или само спакувани кариери со фолија за замрзнување.
Кога споменав можност за независна кандидатура, без воопшто да одлучам, мислев дека ќе треба барем две недели за да се охрабрат и најголемите глумци да го покажат лицето.
Не. Не им требаа две недели. Им требаа помалку од 24 часа“, вели тој.
Секоја чест на исклучоците, додава Костадинов.
„На вистинските другари, чесните, лојалните, тие што навистина сакаат СДСМ да си го врати достоинството. А раководството? Раководството си донесе одлука и покрај мое убедливо водство на сите анкети. Но, во обид да го убијат разумот, почнаа да пуштаат анкети на фејсбук, со лајкови по групи, затоа што веќе не веруваат ни во анкетите што самите ги платиле.
Епа, жално.
Со такво раководство, многу е и една општина да се победи. Не, јас не одам како кандидат.
Јас се повлекувам во тишина, за да создадам нова визија за СДСМ – партија со авторитет, со план, со луѓе кои разбираат стратегија и знаат дека партијата е жив организам, а не штаб за оговарање.
И да не се лажеме не сум политички наивен.
Не сакам да бидам маша во сценарио за изборен пораз.
Брзо го загризаа тој наратив, но уште побрзо ќе го голтнат поразот.
Мојата стратегија ќе биде јасна – и ќе биде поделена во два дела:
Првиот – во септември. Вториот – по завршување на локалните избори.
До тогаш, правете си анкети по Фејсбук групи.
Дури и тоа нека помогне да се победи барем во една општина.
Јас ќе останам член со замрзнат статус – додека не ги видам резултатите.
После – ќе биде друга песна.
На првиот тест – паднавте.
Во октомври – играјте повнимателно.
Народот не е повеќе глупав.
Политиката е игра на мудрите, изгледа и мудрост и фали на партијата.
Со почит,
Костадин Костадинов
Политичар кој нема изгубено избори и знае кога е време да се повлече еден чекор, за да се врати достоинството на СДСМ“, порачува во напишаното Костадинов.
Македонија
Наместо политика за развој на културата, Љутков води партиска пропаганда, велат од СДСМ

Според СДСМ, денешната прес-конференција на министерот за култура Зоран Љутков е уште еден обид да се замаскира годишното фијаско на ВМРО-ДПМНЕ во културата. Наместо отчет, јавноста доби низа лаги, манипулации и самопофалби без основа.
„Нема „успешна година“ кога институциите немаат средства, проектите стојат, а вработените во Министерството за култура се сегрегирани по партиска припадност и без законски исплатената плата согласно со колективните договори.
Министерот премолчи и дека не се почитува Колективниот договор и се манипулира со културните работници, кои се под постојана закана и притисок.
Љутков не кажа ништо за запирањето на сите активности во заштитата на културното наследство, за нефункционалните конкурси, за партиските поставувања и за скандалите во кабинетот – кои не се „успех“, туку пораз на институцијата“, велат од СДСМ.
Додаваат дека на денешниот прес министерот за култура Љутков ја излажал јавноста дека за првпат по 8 години е распишан конкурс за креативни индустрии.
„СДСМ го потсетува Љутков дека во 2024 година беше распишан и спроведен Конкурс за креативни индустрии, кој ги содржеше во винстинска смисла на зборот креативните индустрии, а не како годинешниот конкурс на Љутков скроен по мерка за лукративни и корумптивни проекти што би требало на ВМРО-ДПМНЕ да му донесат повеќе гласови на претстојните локални избори.
Наместо културна дипломатија – само патувања без ефект и без отчет. Еве сега прашуваме што конкретно донесе за културата неговото последно патување во Америка и во крајна линија за туризмот? Наместо инвестиции – кратења од буџетот. Наместо визија – политичка пропаганда“.
Остро реагираат како што велат на обидите да се прикаже неработата како резултат.