Македонија
Виновни ли се единаесетмината од Сопот?!
Седум години 11 души од Сопот седат во затвор, осудени на вкупно 156 години за тероризам, а јавноста и меѓународната заедница не се убедени дека токму тие луѓе се виновни за смртта на двајцата војници на КФОР кои со џипот налетаа на мина во 2003 година
Единаестмината кои лежат во затвор осудени од сите судски инстанци во земјава, додека чекаат на одлуката на Врховниот суд, до кој нивниот адвокат има поднесено жалба, штрајкуваат со глад. На денешната дебата организирана од невладината „Разбуди се“ со цел да се помогне во обновување на случајот и конечно да се дојде до вистината, сите учесници и гости беа загрижени за нивната здравствена состојба.
Како што соопштија нивните роднини кои не можат многу да ги видат затворениците, но и народниот правобранител, Иџет Мемети, кој има директен контакт со нив, здравствената состојба им се влошува од ден на ден.
„Иако сите се запознати со нивните права при стапување во штрајк со глад, сепак сите, освен најстариот одбиваат да примаат вештачка храна. Најстариот прима храна преку инфузија два пати во денот“, рече Мемети.
Тој неколкупати се обидел да ги разубеди, да не стапуваат во штрајк со глад, но тие не го слушале, а како што вели Мемети, никој не може да им го одземе тоа право.
„Јас отворив постапка за лицата кои се на издржување казна затвор за случајот Сопот, од кога дознавме дека тие стапила на штрајк со глад. Ги посетивме со лекар и секојдневно сме во комуникација со управата на затворот, а и со самите затвореници, се со цел да ја следиме нивната здравтвена состојба“, вели Мемети.
Денешната дебата беше организирана со цел да се придонесе за решавање на случајот.
„Целта на дебатата е јавноста уште еднаш да биде запозната со сите докази, сите случувања за случајот Сопот, за тоа дека дека вистината веќе се гледа. Осудените апсолутно не се виновни за тоа што се осудени. Осудени се за најтежок вид кривично дело – тероризам, без докази. Доказите врз кои судот ја засновал својата пресуда, ние со аргументи и со материјални докази успеавме да ја побиеме“, рече Вулнет Пачуку, адвокат на осудените .
Според него, докажано е повеќекратно дека исказот на Рамадан Бајрами, врз основа на кој се осудени единаесетте сопотчани, е кажан по употреба на физичка сила и психичка тортура.
„Пред околу десет дена поднесовме барање за вонредно преиспитување пред Врховниот суд. Ќе бидат превземени и другите вонредни правни лекови, а тоа е барање за заштита на законитоста и барање за повторување на постапката, меѓутоа прво ќе чекаме исход од Врховниот суд“, рече Пачуку.
Тој очекува правдата да излезе на виделина, поточно, осудените да бидат прогласени за невини и тоа во рок од два до три месеци, затоа што тоа е рокот во кој можат да се завршат сите правни процедури.
„Јас сум најдлабоко убеден дека истите еден ден ќе бидат ослободени, се соочуваме со пресови кои се во насока на осудување на лицата, меѓутоа вистината е веќе јасна, крајот ќе биде со ослободителна пресуда иако тоа се одолговлекува“, вели Пачуку.
Вчера, бил доставен и извештајот од Анкетната собраниска комисија за заштита на човековите права и слободи, по заклучокот што беше донесен од Работната група за Сопот формирана во Собранието. Пратениците Албанци кои присуствуваа на оваа дебата беа разочарани од односот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, затоа што иако Извештајот е донесен пред повеќе од еден месец, дури вчера успеал да го прати до судот.
„Сами гледате какви работи прави претседателот на парламентот. Значи парламентот не го познава заклучокот од комисијта која ја формираше самиот парламент, што значи дека претседателот на парламент ги кочи работите. Тој беше должен да го поднесе барањето до Врховниот суд и ова да се реши“, рече Абедин Зимбери од Нова демократија на Имер Селмани.
Според него, доколку нештотрагично се случи со здравјето на овие луѓе, виновни ќе бидат претсеателот на државата, на собранието и премиерот.
Зимбери смета дека не е само овој случај таков во државава, туку наброи уште неколку, каде како што вели врз основа на сомнителни докажи, невини луѓе лежат во затвор.
Деновиве се спомнува и организирање протест по улиците на Скопје, од неколку невладини организации со цел да се обрне внимание на случајот Сопот. Дел од пратениците го поддржуваат протестот, а дел се против.
„Ние сакаме случајот да се реши на институционално ниво, а не на улица“, рече Хајрула Мисини од ДУИ, додека неговиот колега од Нова демократија, Зимбери, вели дека ќе поддржат какво било движење и акција, само да се дојде до вистината.
Професорот Ким Мехмети укажа на еден непобиден факт, дека сите учесници на дебатата се од една етничка заедница, а тоа според него е проблем, бидејќи не се развива дијалог меѓу заедниците, преку кој би дошло до разбирање.
„Албанците од осамостојувањето, наваму, се жртви на вакви процеси, а ако чекаме Али Ахмети да го актуелизира процесот, никогаш нема да дочекаме. Албанските партии имаат еден проблеЧ 15 дена се за народот, а четири години се послушни на коалицијата“, рече Мехмети.
Од друга страна пак, народниот правобранител верува во судскиот систем и дека на крај, по фер и правично судење ќе се донесе квалитетна пресуда со што ќе се отстранат сите сомнежи од овој случај.
Во 2003 година од подметната експлозивна направа загинаа двајца НАТО војници од полскиот контингент. Единаесет жители на Сопот се осудени на 156-годишна затворска казна. Случајот по шест години се актуелизираше по изјавата на тогашниот амбасадор на НАТО, Никлас Бигман, дека не верува оти тие единаесетмина се виновни и дека најверојатно се повредени човековите права.
Беше формирана Работна група во Собранието која разгледа многу документи од сите релевантни институции, повика доста јавни личности кои можеа да посведочат за случајот, меѓу кои и Бигман, и главниот сведок Рамадан Бајрами, и тогашните министри за внатрешни и одбрана, Хари Костов и Владо Бучковски.
Во Заклучпкот на Анкетната комисија стоеше дека при истрагата биле повредени човековите права.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Сопственикот на илегалната дрога, рамо до рамо со Венко Филипче, јасно е кој седи позади дрогата
Со денови ги слушаме СДС и Филипче, во прашална форма како лажно ја обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ за некаков шверц на дрога, па го мешаат Томовски, и кој се уште не, но, еве ја вистината на дело.
Откриваме фрапантен податок и фотографија, која покажува директна инволвираност на Венко Филипче со шверцот на илегалната дрога. Венко и газдата на фабриката со илегалната марихуана – еден до друг, истакна на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко Филипче на телевизиско интервју, кажа дека нема никаква врска со вистинскиот сопственик на Фирмата „ЦБД Медплант“ и поранешен функционер на СДС, Тони Котев, а како што гледаме на сликата тие двајца добро се познавале и соработувале.
Венко Филипче и Тони Котев, рамо до рамо еден до друг.
Венко Филипче и СДС, наместо секојдневно да прашуваат и да шират невистини и манипулации, треба да одговорат на вистинското прашање, зошто се толку потресени и толку силно водат кампања за овие заплене на околу 30 тони дрога? Дали во СДС се исплашени затоа што Филипче и Заев се вмешани во трговијата со дрога? Затоа ли Филипче добро знае колку камиони требаат за одредена количина на дрога? Затоа ли во 2023 година го променија правилникот за одгледување на канабис? Колку милиони требале да заработат и на овој криминал“.
Според него, каде има чад, има и оган.
„Каде има криминал и корупција, таму се и Филипче и Заев. Ако порано се велеше дека сите патишта водат кон Рим, денес сите патишта за криминал и корупција, водат кон Филипче и Заев“.
Го повика ЈО, да ја истражи поврзаноста на Филипче и Заев, во случајот со 30-те тони запленети дрога.
Македонија
(Видео) Македонија на чекор до историски трговски договор со САД, рече Стојаноски
Македонија е на чекор до потпишување историски трговски договор со Соединетите Американски Држави, објави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски на денешната прес-конференција, нагласувајќи дека се работи за „историски успех за македонската Влада и дипломатија“.
Како што информира Стојаноски, доцна синоќа Белата куќа објавила Заедничка изјава за реципрочна трговија помеѓу САД и Македонија, со која се најавува рамка за договор со царински тарифи до 15%, а за одредени производи и 0%.
„Се идентификуваат производи коишто ќе добијат до 0% реципрочна тарифа, што значи дека за дел од клучните индустрии и производи царинските тарифи ќе се намалат до нула“, рече Стојаноски.
Според него, ова претставува јасен сигнал за продлабочување на стратешкото партнерство и економската соработка меѓу двете држави. Договорот, како што рече, на македонските компании ќе им обезбеди конкурентска предност, регулаторна сигурност, предвидливост и посилна позиција на американскиот пазар.
„Во овие непредвидливи глобални времиња се зачувани илјадници работни места, а се испраќа и сигнал за политичка и економска стабилност на нашите односи со официјален Вашингтон“, додаде пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
Дополнително, Стојаноски истакна дека документот е доказ за неоснованоста на критиките од СДСМ дека Владата нема надворешен план или визија. Целта на Владата, рече тој, е повеќе извоз, инвестиции и добро платени работни места дома.
Македонија
Левица: Радикално кратење на земјоделските субвенции, десничарската ДПМНЕ покажува дека не и требаат земјоделци
Со усвојувањето на новата програма за унапредување и поддршка на македонскиот аграр од страна на владата, сведоци сме дека оваа таканаречена програма не нуди ни унапредување ни поддршка, а ни развој на домашното земјоделско производство на храна, велат од Левица.
Ова, како што додаваат, е уште една капка која веќе ја прелива чашата на неиздржливост, која радикално десничарската реакционерна партија ДПМНЕ, им ја сервираше на македонските земјоделци во овие неполни две години власт.
„Партијата позната по криминалот и корупцијата, по луксузот кој си го уживаат нејзините функционери платени од парите на работниците, реши да ги скрати земјоделските субвенции за цели 40 милиони евра, од 140 на 100 милиони евра, пари кои сега нема да отидат кај земјоделците туку партијата ќе си ги троши за свои потреби.
И оваа е уште една од вестите за катастрофата што и се случува на нашата земја и домашното производство на храна, после веста дека во 2025 година имаме рекорден увоз на храна од над 1,1 милијарди евра, односно, околу 600 милиони евра трговски дефицит кај храната, пари кои наместо кај домашните земјоделци, завршија кај странските корпорации и трговците блиски до партијата на власт“.
Затоа, за да се спречи пропаста на нашето земјоделско производство и да се заштитат земјоделците кои од чесни производители на храна, оваа влада има намера од нив да направи социјални случаи, апелираме, истакнуваат од Левица, на будност и спремност, на неопходно организирање и преземање на работите и судбината во свои раце.

