Македонија
Хомофобијата е длабоко влезена во образовниот систем
Хомофобијата е голем општествен проблем кој е длабоко инфилтриран во образовниот систем во Македонија, и затоа е потребна итна ревизија на сите учебници кои промовираат нетолеранција, заклучија дискутантите на денешната дебата по повод борбата против хомофобијата.
На дискусијата присуствуваа високите европски претставници: Симоне Филипини, Амбасадорка на Кралството Холандија, Шелдон Јет, претставник на УНИЦЕФ, Емануеле Гуихенеф, претставничка на Делегацијата на Европската Унија како и дел од домашните експерти за човекови права: Мирјана Најчевска, ко-автор на учебникот „Животни вештини“, Жарко Трајановски, автор на истражувањето „Љубов исклучиво после училиште“, Драшко Костовски од Х.Е.Р.А, и Славчо Димитров од Коалицијата за правата на маргинализираните заедници. Според Жарко Трајановски, во Македонија постои институционална хомофобија со тоа што македонските учебници кои нудат погрешни информации, негативни ставови и вредности за хомосексуалноста се одобрени од Министерството за образование. Според него, во одредени учебници кои ги третираат односите меѓу половите се среќаваат погрешни информации за хомосексуалноста која е опишана како негативна појава и истата се третира како опачина и се сугерира дека хомосексуалците се ненормални луѓе кои имаат психички проблеми. „Во учебникот „Психијатрија“, наменет за високото образование, се сугерира дека хомосексуалноста е болест или психичко пореметување, додека во учебникот „Граѓанско образование“ кој треба да промовира европски вредности, хомосексуалноста е вброена како девијантна појава. Учебникот „Етика“ исто така нуди негативен однос кон се што не е во склоп со хетеропатријархалната матрица која доминира во нашиот систем на образование,“ истакна Трајановски и додаде дека иако од НВО секторот на неколку наврати барале повлекување на овие учебници, засега не е превземено ништо во таа насока. Европските претставници едногласно и експлицитно нагласија дека во Европската Унија нема место за хомофобични општества и затоа повторно упатија апел до пратениците уште еднаш да го разгледаат законот за антидискриминација и во него експлицитно да ја наведат сексуалната ориентација како основ за дискриминација. „Слушнав дека на наставниците во Македонија им е тешко отворено да разговараат со своите ученици за теми кои влегуваат во полето на непријатност и затоа ги избегнуваат дискусиите што ги остава учениците неинформирани за сексуалноста. Во Холандија наставниците се континуирано обучувани за да знаат како да се однесуваат со своите ученици во вакви ситуации,“ рече Амбасадорката Филипини. Според Драшко Костовски, сексуалното образование е доживотен процес и затоа не смее да се кријат информации од децата под изговор дека со тоа ги „заштитуваме“ бидејќи тоа понатаму носи проблеми. „Генерално во нашите истражувања се покажува дека 90 отсто од наставниците и родителите се за воведување на посебен предмет на сексуално образование; 61 отсто од наставниците и 68 отсто од родителите се за програма која што ќе инволвира сексуална различност,“ истакна Костовски и додаде дека моќта на училиштето во борбата со хомофобијата и распознавање и прифаќање на различностите е огромна. Експертите истакнаа дека кај децата треба да се подигне свеста за човековите права и различностите, за да се изградат ставови и вредности кои ќе ја прифатат различната сексуална ориентација и да научат да бидат толерантни кон оние кои се различни од нив.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

