Македонија
Пратениците да им ги плаќаат сметките на стечајците
Стечајците разочарани од вчерашното отфрлање на Предлог законот за решавање на нивниот статус велат дека ќе ги соберат сметките во вреќи и ќе ги однесат кај пратениците пред врата, за тие да им ги плаќаат.
„Разочарани сме од Владата и од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, поради тоа што гласаа против предлогот за паричен надоместок за стечајците. Најавуваме порадикални протести, а нашите сметки ќе ги однесеме кај пратениците за тие да ни ги платат“, изјави за макфакс, претседателката на здружението на стечајците УНИТ Лилјана Георгиевска. Собранието вчера со 51 глас „против“ и 22 „за“ го отфрли Предлог законот за паричен надоместок за стечајците.На гласањето му претходеше целодневна жестока расправа меѓу власта и опозицијата. Марјанчо Николов од СДСМ кој го образложуваше Предлог законот рече дека со него се бара сите невработени лица кои останале без работа поради приватизацијата на претпријатија да примаат надомест од Агенцијата за вработување до повторно вработување или исполнување на условите за пензија во висина од 30 проценти од просечната плата за претходната година. Според опозицијата се работи за 10 илјади лица кои би го користеле ова право за што ќе бидат потребни 12 милиони евра или како што рече Николов се темели на уставните начела. „Со ова ќе се затвори прашањето за социјалната компонента на неправедната транзиција во Македонија. Доколку тоа не се направи тие луѓе ќе продолжат да живеат на маргините на општеството“, рече Николов. Според владејачката партија пак законот е поднесен од политички причини. Крсто Муковски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека преку преземање на колективна одговорност СДСМ се обидува да амнестира личност која според него е режисер и сценарист на најматната приватизација во Македонија. За Предлог законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатија со општествена и државна сопственост поднесен од пратеници од СДСМ, НД, ЛП, НСДП и Нова алтернатива, потребни се 12 милиони евра.Тројца претставници од Унијата на технолошки вишок со одобрение од претседателот на Собранието, Вељановски, а по барање на СДСМ вчера ја следеа собраниската расправа од галеријата во Собранието./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
По информациите за енормно загадување на водата за пиење во Струга, обвинителството оформи предмет
Во врска со информациите за енормно загадување на водата за пиење и за основни животни потреби на подрачјето на градот Струга, Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет за да се испитаат причините и евентуално сторени кривични дела против животната средина и природата.
Во координација со МВР – ОВР Струга, издадена e наредба за правосудната полиција да изврши увид на локација во селото Шум, каде се сместени изворите од кои подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење.
При увидот треба да бидат присутни и надлежни инспекциски служби од областа на животната средина, од Агенцијата за храна и ветеринарство, како и од Центарот за јавно здравје.
Ќе бидат преземени и други дејствија на проверки, соопшти обвинителството.
Македонија
Советник на Мицкоски за нов уставен судија – толку од независноста на судството, велат од СДСМ
Гоце Наумовски, кој е надворешен советник на премиерот Мицкоски за правни работи, е предлог за нов уставен судија кој се очекува да биде изгласан наскоро, истакнуваат од СДСМ.
„Кадровско решение од кабинетот на премиерот во највисоката судска инстанца во државата.
Дополнително, Гоце Наумовски е брат на поранешниот вицепремиер за евроинтеграции од ВМРО, Васко Наумовски, со што политичките релации и влијанија се уште еднаш потврдени.
Власта ги зема под целосна своја контрола судството и обвинителството.
Го сменија јавниот обвинител и планираниот избор на обвинител под своја контрола. Сопруга на градоначалник на ВМРО назначија за член на Судски совет. Сега советник на Мицкоски во Уставниот суд“.
Според СДСМ, додека Мицкоски од собраниска говорница им дели задачи и им кажува што и како да работат, носат закони за правосудатво кои се спротивни на препораките на ЕУ.
„Тотална партизација на државата, партиски контролирано судство, судии и обвинители од тефтерчињата. Исто како во времето на Никола Груевски.
Следува целосно погребување на правдата и правната држава“.
Македонија
Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ
Во 2023 година, Владата предводена од СДС извршила измени на Правилникот за одгледување канабис за медицински цели, кои се косат со важечкиот закон што ја регулира оваа област, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Со измените во член 2 од Правилникот е предвидено канабисот да може да се одгледува и на отворен простор (површина или земјиште), иако во законот и во претходната верзија на правилникот беше утврдено дека одгледувањето за медицински цели се врши исклучиво во затворен простор.
СДС и Заев со ваквиот подзаконски акт овозможиле производство на канабис на нива, што отвора сериозни дилеми во однос на исполнувањето на ГМП стандардите. Доколку не се исполнети овие норми, финалниот производ, маслото од канабис не би можел да биде соодветно лиценциран ниту пласиран во промет за потребите на пациентите.
Владата на СДС на чело со Заев и Филипче свесно и намерно го сменила правилникот.
Во 2020 СДС на чело со Заев и Филипче имаа иницијатива за поширока легализација на марихуаната, како и на значителното зголемување на бројот на издадени лиценци за медицински канабис, особено во струмичкиот регион“.
Според владејачката партија, сомнежите и индициите за злоупотреба на производството на канабис и криминалот со дрогата дополнително се зголемија по заплената на голема количина марихуана од компанија во Ново Село, поврзувана со лице блиски на СДС и Заеви.
Прашуваат, зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на Закон, кои им биле мотивите и колку профитирале.
„Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Потребни се ред, одговорност и темелна институционална истрага. Надлежните органи треба целосно да ги испитаат сите наводи и сомнежи“.

