Македонија
Фондот за здравство ќе праќа извршители по фирмите
Тужби и извршители на врата треба да очекуваат сите работодавци во Македонија кои нема навреме да ги подмират долговите за здравствени придонеси кон Фондот за здравствено осигурување
Во текот на 2009 г. има невиден пораст на тужбените барања што ги поднел Фондот за здравствено осигурување кон компании кои не уплатиле придонеси за здравствено осигурување, што од една страна покажува дека компаниите работеле во криза и не можеле да обезбедат пари за оваа давачка, а од друга страна, дека заврши времето кога таканаречените газди се богатеа на сметка на избегнување на давачките за придонеси.Имено, лани Фондот за здравствено осигурување пред надлежните судови покренал вкупно 5.612 тужбени барања за наплата на заостанат придонес што е 62 отсто повеќе отколку во 2008 година кога имало 3.460 тужбени барања. Вкупниот износ на неплатен придонес кој е опфатен со овие тужбени барања изнесува околу 7,2 милиони евра главен долг и законска камата од 0,05 отсто дневно до денот на плаќањето. Од поднесените тужбени барања во судска постапка во корист на Фондот биле донесени вкупно 3.515 пресуди (151 отсто повеќе од 2008 г. кога во корист на Фондот биле донесени вкупно 1.392 правосилни пресуди) со кои се утврдени побарувања во вкупен износ од 7,8 милиони евра главен долг.Бранко Аџигогов, портпарол на Фондот за здравствено осигурување за „Форум“ вели дека од 2007 година наваму кога почнала акцијата за втужување на побарувањата врз основ на неплатени придонеси биле поднесени повеќе од 10.000 тужбени барања. Во годишниот извештај за работата на Фондот се вели дека акцијата за наплата на долгуваните придонеси по судски пат постигнала и друг позитивен ефект.„Имено, голем број обврзници за плаќање придонес, долгуваниот придонес го наплатија уште пред да се поведе постапка за наплата против нив или во текот на судската постапка, пред донесување на судската одлука”, велат во Фондот.Оттаму информираат дека во текот на 2009 година од поднесени тужби пред надлежните судови, добиени се вкупно 2.682 конечни и извршни пресуди, со кој е утврден главен долг со камата во износ од околу 6,4 милиони евра. Од овие пресуди, 1.117 се доставени до надлежни извршители за извршување и во извршната постапка е наплатен износ од 439 илјади евра.Фондот за здравствено осигурување не ги простува долговите по основ на здравствени придонеси ниту на фирмите кои покренале стечајна или ликвидациска постапка. Имено, во Фондот информираат дека во 2009 година биле поднесени 151 пријава за поведени стечајни постапки, што е 38 отсто помалку од 2008 г. кога биле поднесени 242 вакви пријави. Вкупниот износ на побарување од фирмите за кои се поведени стечајни постапки изнесува повеќе од 4,5 милиони евра, од кои за 1,3 милиони евра е утврдено побарување од Фондот, а за околу 25.000 евра Фондот е упатен на парница за утврдување на побарувањето.Сепак, вкупниот наплатен износ на побарувања од стечајни постапки лани изнесувал само околу илјада евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

