Македонија
Груевски: Работата е наша константа
Работата е константата што го одбележале работењето на владата во последните четири години, рече премиерот Никола Груевски во подолгото излагање за четиригодишниот период од владењето на ВМРО-ДПМНЕ, в кое детално по области го образложи сработеното
„За четири години, работите на сите полиња се мрднаа од мртва точка. Имаше грешки и ќе ги има во иднина, бидејќи ќе продолжиме да брзаме да го надокнадиме пропуштеното време и пропуштените шанси од минатото. Од грешките никој не бега и ќе сториме се за да ги поправиме. Но работите не стојат како порано. Во Македонија има промени и подобрување, луѓето се раздвижени, очекувањата се зголемени“, рече Груевски.Премиерот смета дека двата најголеми проблеми со кои се соочила владата под негово водство се светската економска криза и проблемот за името со Грција.Груевски овој период го подели на два дела: периодот од 2006-та до 2008-ма година пред светската економската криза и периодот од 2008-ма до денес, откако е започната кризата.Според него, кризата не придонела за запирање на веќе започнатите проекти.„Светската економска криза допринесе до намалување на приходите во буџетот и тоа малку ги оддолжи спроведувањето на проектите. Меѓутоа, како што знаете, ние донесовме одлука која што има и свои последици, како што се одредени доцнења на плаќањата. Донесовме одлука да не запреме безмалку ниту еден од проектите, но дел од нив да ги забавиме, односно исполнувањето да биде, на пример, наместо до 2010-та до 2011-та и така натаму. Така што, јас сум убеден дека планот кој што е направен ќе биде добро реализиран и дека средствата обезбедени од буџетот ќе ја завршат својата работа и ќе бидат доволни“, рече Груевски.Тој изрази незадоволство од спорот за името со Грција. Уште еднаш ја потврди позицијата дека за евентуалното решение ќе се изјаснат граѓаните.„Јас сум задоволен од она што владата го направи во однос на тоа што сите земји претходно го направија. Тоа е да ги направи сите модернизации, реформи, сите потребни проекти што се бараа од НАТО и се бараа од ЕУ за да земјата стане членка во НАТО, односно да ги започне финалните преговорите за полноправно членство. И тоа се потврди во 2008-мата на самитот во Букурешт и тоа се потврди минатата година, со давањето на позитивен извештај од страна на Европската Комисија и препорака до Советот на Македонија да и се отвори преговарачкиот процес. Задоволен сум што и тие реформи придонесоа да дојдеме и до визна либерализација и денес граѓаните веќе не чекаат за визи пред амбасадите, веќе не се малтретираат со цела неизвесност, така да со нашиот македонски пасош патуваат слободно. Меѓутоа, не сум задоволен со онаа што ни се случува од нашиот јужен сосед, односно од блокадата. На тоа посветено се работи за да се најде одредено решение“, рече Груевски.Како најголема од своето четири-годишно владеење, Груевски го посочи менувањето на „концептот на работа, управување и владеење“.„Сменети се критериумите по кои што се оценува една влада, сменети се вредносните критериуми и тоа нема да може нико понатаму да го промени. Секоја идна влада ќе мора да се мери најмалку со овие резултати што се прават, со овој начин на работење, со оваа динамика и со оваа темпо. Нема да им биде репер некој од деведесеттите години, ќе им биде репер оваа динамика на работа и од неа ќе треба да бидат подобри, што не велам дека не можат. Покачено е скалилото на мерење на работата на една влада и вредносните критериуми. Мислам дека тоа е најголемата придобивка, според моето длабоко убедување.“, рече Груевски.Премиерот најави дека отчетот за работата на владата во последните четири години наскоро во печатена верзија ќе биде достапен пред граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ некогаш беше државтворна партија, а сега се занимава со трач муабети, реагира движењето ЗНАМ
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија реагираше на, како што наведуваат, обвинувањата од СДСМ, оценувајќи дека партијата „бега од одговорност со навреди, етикетирања и лични дискредитации“.
Во реакцијата, од ЗНАМ наведуваат дека СДСМ, наместо да понуди аргументи и одговори за кономската и институционалната состојба во државата, се занимава со „озборувања“ и „трач муабети“.
Партијата оценува дека СДСМ, која некогаш беше државотворна партија, денес е сведена на фабрика за навреди, конструкции и политички отров, како и дека со улична реторика покажува нервоза и очај.
Од ЗНАМ нагласуваат дека движењето не е ничја квислиншка група, туку автентична политичка сила создадена од граѓани разочарани од владеењето на СДСМ.
Во реакцијата се споменува и периодот на владеење на Зоран Заев, при што се изнесуваат критики за, како што наведуваат, националните политики и управувањето со државата. Се споменува и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, при што се посочуваат, како што стои во реакцијата, контроверзии и сомнежи за тендери и набавки.
„Политиките на Зоран Заев останаа запаметени како период во кој националните интереси се ставаа на распродажба без јасен консензус и без чувство за државничка мерка. Со рачето на срце се промовираше како чесен и достоинствен, а всушност државата ја претвори во сопствен приватен бизнис. Симболиката на „едно евро за Вицето, едно за црквата“, беше само дел што нештото го докажува. Ги распродадоа македонските национални позиции на ангро, без јасна стратегија и без поддршка, ја разнишаа довербата во институциите и ја продлабочија поделбата во општеството. И по сето тоа, истите тие кругови, истото тоа раководство, се обидуваат да зборуваат за морал и одговорност, како граѓаните да немаат паметење. Во периодот кога со здравството раководеше Венко Филипче, јавноста беше сведок на низа контроверзии, сомнежи за тендери, набавки и прашања на кои никогаш не доби целосни и транспарентни одговори. Златни визи, сомнителни бизнис релации и повластени шеми, сето тоа се случуваше во време кога СДСМ ветуваше „живот за сите“, а испорача привилегии за малкумина“, велат од ЗНАМ.
Од ЗНАМ дополнително оценуваат дека опседнатоста на СДСМ со наративи за т.н. ‘српски свет’ и со случувањата во соседна држава и нивната постојана потреба да отвораат фронтови и да се караат со сите, од политички партии до новинарие прашање што партијата треба да го решава во сопствени рамки.
Македонија
Нова опрема за анализа на тешки метали во почвата во Државната лабораторија за животна средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска ја посети Централната лабораторија при Министерството, каде најави системско и координирано решавање на сите институционални предизвици.
Тој нагласи дека модерна и функционална Централна лабораторија претставува темел на ефикасната заштита на животната средина и гаранција за точни и навремени податоци во интерес на јавното здравје. Целта е да се обезбедат стабилни услови за работа и долгорочно унапредување на капацитетите.
Во рамки на посетата беше нагласено дека Лабораторијата успешно ја обнови акредитацијата за наредните четири години за вкупно 20 методи, од кои една за мерење на амбиентална бучава и 19 за индустриски отпадни води и за површински води. Она што следува е забрзување на процесот на акредитација на методите за мерење на загадувањето на воздухот од стационарни извори.
Дополнително,во рамки на посетата беше презентиран новиот ICP-MS инструмент, кој овозможува анализа на тешки метали во почва, вода и воздух и со кој значително ќе се унапредат аналитичките капацитети на Државната лабораторија за животна средина.
Македонија
Уставниот суд: Нема постапка за пензиите, запрена за Кривичниот законик
По 5. седница на Уставниот суд, претседателот Дарко Костадиновски и судијата проф. Осман Кадриу информираа за одлуките по предмети од поголем јавен интерес.
Судот не поведе постапка за оценување на одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се однесуваат на исплата на пензиите во земјата.
Подносители на иницијативите се Игорчо Точев, Љубомир Сандевски, Темелко Ристески и Кире Батев.
Претседателот Костадиновски изјави дека мнозинството судии оценило оти пензионерите кои ја примаат пензијата во државата и оние што ја примаат надвор од неа се во иста правна, но не и во иста фактичка состојба. Според него, за повреда на членот 9 од Уставот, кој се однесува на еднаквоста, потребно е субјектите да бидат во иста правна и фактичка положба, што во овој случај не е исполнето.
Тој посочи дека мерката има социјален карактер и легитимна цел – ублажување на последиците од растот на трошоците и инфлацијата. Додаде дека по истекот на времените услови утврдени со мерката, се враќа редовното законско усогласување на пензиите, кое важи и за лицата што не живеат во земјата.
Судијата-известител Осман Кадриу изјави дека предложил да се поведе постапка, но не добил мнозинство гласови. Тој оцени дека со оспорените одредби се врши дискриминација врз пензионерите кои живеат надвор од државата и дека им се ускратуваат правата на зголемување и усогласување на пензиите.
Во однос на предметите У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023, кои се однесуваат на измените на Кривичниот законик, Судот ја запре постапката, оценувајќи дали Законодавецот постапил согласно насоките од претходното решение со кое беше поведена постапка.
Мнозинството судии констатирале оти во формален аспект Законот е донесен согласно процедурите. Во однос на материјалната уставност, дел од судиите сметале дека новото решение не е идеално, но е подобро од претходното.
Тој нагласи дека евентуално поведување нова постапка и укинување на законот би создало правен вакуум и правна празнина во санкционирањето на злоупотребите на јавни средства, поради што мнозинството одлучило да ја запре постапката, водејќи се од принципите на правна сигурност и предвидливост.
Судијата Кадриу изјави дека гласал против запирањето на постапката, наведувајќи дека, иако Законодавецот ја испочитувал формалната процедура, не постапил целосно по одлуката на Уставниот суд во материјалниот дел.

