Македонија
Ѓоргиевска сведочеше за собранискиот инцидент од 1. јули
Претседателката на координативното тело на стечајни работници, Лилјана Ѓоргиевска, беше сослушана од членовите на Анкетната комисија што го испитуваат собранискиот инцидент од 1. јули
Лилјана Ѓоргиевска рече дека стечајните работници не направиле никаков испад, откако предлог – законот за обесштетување на стечајците не помина во собранието.Според нејзиниот исказ, во галеријата на Собранието за време на гласањето присуствувале тројца претставници на стечајците, бидејќи само толку од нив претходно добиле дозвола од собранискиот спикер Вељаноски, додека други деветмина седницата ја следеле од канцелариите на пратеничката група СДСМ. Таа додава и дека откако законот не бил изгласан тие излегле пред зградата собраниската зграда каде имало полициски кордон. Тврди дека слушнала и закани од полицијата упатени кон нив.„Се слушна како некој од полицајците кажа: Дај да ги иритираме за да може да ги натепаме. Јас ќе упатам благодарност до присутниот командир, кој го одржа редот и не дозволи да се случи такво нешто“, рече Ѓоргиевска.Според нејзините зборови, при излегување од салата на собранието, по ходниците од неколку пратеници слушнала за закани што наводно до неа ги упатил пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Петар Поп Арсов.„Многу пратеници ми рекоа дека и нашиот господин Петар Поп Арсов, наш кумановец што јас го почитувам, рекол дека ќе ме апси, но не знам зошто“, рече таа пред членовите на анкетната комисија.Според исказот на Ѓоргиевска, претставниците на стечајците кога влегувале во Собранието биле фотографирани и снимани од непознати лица, кои немале никакво обележје. Претседателот на комисијата Хајрула Мисини даде пауза, поради одржување на пленарната седница на која се гласа за измените на собранискиот Деловник. Предвидено е да бидат сослушани и стручно лице од МВР кое ќе го објасни системот на обезбедување во собранието, како и членови на собраниското обезбедување.Комисијата треба да утврди дали постои евентуална политичка одговорност за пратениците, кои на 1-ви јули беа дел од инцидентот со припадник на обезбедувањето, што се случи откако Собранието не го прифати предлог-законот за обештетување на стечајците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

