Македонија
Вељаноски: E-Парламентот претставува јакнење на транспарентноста на Собранието

Воведувањето и функционирањето на Е-парламентите е неминовност која е во функција на зголемување на ефикасноста на парламентарната демократија, изјави Трајко Вељаноски, претседател на Собранието, на отворањето на конференцијата за е-Демократија која се одржува во Охрид
Конференција ја претставува успешноста и напредокот на Македонија во воведувањето на ИКТ во легислативниот процес и како информатичката технологија помага во јакнењето на демократијата и транспарентноста на јавните институции.„Фактот дека според истражувањата на јавното мислење токму интернетот, нашата веб страна се пробива во врвот на медиумите преку кои граѓаните добиваат информации за работењето на парламентот тоа зборува дека замислата успешно ја реализираме во рамките на Е-парламент системот“, рече ВељаноскиТој вели дека е-парламентот претставува јакнење на транспарентноста на законодавниот дом,а на тој начин се достигнува ефикасна интеракција меѓу парламентот како законодавен дом, граѓаните и невладиниот сектор.„На конференцијата каде информациските технологии се претставени како двигател во развојот на демократското општество, членови од 15 земји имаат можност да се запознаат со проектите што Македонија ги има направено во однос на зголемување на транспратентноста и подобрување на демократијата“, изјави Иво Иваноски, министер за информатичко општество.Ивановски рече дека приоритет на Министерството за информатичко општество е воведување на нови електронски услуги кои ќе доведат до зголемување на демократскиот процес.„Поканивме многу учесници од парламенти и влади за заедно да дебатираме за тоа како со помош на информатичката технологија да направиме прогрес во развој на е – демократијата во регионот, имаме многу успешни примери кои што ќе бидат прикажани, што се развиени во Република Македонија, во регионот и во останатите земји“, рече Васко Кроневски, директор на Некстсенс.Блаж Голов, директор од центарот за е-Демократија од Љубљана изјави дека Македонија треба да пример за останатите земји поради развој на е- демократијата и е-парламентот како еден од најдобрите во регионот.На конференцијата учествуваат 15 земји со 30 делегации од Југоисточна Европа, земји членки на Европската Унија, како и претставници од Парламентите и Владите на Ерменија, Молдавија, Грузија и Нигерија.Во текот на денот свое излагање ќе имаат претставниците на парламентите од земјите учеснички, а на утрешното затворање ќе се обрати Ерван Фуере, претставник на Европската Унија.Конференцијата е организирана од Некстсенс, во соработка со центарот за е-Демократија од Љубљана, а е под покровителство на Собранието на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.