Македонија
Груевски: Цврсто сме определени за надминување на спорот со името
Македонија е цврсто определена за надминување на спорот со името, порача премиерот Никола Груевски во своето денешно обраќање пред Парламентарното Собрание на Советот на Европа
Премиерот Никола Груевски пред парламентарците во СЕ рече дека интеграција на Македонија во НАТО и во Европската Унија е врвен приоритет на македонските граѓани, без разлика на било која припадност, но и дека таа е попречена од спорот со името, што според него е исклучително сериозен, комплексен и значаен предизвик. „Ние ги исполнивме сите неопходни критериуми, сите реформи и лани добивме препорака за добивање датум за почеток на преговори за членство во ЕУ од страна на Европската Комисија. Советот на ЕУ, сепак, заради противењето на една земја членка, поради спорот, кој го имаме со неа во врска со уставното име на нашата држава, не ја прифати препораката на Комисијата и со тоа македонската перспектива повторно беше попречена. По Букурешт и блокадата за членство во НАТО, се случи повторна блокада за ЕУ. Не сакајќи дополнително да го обременувам овој мој настап, сепак соочен со овој исклучително сериозен, комплексен и значаен предизвик, изнаоѓањето на решение за спорот кој ни го наметна нашата соседна земја околу нашето име, но и обезбедување на евроатлантската перспектива на земјата, која е во заложништво заради овој проблем, сакам да ја истакнам нашата цврста определба за надминување на овој спор“, рече Груевски. Македонскиот премиер во својот говор рече дека земјата до крајот на претседателетвото со Комитетот на министри на СЕ е посветена на исполнувањето на поставените цели,врз основа на, како што рече долгата традиција на мултиетничка држава. „Од независноста до денес, сите Влади на Република Македонија ја отсликуваа македонската мултиетничка реалност. Во македонската Влада секоја заедница има свои претставници преку кои институционално ги артикулира и канализира потребите и интересите на етникумот кој го застапува. Македонија е подготвена да ги сподели своите придобивки со сите кои сметаат дека би можеле да го искористат нашето искуство кое, би сакал да нагласам, секојдневно го надградуваме и усовршуваме со што македонскиот модел на демократско мултикултурно општество е постојан процес“, рече Груевски. На крајот тој порача дека македонската надворешна политика е посветена на сестрани односи и соработка со непосредното и поширокото соседство
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Техничката влада мора да остане, условите во општеството се како во 2016 година, велат од СДСМ
„Слободната волја на граѓаните, демократијата и фер избори не е се прашања за политички пазар. Техничката влада мора да остане. Укинувањето може да се случи во оној момент кога општеството ќе биде спремно а за тоа се неопходни реформи по европски стандарди особено во делот на правосудството“, велат од СДСМ.
„Кога ќе бидат применети сите реформски закони кои се дел препораките на ЕУ и оценската мисија, во сферата на правосудството, обвинителството, полиција, правото и правната држава, во тој момент ние како држава ќе бидеме спремни да може да се укине техничката влада.
Тоа е клучно. Дотогаш техничката влада мора да остане.
Затоа што условите во општеството се исти како во 2016 година, криминал, корупција, заробени институции, партизација, контрола врз правосудството.
После се што изнесовме во јавноста на граѓаните им е кристално јасно.
Сѐ што најавивме – се оствари. Ги разоткривме сите планови на власта и сите планирани чекори.
Тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не сака дијалог, туку алиби за распишување на предвремени избори кои веќе им се договорени. Не сакаат реформи за ЕУ, туку покритие за намерна изолација на земјата.
Нека се договара ВМРО со ДУИ што сака. Ние договор можеме да правиме единствено со граѓаните. Наша обврска е власта да ја вратиме во рацете на народот“, соопштуваат од СДСМ.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Чаир и Карпош
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од ул. 1550 место викано Гериз во индустриска зона Визбегово, општина Бутел;
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Стојна Стевкова, како и дел од корисниците од ул. 393 во населба Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од ул. Блаже Биринчето, општина Карпош.
Македонија
Сончево со умерена локална облачност: температурата до 14 степени
Сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени.
Во Скопје, во утринските часови во делови од котлината ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и тивко со мала облачност. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во петок ќе се задржи стабилно и потопло време со услови за појава на утринска магла по котлините. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност и повремени локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање.

