Македонија
Законот за Народна банка причина за навредување меѓу пратениците
Собранието денеска го изгласа Предлог законот за Народната банка по жестоката расправа во која пратениците Борис Стојменов од ВМРО Македонска и Горан Мисовски од НСДП си искажаа навреди.
Пратеникот Мисовски го оквалификува дебатирањето на пратеникот Стојменов како „кодошка работа“, бидејќи била спомената неговата сопруга.Стојменов побара извинување и се закани дека во спротивно ќе се откаже од пратеничката функција. По барање на координаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева претседателот на Собранието Трајко Вељановски свика координација на која беше заклучено пратениците во дискусиите да се почитуваат меѓусебе без споменување на членови на семејства и упатување навреди. Во продолжението на седницата Предлог законот ја доби поддршката од парламентарците, а со него како што рече образложувачот на законот заменик министерот за финансии Недим Рамизи треба да се зголеми независноста и транспарентноста во работењето на Централната банка со запазување на сите аспекти на нејзината независност, почнувајќи од функционалната, институционалната, личната и финансиската, согласно европскиот правен поредок. Според Рамизи, предложените решенија во законот се во насока на усогласување со европската регулатива, односно утврдување на нејзините обврски по пристапот во Европската унија и воведувањето на еврото како платежно средство. Се предлага елиминирање на каков било вид влијание од извршната и законодавната власт во Советот на НБРМ, при што се забранува именување на функцијата неизвршен член на Советот за лица вработени од редовите во јавната управа. Тоа значи дека таа функција нема да ја вршат членови на Владата, пратеници и други лица со ангажман во државната администрација. Неизвршните члeнови на Советот, според предлогот, не смеат да се вработат во деловните банки две години по престанокот на функцијата во НБРМ. Останува ист седумгодишниот мандат и начинот на избор на гувернерот и вицегувернерите.Според опозицијата со Предлог законот се загрозува независноста на НБРМ и се врши упад во нејзината работа со цел да се воспостави контрола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фирма фатена на дело – нелегално вршела поштенски услуги и криумчарела пратки, Царинската управа поднесе кривична пријава против две лица
Царински инспектори од Одделението за истраги, во координирана акција со МВР, УЈП, Агенцијата за пошти и Државниот пазарен инспекторат, извршија претрес на фирма која нелегално вршела меѓународни поштенски услуги и криумчарела стока. Во моментот на претресот беа пронајдени вкупно 166 поштенски пратки со разновидна стока, со вкупна вредност од речиси 240 илјади денари. Пронајдената криумчарена стока е запленета, а од страна на инспекторите е поднесена кривична пријава против едно правно и едно физичко лице за сторено кривично дело прикривање стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама, извести Царинската управа.
Конкретно, фирмата вршела меѓународни поштенски услуги без соодветна лиценца, при што поштенските пратки ги внесувала со возила преку граничен премин, без да ги пријави кај царинските органи. Пратките потоа нелегално ги складирала во магацин во нејзина сопственост, со намера оттаму да ги транспортира до нарачателите, за што би наплатувала паричен надомест.
Царинската управа и понатаму ќе продолжи со засилени контроли и координирани активности со цел откривање и спречување на сите облици на криумчарење и незаконско работење, заштита на државните финансиски интереси и обезбедување услови за фер конкуренција, се наведува во соопштението на Царинската управа.
Македонија
Левица: Предизборна политичка манипулација – Владата на ДПМНЕ ги скрати парите откако истера кампања
„Во екот на локалните избори, владата на Христијан Мицкоски одобри средства на општините, а дел од нив беа и од унгарскиот кредит, за капитални проекти од областа на културата. Со овие проекти градоначалниците на ДПМНЕ си воеда предизбопрна кампања помпезно најавувајќи „обезбедени пари“ и „загарантирани“ проекти, само уште народот да им даде глас. Само неколку месеци подоцна, на еден ден пред Нова година, истата таа Влада со потпис на премиерот ги скрати речиси сите средства. Со ова власта на ДПМНЕ ја разоткри својата вистинска намера која не е реализација на проекти во културата туку предизборна политичка манипулација“, велат од партијата Левица.
„Со кратењето, од првично планираните 135,5 милиони денари за 13 проекти низ општините, Владата остави само 14,8 милиони денари за три селективно избрани проекти, додека останатите меѓу кои мултикултурниот центар во Аеродром, заштита на скопска чаршија, Исарот во Штип, конзервација и реставрација на фрескоживопис на црквата во Мокрино и низа други останаа со нула денари и со предизборните фалби и фотографии на градоначалниците на ДПМНЕ. Ова е јасен доказ дека културата била злоупотребена како предизборен маркетинг наместо да биде третирана како јавен интерес.
Дека Владата на Мицкоски воопшто нема намера да инвестира во општините, за проекти од културата, дополнително говори и фактот што наместо да се обезбедат средства за 2026 и 2027 година, Владата со одлука ги пролонгира во 2028 година, што практично значи ставање на проектите во фиока и нивно тивко умирање.
Левица укажува дека ова е само уште еден пример за класична изборна измама. Прво се ветуваат и одобруваат средства за политички поени, а по изборите парите се кратат, а граѓаните повторно остануваат излажани. Бараме од Владата да одговори зошто ги укинува средствата за најавените проекти и кој ќе понесе политичка одговорност за ова грубо манипулирање со очекувањата на граѓаните?“, се вели во соопштението на партијата Левица.
Македонија
„Со Мицкоски Македонија е во ранг со Сомалија, САД ја запре обработката на визи“, велат од СДСМ
„Македонија е опфатена во одлуката на САД за суспендирање на обработката на визи заедно со уште 75 земји, меѓу кои Сомалија, Сирија, Гана, Руанда, Бутан, Нигерија, Иран, Русија…“, велат од СДСМ.
„Минатата година САД ги зголеми царините кон Македонија, сега од 21 јануари САД ќе биде суспендира и обработка на визи за македонските државјани.
Толку е периметарот на Мицкоски, ја доведе Македонија во ранг со Сомалија“, соопшти СДСМ.

