Македонија
Македонија напредува според индексот на перцепција на корупцијата
Република Македонија се најде на 62-то место според индексот на перцепција на корупцијата за 2010 година на Транспаренси Интернешнл, во конкуренција на 178 држави, што претставува напредок од девет места во однос на лани
На скалата од 0 до 10 индексни поени, Македонија има 4,1 индексен поен, што претставува подобрување за 0,3 индексни поени во споредба со претходната година. Со ваквиот резултат Македонија заедно со Хрватска се најде на второто место меѓу државите од поширокиот регион, а единствено пред нив се наоѓа Турција. Претседателот на македонската Транспарентност Нулта корупција Слаѓана Тасева вели дека ваквата споредба со останатите држави не треба да залажува, бидејќи на Македонија и престојува уште многу работа за да може да надмине пет индексни поени. „Она што е битно е да се следи степенот на индексот на перцепција за корупцијата. Ние имаме подобрување од 0,3 индекси поени, што реално е многу мал напредок“, рече Тасева. Таа појасни дека напредокот на една држава во однос на другите држави не мора да биде како резултат на подобрена перцепција, туку може да се должи на воведување на нови држави во табелата или на промена на методологијата на истражувањето.„Индексот на перцепција е релевантен. Кога државите ќе ја надминат границата од пет индексни поени, може да се смета дека направиле позначаен исчекор во борбата против корупцијата“, изјави Тасева.Таа потсети дека Македонија за прв пат во табелата на Транспаренси Интернешнл била рангирана во 1999 година, кога се нашла на 63 место на табелата, со индекс на перцепција од 3,3.Најлошо Македонија била рангирана во 2003 година на 106 место, со индекс на перцепција од 2,3.Водечки држави на овогодишната табела се Данска, Нов Зеланд и Сингапур со индекс на перцепција од 9,3, пред Финска и Шведска, чиј индекс е 9,2.На дното на оваа табела се Сомалија (индекс 1,1), Мјанмар (1,4), Авганистан (1,4) и Ирак (1,5).Пад во резултатите во споредба со 2009 година бележат Чешка, Грција, Унгарија, Италија, Мадагаскар, Нигерија и САД, додека подобрување, покрај Македонија, оствариле Бутан, Чиле, Еквадор, Гамбија, Хаити, Јамајка, Кувајт и Катар.Индексот на перцепција на корупцијата за 2010 година покажува дека приближно три четвртини од 178 рангирани држави, имаат индекс под пет, што укажува на сериозни проблеми со корупцијата, се наведува во извештајот на Транспаренси Интернешнл. Овој индекс на Транспаренси се изработува врз база на комбинација на анкети и нацрти на податоци поврзани со корупција од експертски и бизнис истражувања, спроведени од различни реномирани институции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

