Македонија
Спасеновски испрати писмо до европарламентарците
Во пресрет на објавувањето на Извештајот na EK шефот на Делегацијата во мешовитиот парламентарен комитет, Александар Спасеновски ,со писмо се обрати до европратениците посочувајќи дека Македонија има постигнато голем напредок и дека треба да добие датум за отпочнување на преговори за членство во ЕУ.
Во писмо упатено до европратениците, членови на Делегацијата во МПК- РМ и ЕУ кои ги следат состојбите во земјава, како и до Координаторите на политичките групи во Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент и до известителот за Македонија, Зоран Талер, Спасеновски наведува дека Македонија, како земја кандидат, за која ЕК препорача отпочнување на преговори, вложи значителни напори за исполнување на копенхашките критериуми, а особено за спроведување на клучните приоритети од Претпристапното партнерство.
“Македонија постигна добри резултати во делот на политичкиот дијалог, почитувањето на фундаменталните човекови права, спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, реформите во полицијата и судството, како и на полето на економските критериуми. Друга област со неоспорен успех каде Македонија е целосно посветена е процесот на стабилизација и асоцијација и споредено со другите земји во регионот, Македонија беше првата која успешно ги заврши преговорите за Договорот за стабилизација и асоцијација и беше најбрзата земја, која во само три и пол месеци, го пополни прашалникот на ЕУ. Денес Македонија го изгради потребниот капацитет и е спремна да започне преговори за членство во ЕУ”, посочува Спасеновски.
Исто така, тој во писмото наведува и дека Македонија беше единствената земја од поранешна Југославија која ја прогласи својата независност на мирен начин.
„Имајќи мирни и силни добрососедски односи, Република Македонија е единствената земја во регионот која го признава и не го оспорува суверенитетот на сите соседни земји. Во духот на добрососедските односи, Македонија го смени својот Устав и го измени своето државно знаме, за да излезе во пресрет на барањата наметнати од страна на Република Грција, но останува подготвена и целосно активна во наоѓање на заедничко и взаемно прифатливо решение за билатералното прашање“, наведува Спасеновски.
Во текот на сите овие години, почнувајќи од првата година на својата независност до денес ,Спасеновски вели дека земјата ја задржа својата целосна политичка заложба за евроатланскиот процес и покрај неизвесното политичко и регионално опкружување.
„Истовремено, земјата игра многу конструктивна и активна улога во сите позитивни регионални и европски иницијативи” – заклучува Спасеновски.
Истакнувајќи ја важноста на писмото, Спасеновски се заблагодарува за континуираната поддршка и соработка на европратениците во процесот на пристапување на Македонија во Европската Унија, со уверување дека успешните резултати ќе продолжат и во иднина како и досега, со цел за целосно спроведување на секоја задача која ќе води кон просперитетна иднина за сите граѓани./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Капиштец повеќе од шест часа без вода, дефект кај Цветен пазар ја поплавува улицата Народен фронт
Жителите на делови од скопски Капиштец повеќе од шест часа останаа без вода за пиење.
Кај Цветен пазар вечерва е забележан багер и ископана е голема дупка, додека во близина тече вода по коловозот.
Засега е познато дека станува збор за уличен дефект, но не е соопштено кога состојбата ќе биде целосно нормализирана.
„Поради уличен дефект на водоводна цевка Ф100мм на улица Народен Фронт 5 до цветен пазар, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Васил Ѓоргов и Народен Фронт од бр.5 до бр.21“, велат од ЈП Водовод и канализација.
Од претпријатието попладнево известија дека водата кај корисниците е сопрена во 13.30 часот и ќе остане така се’ до поправка на дефектот. Жители на Капиштец за „Макфакс“ велат дека кога прашале кога ќе биде пуштена водата, од службата за известување во „Водовод“ им кажале дека нема изгледи оти ќе го поправат дефектот денес.
Македонија
Во подготовка закон за високите раководители во управата – професионализација наместо партизација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Петер Ваги, виш советник во OECD/SIGMA, на која беа разгледани клучните реформски процеси во областа на јавната администрација, со посебен акцент на подготовката на Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, како и на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ).
На средбата се дискутираше за принципите на професионализација, мерит систем, транспарентност и отчетност во именувањето и управувањето со високите раководни структури во државната управа, како и за потребата од јасно разграничување на надлежностите, унапредување на координацијата и зголемување на ефикасноста во функционирањето на институциите преку новото законско решение за организација и работа на органите на државната управа.
Министерот ја истакна важноста од континуираната експертска поддршка од страна на OECD/SIGMA во процесот на подготовка и усогласување на законските решенија со европските стандарди и добри практики.
„Реформата на јавната администрација претставува еден од нашите врвни приоритети. Со Законот за високите раководители поставуваме јасни, транспарентни и професионални критериуми за избор и одговорност на раководниот кадар. Нашата цел е администрација која работи во служба на граѓаните, заснована на знаење, интегритет и резултати“ истакна министерот.
Од страна на претставникот на OECD/SIGMA беше изразена подготвеност за натамошна поддршка, со цел обезбедување усогласеност со принципите на добро управување и европските административни стандарди.
Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување сеопфатни и одржливи реформи, насочени кон јакнење на институционалниот капацитет, департизација и зголемување на довербата на граѓаните во јавните институции.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.

