Македонија
Марш: Македонија на почетокот од долгиот пат кон толеранцијата
Македонија е на почетокот од долгата битка за правда, еднаквост, слобода и толеранција за сите граѓани во земјата, коментираа денеска повеќето учесници на вториот Марш на толеранција кој беше посветен на политичката (не) толеранција.
Стотината граѓани кои беа дел од маршот се собраа пред Музејот на Град Скопје, и преку плоштадот „Македонија“ и камениот мост се упатија кон платото на стоковната куќа „Илинден“.
Маршот имаше видливо полициско обезбедување, и на него присуствуваа повеќе претставници на меѓународната заедница во земјата, неколку пратеници, претставници на граѓанскиот сектор, активисти за човекови права итн. Освен неколкуте довикувања од страна на некои граѓани поради знамето со виножитото кое е симбол на геј правата во светот и се вееше на маршот, тој помина мирно.
„Ова е марш на граѓаните на Македонија, на секој оној кој мисли малку поинаку, на секој оној кој е отворен за различностите што владеат насекаде. Пораката е пратена и до граѓаните и до политичките партии и до сите тие кои сакаат да се приклучат,“ порача Гордана Несторовска извршен директор на Хелсиншкиот Комитет за човекови права.
Еден од ретките политичари кои го подржаа штрајкот беше и Стојан Андов кој рече дека како член и претседател на постојаната анкетна комисија за заштитата на слободите и правата на граѓанинот, констатирал безброј мали и големи невидливи неправди и дискриминации кон луѓето во земјата
„Затоа овој протест го подржувам, мислам оти луѓето не треба да бидат свесни за неправдите само кога ќе им тропнат на вратата, и ќе им дојдат во нивниот двор. Ние настојуваме да донесеме закони, но и законите често пати ни се инвалидни, а и спроведувањето на законите е далеку од тоа што го заслужуваат нашите граѓани,“ рече Андов и додаде дека повеќето пратеници би требало да се придружат на маршот.
Славчо Димитров од Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници, ја изрази својата загриженост за институционалната дискриминација врз одредени групи на граѓани.
„Дури и на овој ден добиваме изјава од институција, од министерството за труд и социјала, во која јасно се излегува со став кој вели дека хомосексуалноста нема да биде прифатена како нормална појава. Овој апел беше упатен од институцијата, која всушност треба да брани од дискриминација, и која треба да го спроведува законот за заштита од дискриминација“, рече Димитров.
Маршот го поздрави и Амбасадорката на Кралството Холандија, Симоне Филипини, а свое обраќање имаше и Евроамбасадорот Ерван Фуере
„Големо задоволство е да се види како главниот град на Македонија им се придружува на многу други земји низ Европа, на овој ден кога промовираме толеранција. Еден познат ирски писател има кажано дека толеранцијата е една прекрасна земја но патот кон неа е долг и тежок, но вреди да се оди по тој пат. Вие почнувате да одите на тој пат, и ние ќе бидеме со вас до крајот,“ порача Фуере.
Според сознанијата на Хелсиншки, во земјата најчеста е политичката дискриминација и затоа овој марш за нив претставува апел за поголема соработка помеѓу политичките партии кои треба да внимаваат како меѓу себе се однесуваат и која порака ќе ја пратат на граѓаните./крај/ко
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вчера за првпат откако функциниора „Безбеден град“ не е регистрирано ниту едно минување на црвено светло
Првпат откако функциниора системот „Безбеден град“, на 24.02.2026 не е регистриран ниту еден прекршок за минување на затворен семафор – црвено светло. На подрачјата на градовите и коридорите каде се поставени камери, регистрирани се вкупно 526 прекршоци, од кои 84 се сторени од возачи кои управувале возило со странски регистарски таблички, извести МВР.
За управување на возило со брзина поголема од дозволената регистрирани се 504 прекршоци и 22 за управување со возило со измината важност на сообраќајната дозвола. Исто така, изречени се вкупно 17 мерки „забрана за управување со возило“ – сите за управување возило со поголема брзина од дозволената, од кои 13 за брзина поголема од 80 км на час во населено место и четири мерки за брзина поголема од 10 км на час сопствено ограничување на возило.
Во рамки на предвиденото дозволено отстапување во брзината на движење толерирани се 3.336 возачи, соопшти МВР.
Македонија
Муцунски ќе го пречека хрватскиот министер за надворешни работи: во фокус билатералните односи, економската и секторската соработка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре и задутре ќе биде домаќин на министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој ќе престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.
Двајцата министри ќе разговараат за билатералните односи, економската и секторската соработка, како и за европската интеграција на земјата и можностите за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон Европската Унија, извести Министерството.
Во фокусот ќе бидат и соработката во рамки на НАТО, регионалните прашања и актуелните меѓународни случувања.
Македонија
Утре без струја неколку скопски населби
Поради реализација на инвестициски зафат, а со цел подобрување на квалитетот во снабдувањето со електрична енергија, во четврток 26.02.2026 година, од 04:00 до 08:00 часот, екипите на Електродистрибуција ќе работат на реконструкција и модернизирање на трафостаницата „Васил Главинов“.
„Во овој период без снабдување со електрична енергија ќе останат следните локации на територијата на градот Скопје: населба Север, Топанско Поле, дел од Чаир, дел од Шуто Оризари, населба Бутел, цело Визбегово и индустриските објекти во индустриска зона „Визбегово“.

