Македонија
Идентификувани тројцата загинати во тешката сообраќајка

Идентификувани се лицата кои што вчера попладне го изгубија животот во тешката сообраќајна несреќа, што се случи на магистралниот пат Велес – Штип, кај село Лозово, информираат од МВР.
Се работи за деветнаесетгодишниот Александар Тодоров, дваесет и тригодишниот Јонче Иванов, двајцата од селото Лозово и дваесет и осумгодишниот Александар Георгиев од Велес.
Сите тројца се наоѓале во автомобилот „Форд ескорт“. Возачот на автомобилот и десетгодишното момче кои се наоѓале во истиот автомобил се здобиле со тешки телесни повреди и се наоѓаат во скопскиот Ургентен центар.
Тројцата патници од товарното возило „фолксваген“ се на лекување во велешката болница.
Сообраќајката се случи вчера попладне во близина на селото Лозово. Товарното возило во моментот кога престигнувало друго товарно возило со влекач удрил во “Форд ескорт“. На лице место загинаа двајца, а уште едно лице загина на пат кон болница.
Уште една сообраќајка се случи утрово во скопската населба Аеродром. „Голф“ удрил во единаесетгодишно момче кое ја преминувало улицата на пат кон училиште. Тешко повреденото дете се наоѓа во Градска болница./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пожарот зафати само надворешен дел од дворот на Психијатриската болница Бардовци, нема причина за загриженост, велат од МЗ

По пожарот што вчера зафати дел од тревна површина во дворот на ЈЗУ Психијатриска болница „Скопје“, Министерството за здравство ја информира јавноста дека ситуацијата е целосно ставена под контрола и нема причина за загриженост.
Од безбедносни причини, во краток временски период беше спроведена превентивна евакуација на дел од пациентите и вработените. Навремената и координирана интервенција на надлежните служби спречи проширување на пожарот кон болничките објекти. Не е причинета никаква материјална штета врз објектите и не се регистрирани повредени меѓу пациентите и персоналот.
Пожарот зафати само надворешен дел од дворот, обраснат со сува трева и истиот е успешно локализиран.
Во објектите на болницата има присутен дежурен медицински и административен персонал и активно ќе ја следат состојбата.
Македонија
(Видео) Во седум налети хеликоптерот на МВР исфрли 10 тони вода

Вчера полициски службеници од Хеликоптерската единица за полициски намени при МВР, а по претходно добиено барање од ЦУК за преземање активности во врска со гаснење на пожар во реонот на Блаце, се упатија со хеликоптерот Бел 412 за извршување на задачата.
Во седум налети хеликоптерот исфрли 10 тони вода, а потоа поради ноќните услови се врати во базата, извести МВР.
Македонија
Нормализиран патниот сообраќај до граничниот премин Блаце

Ноќеска е нормализиран патниот сообраќај до граничниот премин Блаце. Укината е забраната и за товарните моторни возила и за автобусите.
Претходно поради настанатиот пожар над магистралниот пат А4 Скопје – Блаце кај тунелот кој се прошири над магистралниот пат, сообраќајот беше пренасочен за патничките возила, а во прекин беше за товарните моторни возила.
МВР воспостави посебен режим на движење на возила од Граничен премин Блаце кон Скопје.
Сообраќајот за патнички моторни возила беше пренасочен кон село горно Блаце по стариот пат кон село Бањани, Глуво и Скопје.
Воспоставен беше посебен режим на движење на возила и во правец од Скопје кон Граничен премин Блаце.
Сообраќајот од Скопје кон граничниот премин беше пренасочен по регионален пат Р 22 39 кон село Бразда, Село Глуво Горно Блаце.