Македонија
Јавната администрација ќе се обучува со проект од милион евра
Максимално искористување на расположивите средства од ИПА инструментите, е целата на имплементација на проектот ИПА – Центар за обука кој го финансира ЕУ со околу еден милион евра, а ќе го спроведува Секретаријатот за европски прашања
„Владата континуирано инвестира во чoвечкиот капитал со цел максимално искористување на расположивите средства од ИПА инструментите и создавање апсорбциски капацитет кој ќе рефлектира стручност и голем број успешни проекти и последователно голем број успешни европски приказни во Република Македонија“, рече вицепремиерот задолжен за европски прашања на денешната презентација на проектот.Тој посочи дека преку ИПА инструментот во рамки на првата компонента за помош при транзиција и институционална надградба на Македонија и се достапни 243 милиони евра наменети за јакнење на административните капацитети на институциите на национално ниво, а ИПА центарот за обука е само еден сегмент од овој процес.Евроамбасадорот Ерван Фуере ја нагласи важноста на реформскиот процес особено во делот на јавната администрација, притоа посочувајќи на забелешките во Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија за 2010 година.Тој рече дека од голема важност е одржување на динамиката на реформите во оваа област како клучна за процесот на преговори.„ИПА Центарот за обука е инвестиција на долг рок кој ќе и помогне на земјата долгорочно во процесот на реформите. Сигурен сум дека властите, бизнис заедницата и граѓанското општество имаат капацитет успешно да одговорат на сите предизвици. Ова е она што граѓаните го очекуваат од Владата, бидејќи не е важно само да се исполнат критериумите за пристапување, туку што е уште поважно, тие да бидат од корист за граѓаните“, истакна Фуере. Клучна цел на проектот е да обезбеди вработените во различни министерства и други јавни тела директно вклучени во имплементацијата на ИПА да имаат доволно знаење да развијат, подготват и спроведат, да вршат супервизија и мониторинг на проекти и да бидат способни за соодветни анализи и извештаи за проектите.Со проектот се предвидува формирањето на ИПА тренинг-центар, изработка на програми за развој на тренинг-центарот и обука на обучувачи за ИПА-процесот.Проектот кој се спроведува од јуни 2010 година, а за чија реализација е обезбеден фонд од околу еден милион евра ќе трае 24 месеци. Досега спроведена е обука на 36 обучувачи селектирани од вкупно 52 кандидати номинирани од јавната администрација.Предвидено е со обуките да се опфатат 1.000 службеници од државната и јавната администрација, како и претставници од граѓанското општество и бизнис секторот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 11 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег.
Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.
Македонија
Уапсени осум возачи за возење без возачка, со забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои седум за возење без возачка дозвола и еден со забрана за управување возило од Б категорија и под дејство на алкохол, соопшти МВР.
Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Прилеп, Неготино, Тетово, Кочани и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Додека еден возач во Виница управувал возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и под дејство на алкохол.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“, за учебната 2025/2026 година.
Право на пријавување имаат лица со најмалку завршено средно образование. Предност имаат кандидати со соодветно високо образование, претходно искуство во работа со деца со попреченост или лиценца за личен асистент, како и долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица над 50 години, самохрани родители и родители на деца со попреченост.
„Ангажманот на личниот асистент подразбира директна поддршка на ученикот во текот на наставниот ден. Поддршката вклучува помош при следење на наставата, движење низ училиштето, комуникација со соучениците и наставниците и други активности во согласност со индивидуалните потреби на ученикот“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Избраните кандидати ќе бидат ангажирани како лични асистенти во основните училишта на територија на општината, со скратено работно време од 20 часа неделно, во период од четири месеци, почнувајќи од март 2026 година до крајот на актуелната учебна година.
За ангажманот е предвиден паричен надоместок во висина од 15.000 денари (нето) месечно.
Пријавувањето се врши во Архивата, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Јавниот повик трае пет работни дена од денот на неговото објавување и е достапен на општинската веб-страницата и на огласните табли во основните училишта на територија на општината.

