Македонија
Човечкиот фактор пресуден за завчерашната трагедија во Тетово?

Покривот на Клиничкиот центар во Тетово кој е изграден во периодот јуни- ноември 2007 година, немал соодветен технички прием за што има целокупна документација во Министерството за здравство , која ќе биде предадена на истражните органи за утврдување на причините за неговото уривање.
Со ваква информација денеска излезе Министерот за здравство Бујар Османи во врска со завчерашното уривање на покривот во тетовската болница при што загина 23- годишната Дафина Раци од Приштина.
Османи додаде дека „овие податоци кои укажуваат дека имало проблеми во конструкцијата на тој покрив, даваат индикации дека можеби човечкиот фактор доминирал во оваа трагедија./крај/ми
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од ноќеска на полноќ заклучно со 19:00 часот на 19 октомври е изборен молк

Од ноќеска на полноќ заклучно со 19:00 часот на 19 октомври е изборен молк. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги соопшти дека за време на молкот, медиумите продолжуваат да известуваат за изборниот процес, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување, на учесниците во изборната кампања.
Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето; како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.
Македонија
Денес облачно време со врнежи од дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд со послаб интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 10, а максималната ќе достигне од 14 до 19 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 16 степени.
До вторник ќе преовладува претежно стабилно време, а во среда повторно се очекуваат локални врнежи од дожд.
Македонија
Зајкова: Имаме искуство што гарантира успех – во недела да го заокружиме бројот 1 и да ставиме крај на поделбите

Со пораки за обединување на центарот и успех на претстојните локални избори во недела, финишираше завршниот митинг на коалицијата „Искуство за успех“.
Пред полната сала за последен пат пред почетокот на изборниот молк се обратија лидерите на партиите кои ја сочинуваат коалицијата, ЛДП, ГРОМ, Интегра и ПЦЕР со поздравни говори, во кои го повикаа своето членство на мобилизација и ги споделија своите очекувања за изборите во недела.
„Се воздржував цела кампања да не влезам во дебатата која се трудат да ја наметнат лидерите на двете бивши најголеми партии. Наместо да се бават со локалните проблеми на граѓаните, упорно се занимаваат со теми кои се однесуваат на национални прашања. Престанете со изговори, на народот му требаат резултати. Затоа оваа Коалиција на овие избори се занимаваше со идентификување на клучните проблеми и понуда на решенија. Народот се гуши во смрдеа, умира од карциноми, заглавен е во сообраќаен метеж. ЛДП заедно со оваа коалиција ја презема опозиционата палка на оние во државата кои што се водат од разум и идеја да се направи нешто, а не само да се критикува, плука и навредува. Доста е“, порача во својата изјава претседателката на ЛДП и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, додавајќи дека „големите партии“ 20 дена се рекламираат со народни пари, без да понудат ништо конкретно.
Во својот говор Зајкова вели дека не е точно дека гласот за малите партии е изгубен. Напротив, секој глас е силен и вреден и тоа совршено добро го знаат, затоа и се противат на воведување една изборна единица и отворени листи. Тие, ‘големите партии’, зад себе имаат цели машниерии, имаат милиони народни пари, имаат платени од вас граѓаните аналитички центри, имаат платеници во разни општествени слоеви.
Но, ние имаме искуство, имаме дела, имаме храброст, имаме визија, имаме сон за подобро утре и на крајот и најважно ве имаме вас, драги сограѓани. И вашето присуство вечерва тука е доказ дека сме успеале, сме успеале да создадеме здраво ткиво спремно на борба за промени, спремно за работа, за подобра иднина“, посочува претседателката Зајкова и побара поддршка за бројот 1 да биде нов почеток на граѓанско-политички центар во државата.
„И додека останатите се надвикуваат меѓусебно објаснувајќи кој е повеќе виновен за денешната катастрофа, а всушност сите они се највиновни, ние сме тивки и вредни. Додека останатите ветуваат автопати и авении, ние скромно, со системски решенија чекориме по нашиот пат. Но, убедена сум и како жена и како млада личност, дека веќе во понеделник ќе станеме сериозно гласни, дека нашиот пат, на 19 октомври ќе нѐ одведе на светлата страна на успехот. Затоа што ова општество мора да се помрдне од статус-квото што го живееме повеќе од три децении“, изјави Зајкова, завршувајќи го своето обраќање со повик до граѓаните да стават крај на поделбите и во недела да го заокружат бројот 1.
На митингот се обрати и Стевчо Јакимовски, лидерот на ГРОМ, ги поздрави присутните граѓани и ги претстави проектите за наредните 4 години во Општина Карпош. Со поздравни говори се обратија и носителот на советничката листа за Советот на Град Скопје од коалицијата „Искуство за успех“, Ристо Пенов, кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Александар Трајановски, и лидерите на Интегра и ПЦЕР, Љупчо Ристовски и Самка Ибраимовски.