Македонија
Електронските услуги една од најефикасните мерки за намалување на корупцијата
Oд низата обиди за реформи во јавната администрација за зголемување на нејзината ефикасност и намалување на можностите за корупција, најефикасната мерка според директор на мисијата на УСАИД во Македонија Мајкл Фриц е воведувањето на електронските услуги.
На денешната 6-та Меѓународна конференција е-општество.мк, што се одржува во Скопје во организација на Фондацијата Метаморфозис во своето обраќање Фриц посочи дека условите за работа понудени преку проектот е-Влада на македонските компании им заштедиле значително време и пари, ги подобриле јавните услуги и видно ја намалиле корупцијата.
„Информатичката и комуникациската технологија може да доведе до радикални подобрувања во внатрешните процедури на секоја државна институција“,рече Фриц.
Според министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески Македонија во заложбите за ефикасно работење на јавната администрација со примена на концептот на е-Влада ги обединува постоечките е-владини политики и стратегии за успешна трансформација и имплементација на новиот концепт за е-владеење.
„Подобрувањето на јавните услуги засновани на концептот е-Влада, ќе го зголеми нивото на вработувањата и за развој на економијата, но и за зголемување на интересот на странските инвеститори за вложување во Македонија“, рече Јанаќиевски.Шест години од имплементацијата на Проектот е-Влада финансиран од УСАИД според директорот на Фондацијата Метаморфозис, Бардил Јашари Македонија е лидер во регионот за новиот начин на комуникација со администрацијата./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хоџа-Касами: силен инвестициски фокус на животната средина во Тетово
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска одржа работен состанок со градоначалникот на Тетово, Билал Касами.
Во фокусот на разговорите беа инвестициите кои Министерството ги реализира во Тетово, вклучувајќи ја реконструкцијата на главниот водовод од Попова Шапка до градот, проширувањето на примарната мрежа во населбата „Вонвардарска“ и изградбата на колектори за атмосферска канализација во Фалише и Дарданија, проекти кои се во различни фази на реализација.
На средвата беа разгледани проектите финансирани од Европската инвестициона банка и Европската банка за обнова и развој, вклучувајќи ја втората фаза на реконструкција на водоводот и изградбата на Станицата за трансфер на отпад во Тетово, како и тековните IPA проекти.
Соговорниците се обврзаа на тесна институционална соработка за ефикасна реализација на проектите и одржливо подобрување на условите за живот на граѓаните на Тетово.
Македонија
Интересот за докуп на стаж не се намалил и во 2025 година: управниот одбор на Фондот на ПИОМ ја усвои завршната сметка
Управниот одбор на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување ја одржа триесет и втората седница.
Директорот на Фондот, Никола Мемов ги информира членовите на Одборот за активностите што се остварени по претходната седница. Тој рече дека предвидените активности на Фондот се одвиваат согласно плановите и при тоа нагласи дека процесот на дигитализацијата на архивата се одвива непречено согласно СИАП проектот и се очекува да заврши до 30 јуни оваа година.
Мемов, исто така, информира дека состојбата со решавањето на предметите е подобрена, а особено во Комисиите за процена на способноста, и нивниот број е намален.
Управниот одбор ја усвои Завршната сметка на Фондот за 2025 година. Директорката на Секторот за финансии, Фатиме Неџипи рече дека од податоците изнесени во Завршната сметка произлегува дека Фондот навремено и во целост ги извршувал сите обврски во текот на 2025 година. Таа додаде дека приходите и расходите се избалансирани и се во согласност со предвидените параметри.
Членот на Одборот, Станка Трајкова рече дека од Завршната сметка се гледа дека финансиското работење на Фондот е позитивно, што е задоволувачки резултат.
Управниот одбор на седницата ги разгледа и Информацијата за состојбата со наплатата на закупнината на издадениот станбен простор во домовите за живеење на корисниците на пензија за период 01.01 – 31.12.2025 година и Информацијата за состојбата со наплатата на закупнината за издадениот деловен простор во домовите за живеење и клубовите за дневен престој на корисниците на пензија за истиот период.
Директорот на Секторот за човечки ресурси, правни и општи работи, Влатко Ѓуроски рече дека наплатата на закупнините кај станбениот простор се одвива непречено, поради тоа што истата се одвива со задршка од пензијата на корисниците. Кај издавањето на деловниот простор, додаде тој, во два случаи се прекршени одредбите од Договорот за закуп и истите се раскинати. Ѓуровски рече дека овие простори ќе бидат дадени на лицитација за изнајмување откако ќе биде извршена проценка на вредноста за давање под закуп по метар квадратен.
Управниот одбор ги разгледа и Информацијата за остварените права од двостолбниот пензиски систем и Информацијата за утврдување на стажот на осигурување – „докуп на стаж“ во 2025 година. Директорката на Секторот за остварување на права од ПИО, Билјана Стојанова информира дека во вториот столб има 410.602 активни осигуреници. Според евиденцијата на Фондот досега 130 осигуреници оствариле право на старосна пензија со исплата од двостолбниот пензиски систем. Од нив 57 корисници кои ги потрошиле средствата од индивидуалната сметка примаат минимална пензија од Фондот.
Во однос на докупот на стаж, Стојанова рече дека интересот не се намалува и во 2025 година се поднесени 840 барања. За 791 барање е донесено позитивно решение, за 21 негативно, а 11 предмети се во тек на решавање. Стојанова рече дека по овој основ до 31.12 2025 од Фондот се наплатени 4 милијарди 222 милиони 217 илјади и 2 денари.
Македонија
Утре сончево со мала локална облачност, во наредните денови температурите во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.

