Македонија
Учењето на јазикот на другиот е поттик за меѓуетничка комуникација
Учењето на јазикот на другиот, е основ за меѓусебно запознавање, прифаќање, почитување на различностите и поттик на меѓуетничката комуникација, неопходна за развој на демократско општество.
Ова е наведено во заклучоците за „Случувањата во сферата на образованието во Република Македонија и нивното влијание врз меѓуетничките односи во земјата“, кои денеска едногласно беа усвоени на Комитетот за односи меѓу заедниците.
Во заклучоците Комитетот оценува дека почитувањето и вреднувањето на утврдените и заштитените права во областа на образованието за сите граѓани со Уставот и законите е темелна вредност на мултиетничкиот карактер на Македонија и оти проблемите треба да се решаваат само со меѓусебно разбирање и дијалог.
Комитетот ја нагласува потребата од поттикнување и континуирано развивање на интегрираното образование како предуслов за меѓусебна доверба и разбирање.
Меѓу другото, членовите на Комитетот посочија дека ќе се залагаат за надминување на сите форми на политизација на образовниот процес и препорачува МОН и другите надлежни институции да преземат активности за медиумска презентација и афирмација на потребата од изучувањето на јазикот на другиот и вклучувањето во заеднички образовни проекти.
Според заклучоците, се препорачува зголемување на опфатот и квалитетот на образованието на децата од помалите заедници и навремено надминување на проблемите со учебниците и другите наставни средства и помагала на јазикот на кој се изведува наставата.
На предлог на министерот за образование и наука Никола Тодоров во заклучоците е вклучена и Стратегијата за интегрирано образование што Владата ја усвои на предлог од високиот комесар на малцински прашања Кнут Волебек.
И пратеникот Имер Селмани од Нова демократија предложи во заклучоците да биде ставено барањето Владата и МОН да се заземат за подобрување на условите во супстандардните училишни објекти, како и за отворање нови објекти за задолжителното средно образование во населените места каде ги нема.
Заклучоците се произлезени од расправите на претходните седници на кои се дебатираше за случувањата, реакциите и тензиите кои настанаа како резултат на воведувањето на предметот македонски јазик во прво одделение за учениците од другите заедници кои не се мнозинство./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

