Македонија
Разбојници ограбиле бензинска пумпа кај Стенковец

Двајца вооружени и маскирани разбојници утрово ја ограбиле бензинската пумпа “Дизел“, лоцирана на магистралниот пат Скопје-ГП “Блаце“, кај Стенковец.
Разбојниците со закана на оружје ги нападнале двајцата вработени на пумпата и го одзеле дневниот пазар во износ од околу 60.000 денари.
Полицијата трага по напаѓачите. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Лимани до жените -жртви на насилство: Не сте сами, има помош, има излез

Министерството за социјална политика, демографија и млади организираше настан како дел од комуникациската стратегија и кампања- „Има живот без насилство“ фокусирана на подигнување на јавната свест за родово базирано насилство врз жените.
Настанот, како и целата кампања се реализира во соработка со Канцеларијата на УНФПА во Северна Македонија и финансиска поддршка од Британската Амбасада во нашата држава.
По тој повод воведно обраќање имаше министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, заменик амбасадорот на Обединетото Кралство во Северна Македонија, Даниел Филер и шефицата на Канцеларијата на Фондот за население на Обединетите нации во Северна Македонија, Афродита Шаља.
„Денес не сме тука само за да зборуваме. Денес сме тука да кажеме – доста е! Доста е молкот да биде одговор. Доста е насилството да биде „приватна работа“. Доста е секоја петта жена да живее во страв – дома, на работа, на улица. Насилството врз жените не е нешто непознато. Не е статистика. Тоа е секојдневна реалност која разорува животи – во тишина, зад затворени врати, во домовите каде љубовта треба да биде заштита, а не закана,“ посочи министерот Лимани.
Тој во своето обраќање се осврна на многуте лица на насилството- емоционално, економско, психолошко, сексуално. Како и последиците кои насилството ги остава зад себе.
Лимани упати силни пораки до жените -жртви на насилство, до мажите- вршители на насилство, но и до институциите кои треба да превенираат, заштитат и одговорат на насилството.
„Не сте сами. Има помош. Има излез. Има живот без насилство. Имате право на достоинство, на љубов без страв, на дом без болка. Машкоста не е во удирање, во викање, во понижување. Вистинската сила е во почитта, во разбирањето, во поддршката. Затоа, ако сте сведоци, не молчете. Ако сте татковци, научете ги синовите на љубов, не на страв. Или сте дел од решението, или сте дел од проблемот. Средина нема,“ порача Лимани.
Министерот го заврши своето обраќање со апел до пошироката јавност.
„Да не молчиме! Да пријавуваме! Да им веруваме на жртвите! Да реагираме како општество што штити, не што осудува! Ако и еден живот спасиме, вреди. Ако и една жена добие втора шанса, сме успеале. Но мора да работиме не за еден – туку за сите. Да изградиме општество во кое жените ќе бидат безбедни – во својот дом, на улица, на работното место, на интернет, секаде. Да ги учиме нашите деца – дека љубов не значи контрола. Дека насилството никогаш не е оправдано. Дека тишината не е заштита – таа е дозвола за насилникот. Почнуваме денес. Почнуваме тука. Со глас што нема да замолчи, со храброст што нема да отстапи. За секоја жена. За секое девојче. За секое утре без страв. Не молчи! Не толерирај! Дејствувај! Има помош! Има надеж! Има живот без насилство!“ нагласи Лимани.
Македонија
Перински: Отвореност, отчетност и граѓанско учество, клучни за ефикасна локална самоуправа

Перински:
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заедно со амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман, учествуваше на панел-дискусијата посветена на теми од особено значење – локална самоуправа и граѓанско учество. Во своето обраќање, тој го истакна значењето на соработката со граѓанскиот сектор како суштинска компонента на успешната децентрализација и локално управување.
„Отвореноста кон граѓанскиот сектор ја зголемува довербата и ја подобрува отчетноста, што води кон поквалитетни услуги и подобар живот за сите граѓани“, нагласи Перински.
Тој посочи дека Министерството за локална самоуправа, како носител на политики за рамномерен регионален развој и унапредување на системот на локално управување е активно посветено на изнаоѓање системски решенија кои ги подобруваат условите за работа на општините, а со тоа и квалитетот на живот на граѓаните.
Перински потенцираше дека Министерството делува како партнер на општините и притоа создава услови за нивна поголема ефикасност, транспарентност и испорака на поквалитетни јавни услуги.
Со измените и дополнувањата на Законот за локалната самоуправа, посочи Перински, се предвидуваат нови механизми за одговорност пред граѓаните, како што е можноста за иницирање референдум за доверба на градоначалник, зголемена транспарентност и отчетност на општинските Совети и поголема вклученост на граѓаните во креирањето на локалните политики.
Министерот посебно ја истакна улогата на граѓанскиот сектор и во политиката за рамномерен регионален развој. Здруженијата и бизнис секторот се вклучени во Советите за развој на планските региони, а преку регионални форуми се осигурува учество и при планирањето и финансирањето на проекти.
Во рамки на Програмата за децентрализација и одржлив развој 2021–2026, се предвидуваат активности насочени кон млади, жени и ранливи категории, преку иновативни општински центри, акцелератори и инкубатори.
„Ова се само дел од активностите преку кои го поттикнуваме развојот, соработката и вклученоста на граѓаните. Само преку отвореност и партнерство можеме да ги препознаеме и адресираме вистинските потреби на заедниците“, истакна Перински.
Македонија
Муцунски: Од позиција на климање со глава, се вративме на патот на самопочит и влијание

Во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија се одржа прес-конференција по повод една година од мандатот на Владата. Во рамки на прес-конференцијата свои обраќања имаа министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски и развојни зони, Гоце Димовски.
„Во периодот од конституирањето на Владата до денес, со ново поставените цели и приоритети на Владата и МНРНТ, постигнавме суштинско редефинирање на македонската надворешна политика – проширена и со портфолиото на надворешна трговија“, истакна Муцунски.
Според него, клучен чекор беше донесувањето на новиот Закон за надворешни работи.
„Со овој закон го зголемивме задолжителниот процент на професионални амбасадори, ги подобривме условите за работа на дипломатите, ги презедовме надлежностите во делот на надворешната трговија и воспоставивме јасна законска рамка за улогата на законодавниот дом во меѓународните односи“, нагласи Муцунски.
Фокусот, додаде тој, беше ставен на јакнење на билатералниот политички дијалог и економската соработка, со стратешките партнери, со соседите преку добрососедски односи, со земјите-членки на НАТО и ЕУ, како и со држави од сите региони – билатерално и во рамките на мултилатерални организации, со цел успешно позиционирање на државата на меѓународната сцена.
„Ги продлабочивме односите со традиционалните партнери и изградивме нови пријателства“, рече министерот.
Потенцира дека членството во НАТО останува клучно.
Во делот на ЕУ интеграцијата, подготвена и усвоена е Реформската агенда 2024–2027, како дел од Планот за раст на Западен Балкан. „Со навремена имплементација, станавме прва држава што доби предфинансирање од 52,4 милиони евра“, потенцира министерот.
Појасни дека партнерството со САД останува столб на надворешната политика.
Во делот на конзуларните услуги, набавена е нова опрема за биометриска обработка, зајакнати се капацитетите за пасоши, продолжена е усогласеноста со ЕУ, а е завршена фазата за усогласување со Турција. Постигната е визната либерализација со ОАЕ, а во завршна фаза е и спогодбата со Азербејџан за безвизно патување на носителите на дипломатски и службени патни исправи.
„Дијаспората останува важен дел од нашата политика. Поддржани се 25 проекти, се евалуираат 117 нови, се работи на избор на стипендисти и се изработува Национална стратегија 2025–2030.
Навраќајќи се на трагедијата во Кочани Муцунски кажа дека министерството имало клучна координациска улога. „Упативме над 100 наши граѓани на лекување во 14 европски земји. Реализиравме и успешни евакуации од Блискиот Исток“, акцентираше Муцунски.
„Дипломатијата не е само надворешна политика, таа е карактерот на државата во очите на светот. И оваа година, изградивме карактер – достоинствен, цврст и целосно усогласен со националните интереси. Карактер што го носи секој вистински Македонец со гордост. Дипломатијата не се гради само со документи и средби, туку со секој збор, секоја постапка и секое партнерство. Токму во тоа успеавме. Од позиција на климање со глава, се вративме на патот на самопочит, стабилност и влијание. Денес сме држава што гради, нуди и создава – со почит, визија и интегритет. Со ваков карактер, ја потврдивме нашата позиција како кредибилен и респектиран партнер. А најважно – ја вративме довербата на граѓаните“, заклучи Муцунски.