Македонија
ДЗС: Се стабилизира водостојот на реките – нема податоци за вкупната штета
По поплавите кои ја зафатија земјава и регионот Дирекцијата за заштита и спасување информира дека водостојот на сите реки во Македонија е намален, освен на реката Вардар кај Гевгелија.
Во моментов, според информациите на ДЗС, нема прелевање на браните и езерата.
Хидрометеоролозите прогнозираат дека до четврток попладне нема да има врнежи од дожд, што остава простор за стабилизирање на водостојот на реките. Врнежи се очекуваат во четврток попладне, но се очекува да бидат краткотрајни.
„Водостојот на реките Треска кај Македонски брод, на реката Вардар во реонот на селото Раотинце, Копанце и Туденце, реката Радика, Вардар кај Велес, реката Струмица кај село Сушево, Вардар кај Демир Капија, реката Брегалница, во општина Карбинци, реката Брегалница на подрачјето на општина Делчево, Злетовска река во Пробиштип, Црна река во општина Демир Хисар, Пчиња во реонот на Старо Нагоричане, Крива река во Крива Паланка и Ранковце се повлекува и осетно намален“ изјави директорот на ДЗС, Шабан Салиу.
Зголемениот водостој на реката Вардар ноќеска предизвика поплавување на земјоделски површини и оранжерии во валандовско, село Марвинци и под село Грчиште, но во утринските часови водостојот е осетно намален и не предизвикува дополнителни поплавувања. Оштетени и срушени се мостови во Куманово, Кратово, Градско, Неготино, Крива Паланка, Виница.
Причините за ваквите состојби, според ДЗС се обилните врнежи на дожд викендов, како и несовесното човечко однесување, дивите копања на песок, како и фрлањето на отпаден материјал.
ДЗС се уште нема податоци колкава материјална штета направија поплавите низ земјава./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

