Македонија
Предлогот за распуштање на Парламентот во понеделник пред пратениците
Парламентарците во понеделник ќе расправаат за Предлог- одлуката за распуштање на парламентот која во неделата беше доставена до законодавниот дом од пратеничката група на СДСМ.
Од Кабинетот на претседателот на Собранието Трајко Вељановски, информираа дека тоа ќе биде единствена точка на дневен ред, а Предлог измените за Изборниот закон кој исто така беа поднесени од опозициската СДСМ, ќе бидат ставени на дневен ред на пленарната седница на 27ми овој месец.
Се очекува дека Предлог-одлуката која доби поддршка од сите опозициски партии, да не биде прифатена бидејќи ставот на владејачкото мнозинство смета дека не постојат објективни причини и оправданост за предвремени парламентарни избори.
Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ доцна синоќа одлучи да не го прифати предлогот на опозицијата за предвремени парламентарни избори бидејќи, како што истакнуваат, во моментот не постојат никакви објективни причини и оправданост за прекинување на доверениот четиригодишен мандат од страна на граѓаните за остварување на ветените проекти во програмата.
Од ДУИ уште еднаш го повторија ставот дека не се за предвремени избори и оти прво треба да се реши спорот со името.
„Мислиме дека предвремените избори придонесуваат за губење на време на Македонија и забавување на сите евроинтеграциски процеси“, изјави пратеникот Сафет Незири од ДУИ.
За обвинувањата од опозицијата дека ваквата одлука е бегање од соочувањето со граѓаните, Незири рече дека таквите изјави се од недостаток на аргументи и политички алтернативи.
„Тие со ниски удари се обидуваат да ги обвинат политичките субјекти кои носат одговорност кон државата“, рече Незири.
За Либерално-демократската партија и покрај тоа што ја поддржуваат иницијативата на СДСМ, таа е несериозна, а одлуката на ВМРО-ДПМНЕ ја оценија како несериозен одговор.
„За Либерално-демократската партија ова е несериозен одговор на една несериозна иницијатива. Како што кажав во повеќе наврати, ЛДП ја поддржува иницијативата за предвремени избори и ние сме подготвени веднаш да одиме на избори“, изјави Андреј Жерновски од ЛДП./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и релативно топло, максималната температура до 20 степени
Сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Времето во наредните денови
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност. Во утринските часови по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла. Во четврток се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, особено во попладневните часови и во текот на ноќта.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.

