Македонија
Милошоски: Би сакале Грција да има европски пристап
Шефот на македонската дипломатија, Антонио Милошоски како очекувани ги оцени заклучоците за земјата усвоени вчера од страна на министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија, во кои се вели дека Советот на Европската Унија е подготвен да се наврати на прашањето за отворање на пристапни преговори со Македонија за време на следното, унгарско претседателство со Унијата.Милошоски, кој денеска беше домаќин на претставници од земјите-членки на Повелбата за партнерство, побара Грција да има современ европски пристап кога е во прашање проширувањето на ЕУ. Истовремено, Милошоски изрази очекување дека Грција што поскоро ќе ја надмине економската криза со која се соочува.„Сметам дека се очекувани заклучоците на Советот на министрите. Она што може да се потенцира е тоа што Советот го споделува заклучокот, оценката и препораката на Европската Комисија дека земјата како кандидат ги пресретнува политичките критериуми и е подготвена да отпочне преговори за членство. Сепак, знаеме дека една земја-членка на Европската Унија се уште не го овозможува одлучувањето по ова прашање и создава пречки при донесувањето на евентуална таква одлука. Ние би сакале Република Грција како земја-членка на Европската Унија да има еден европски, современ пристап и кон Република Македонија и кон кредибилитетот на самиот процес на проширување на Европската Унија и сметам дека тоа ќе биде во интерес на сите нас. И, секако, сакаме да видиме еден сосед како Грција којшто поскоро ќе може да застане на вистинскиот економски пат за надминување на тешката криза со којашто се соочуваат и којашто нормално би било добро да се надмине што поскоро во интерес на развојот на регионот во целина“, рече Милошоски.Шефовите на дипломатии на земјите членки на Европската Унија по вчерашниот состанок во Брисел усвоија заклучок, според кој Советот на ЕУ е подготвен да се наврати на прашањето за отворање пристапни преговори со Македонија во текот на унгарското претседателство. Во нив се забележува и потребата Македонија да одржува добрососедски односи и истовремено да работи на надминување на проблемот со името со Грција. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК: Излезноста до 9 часот во четирите општини е 1,12 отсто
Државната изборна комисија на својата веб-страница објави дека до 9:00 часот утринава, излезноста на гласачите во четирите општини каде што се одржуваат повторени избори за градоначалник е 1,12%.
По општини:
– Врапчиште – 1%
– Гостивар – 0,93%
– Маврово–Ростуше – 2,89%
– Центар Жупа – 0,75%
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, на прес-конференција кажа дека на избирачките места кои се отворени навреме, гласањето тече непречено, без поголеми тешкотии. Поради временските прилики со задоцнување се отворени неколку избирачки места, а едно избирачкото место во Ќафа не е воопшто отворено.
Денеска се гласа на вкупно 215 избирачки места, а право на глас имаат 128.286 избирачи.
Македонија
(Видео) Успешно спасени двајца вработени во мобилен оператор заглавени во снег кај Лазарополе
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 синоќа беа заглавени во снег кај село Лазарополе, во близина на базната станица на операторот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил пријавен во 23:30 часот, откако со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Веднаш по пријавата, во акцијата биле ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, како и на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со две теренски возила, опремени со санки за снег и спасувачка опрема, екипите се упатиле кон местото на настанот.
„Денеска (11.01.) во 08:30 часот, лицата биле пронајдени и успешно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за лицата Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка „VW Amarok“ со скопски регистерски ознаки.
Тие биле пронајдени на локација позната како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на село Лазарополе“, стои во објавата на МВР.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.

