Македонија
Уапсен Велија Рамковски
Уапсен е сопственикот на А1 телевизија Велија Рамковски. Тој бил приведен доцна вечерва во просториите на телевизијата. Веста за приведувањето за Макфакс ја потврдија од МВР, но не наведуваат детали зошто е приведен бизнисменот и сопственик на националната телевизија А1.Покрај Рамковски, во вечерашната акција на полицијата уапсена е и директорката на телевизијата, Анета Кочишки, како и неколкумина управители на фирмите што се регистрирани на ул. „Перо Наков“ ББ, објави самата телевизија во рамки на програмата Студио 2.Рамковски и другите приведени во моментов се наоѓаат на распит во една од скопските полициски станици.Пред неполн месец телевизијата А1 објави дека полицијата извршила упад во нивните простории без да објасни за што се работи. Главниот и одговорен уредник Младен Чадиковски изјави дека вработените буквално биле заробени и не им било дозволено да влегуваат и излегуваат од дворот на телевизијата.Од МВР тогаш ги демантираа тврдењата на А1 дека им било оневозможено движењето на вработените. МВР тврдеше дека полицијата не извршила упад во телевизијата и дека не се работи за акција, туку за асистенција на финансиската полиција и на екипа на УЈП кои треба да извршат увид во работењето на фирми на сопственикот Велија Рамковски, кои се наоѓаат на истата адреса со телевизијата А1./крај/макфакс/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Состојба по обилните врнежи во Македонија: пресек на ЦУК до 18:30 часот
Центарот за управување со кризи направи пресек на состојбата по врнежите на територијата на Македонија до 18:30 часот.
Тетовски регион
Тетово
На патниот правец Тетово – Бањиче, пред ресторанот „Лумаре“, има падната голема карпа на коловозот со опасност од дополнителни одрони. За настанот се известени ЈКП Тетово, СВР Тетово и ДЗС, кои преземаат мерки согласно надлежностите.
Состојбата во градот и околината е стабилна, патната инфраструктура е проодна, а коловозите се претежно влажни.
Гостивар – Маврово
Кај каменоломот е евидентиран одрон на патниот правец Гостивар – Маврово. Надлежните служби се известени и најавено е расчистување и обезбедување на сообраќајот.
Тиквешки регион
Кавадарци
Во ридско-планинскиот дел се интервенира со два камиона на патните правци Кавадарци – Мушов Гроб – Мрежичко, Мушов Гроб – Михајлово и Страгово – Горна Бошава. Сите патишта се проодни во зимски услови. Висината на снежната покривка е до 15 см. Во останатите населени места нема снег.
Североисточен регион
Куманово, Липково и Старо Нагоричане
Нема излевање на реките, а водостоите се во опаѓање. Патот од с. Пелинце до Граничен премин Пелинце беше подмрзнат и небезбеден, по што е извршена интервенција и патот е расчистен.
Крива Паланка
Сите локални и регионални патни правци се проодни и чисти. Интервенирано е на патот кон манастирот Св. Јоаким Осоговски поради одрон.
Ранковце
Патот од с. Пклиште до с. Герман е затрупан со снег и е испратена механизација за расчистување. Делницата е со кашаст снег и отежнато движење.
Кратово
Сите локални патни правци се проодни. Водостоите на реките не претставуваат опасност од излевање.
Источен регион
Штип
Нема врнежи. Водостоите се зголемени, но без опасност од поплавување. На патните правци Истибања – Делчево – граничен премин, Виница – Берово и Штип – Неготино има помали одрони кои редовно се расчистуваат.
Југозападен регион
Охрид
Реката Сушица е ставена под контрола со насип. Сè уште има поплавени подруми и дворови на повеќе локации.
Струга
Во селата Мислешево и Калишта има поплавени дворови. Санирањето е отежнато поради непречено истекување на водата.
Дебар
Реката Радика има зголемен водостој без опасност од излевање. Има помали одрони на патните правци Жировница – Дебар и Дебар – Струга, кои редовно се расчистуваат.
Кичево
Водостоите на Зајашка река и Треска се намалени и нема опасност од нови поплави. Во тек е состанок на општинскиот кризен штаб за проценка на штети и планирање на санација.
Пелагониски регион
Демир Хисар
Поради оштетување на мостот на Боишка Река, локалниот пат кон с. Мренога е затворен за сообраќај.
Битола
Состојбата во градското подрачје е нормализирана. Во околните места водата се повлекува од поплавените површини.
Крушево
Сите локални и регионални патни правци се исчистени, посолени и проодни.
Ресен
Поплавени се земјоделски површини, но водата се повлекува. Во тек е интервенција со градежна механизација за расчистување на коритото на Голема Река.
Новаци
Нивото на река Црна изнесува 320 см и се следи континуирано.
Македонија
(Видео) ДИК: Излезноста на повторените локални избори во четири општини до 18:30 часот е 28,07 проценти
Државната изборна комисија соопшти дека излезноста на повторените избори до 18:30 часот изнесува 28,07 отсто.
По општини:
– Врапчиште: 31,76 %
– Гостивар: 28,22 %
– Маврово и Ростуше: 28,04 %
– Центар Жупа: 13,18 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека поради задоцнето отворање, ќе има продолжување на пет избирачки места, три во Гостивар и две во Маврово-Ростуше. Најдолгото продолжување на гласањето во траење од 2 часа и 45 минути ќе биде на избирачко место 503 во Гостивар.
На избирачкото место 0782 во Ќафа немало гласање бидејќи тоа воопшто не било отворено.
Македонија
ДИК: Излезноста до 15 часот изнесува 18,18 отсто
Државната изборна комисија соопшти дека до 15:00 часот, на повторените избори за градоначалник во општините Врапчиште, Гостивар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, гласале вкупно 23.298 гласачи, што претставува 18,18 отсто од вкупно запишаните 128.286 гласачи.
По општини:
– Врапчиште – 21,01%
– Гостивар – 17,85%
– Центар Жупа – 10,99%
– Маврово и Ростуше – 18,60%
Гласањето се спроведува на 215 избирачки места.

