Македонија
Првиот украински автобус на хомологација

Пристигна првиот укараински автобус од 84-те кои ги изработува ЛАЗ „Лвовски Автобусни Заводи“, а се наменети за потребите на јавниот превоз во Скопје.
Во соопштението на ЈСП се вели дека првиот автобус е однесен на хомологација во Машинскиот факултет.
Од министерството за транспорт и врски велат дека доколку не биде почитуван договорот да бидат испорачани 15 автобуси до Нова година, производителот секој ден ќе треба да плаќа пенали кои изнесуваат 0,1 отсто од вкупната вредност на договорот во рок од 30 дена.
По истекот на рокот за плаќање на пенали договорот ќе биде раскинат во случај да не бидат испорачани автобусите.
За украинскиот ЛАЗ остануваат уште три дена да ги испорача предвидените 15 автобуси, а до крајот на 2011 треба да пристигнат уште 69 автобуси, од кои четири ќе бидат дупли, а останатите единечни. /крај/со/мт
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Независниот синдикат на полицијата најави протест: Основната плата на полицијата не може да биде под минималната плата во државата

Независниот синдикат на полицијата денеска со почеток од 12.00 часот на раскрсницата Мавровка кај судовите ќе одржи полициски протест.
„Полициската плата е составена од основна плата и зголемување од 30%. Основната плата на полицијата не може да биде под минималната плата во државата. Бараме воедначување на судската пракса на апелациониот суд Скопје со Апелационите судови од Битола и Гостивар кој го потврдуваат нашето барање. Протестот ќе започне пред судовите, ќе се одржат кратки говори и ќе се упатиме пеш кон судскиот совет“, велат од Независниот синдикат на полицијата.
Од таму најавија и прес-конференција исто така на раскрсницата кај Мавровка во 12.15 часот.
Македонија
Ѓорче Петров и Аеродром денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат:
· Во периодот од 09:00 – 10:00 часот дел од корисниците од село Кучково кон Манастир, општина Ѓорче Петров;
· Во периодот од 09:00 – 12:00 часот дел од корисниците на улицата Гаврил Констатиновиќ (околу бр.57), општина Аеродром;
· Во периодот од 09:00 – 10:00 часот корисниците од улицата Алексо Демниевски 17, 11 и други куќи во близина, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, попладне нестабилно со пороен дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 12, а максималната ќе достигне од 17 до 25 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Времето во наредните денови
Во следните денови времето ќе биде променливо облачно и посвежо со повремен локален дожд.