Македонија
Солидна година во дипломатијата, смета Милошоски
Шефот на македонската дипломатија, Антонио Милошоски, како солидна за Македонија ја оцени 2010-та година во однос на дипломатските активности на земјата.Смета дека извештајот на Европската Комисија и македонското претседателство со Комитетот на министри на Советот на Европа се доволен доказ за тоа.„Сметам дека успехот во рамки на дипломатските ангажмани треба да биде согледуван и во рамки на нашето дејствување, но и во околностите во коешто тоа се случува. Знаеме дека Република Македонија, доколку не беше блокирана од страна на Република Грција во однос на НАТО и евро-интеграциите, бевме способни, подготвени, да направиме еден поголем исчекор. Во секој случај, позитивниот извештај што го добивме од Европската комисија, препораката и споделувањето на таа препорака од страна на Советот на Eвропската Унија, како и другите активности на меѓународен план, вклучително и македонското претседавање со Советот на Европа, ни даваат една добра основа да сметаме дека 2010-та година беше една солидна година во однос на нашите меѓународни активности“, изјави Милошоски.Тој на денешниот редовен Дипломатски Совет со македонските амбасадори во светот побара активност и посветеност, како во однос на политичката, така и во однос на соработката на другите полиња со земјите во кои се ангажирани. „Секој ќе треба да биде активен, ангажиран, посветен на својата работа, исполнителен, да ги унапредуваме билатералните односи со земјите во кои нашите амбасадори се акредитирани и секако да имаме што поголема иницијативност во однос на конкретните проекти кои не секогаш се поврзани со политика. Амбасадорската работа значи и активности во областа на трговијата, економијата, културата, соработката во одбраната и на други полиња“, изјави Милошоски.Во однос на критиките за скорешно именуваните амбасадори, Милошоски вели дека тие треба да се оценат според нивните резултати во земјата каде што се испратени. „Јас би сакал да се согласам со фактот што некој од кандидатите за амбасадори можат да се претстават подобро, некои можеби се претставуваат послабо во таа комуникација со комисијата за надворешна политика. Но во секој случај, главниот тест за секој веќе упатен амбасадор или амбасадори коишто наскоро ќе стапат на должност ќе биде активноста, залагањето и проектите во самата земја на престој. Очекуваме ваквите критики да бидат дополнителна мотивација за секој амбасадор да биде попосветен и поодговорен во рамки на своите задачи и надлежности во земјите во кои ја претставуваат Република Македонија“, вели Милошоски.Тој е задоволен од моменталниот амбасадорски состав на земјата.„Во овој момент имаме 42 акредитирани амбасадори, од коишто 21 амбасадор се дипломати од кариера, 21 се номинирани од страна на другите политички или општествени ресурси во земјата. Има една комбинација, еден спој и на помлади, поентузијасти, и на поискусни и политички поопитни луѓе во нашиот дипломатски кор. Сметам дека Република Македонија генерално земено, има еден солиден амбасадорски состав во овој момент. Но во секој случај, би кажал дека проценката за секој сегашен и иден амбасадор треба да биде оценка во текот на неговиот мандат согласно залагањата и постигнувањата во земјата каде што е упатен“, изјави Милошоски.На денешниот состанок Милошоски со амбасадорите размени мислења за македонско-грчкиот дијалог за името, процесот покренат пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг, реформите во администрацијата и судството, унгарското и полското претседателство со Европската Унија предвидени за идната година, за регионалната соработка и прашањето за Косово, за кандидатури на Македонија во меѓународни организации, календар на билатерални посети во 2011-та година, економската дипломатија во услови на светска криза, како и за меѓународна промоција на настанот за Меморијалниот центар на Холокаустот, планиран за март 2011-та година. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.

На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

